angelkovski glavna

Најдоброто од 2013 – Благоја Ангелковски, кројач со традиција: Шијам сако подобро од Армани!

За жал, младите мислат дека цел ден ќе седат и ќе цртаат модели. Ама не знаат дека занает не се учи од гледање, вели кројачот со традиција Ангелковски.

angelkovski 02Благоја Ангелковски е во кројачкиот занает уште од 1950-та година. Уште како дете во неговата куќа имало машина и татко му шиел по малку. Биле повеќе деца, па морало од нешто да се живее.

„Татко ми сметаше дека повеќе му се исплатува да купи машина за шиење и по нешто да шие аматерски за да заштеди од домашниот трошок, беше тоа време кога повеќе се ценеа парите. Како дете, бидејќи тогаш немаше играчки, повеќе време се врткав околу машината и така ми дојде идеја да одам на занает. На почетокот татко ми се обидуваше да ме премисли, но јас инсистирав да биде токму кројачкиот занает. Занаетот отидов да го учам во тогашните коперации, градски шивални во кои имаше видни мајстори каде на татко ми му рекоа дека треба претпладне да останувам таму да го учам занетот, а попладне да одам во школо.

Уште на самиот почеток покажав успех, на време положив мајсторски испит и училиштето го завршив со добар успех. Почнав да работам, имав мои сеуште детски желби да си купам хармоника за да свирам во друштво. Исто така голема желба ми беше да купам велосипед, па и таа желба си ја исполнив. Работев кај мајстор Доне Арсов до кино “Култура“, во меѓувреме мајсторите се менуваа, а јас останував и собирав искуство од секој од нив. Крадев од занаетот, но и за тоа требаше желба и љубов кон работата. Единаесет години останав таму, го изучив занетот, но јас и ден-денес учам. Во занетот нема крај на учењето, излегуваат нови работи кои треба да се следат, јас сум таков човек кој постојано сака да внесува нешто ново и на своја иницијатива“- се сеќава Ангелковски. Но, свој дуќан отворил по поплавата, во 1962-ра година, на местото каде што сега е зградата на ЗОИЛ. Само што го направил, со убави завеси и мушама која тогаш беше модерна, се случил земјотресот. Дуќанот се срушил и сите машини се упропастиле. – Веќе бев познат во градов како добар мајстор, си имав свои муштерии.Но, бидејќи дуќанот ми падна, барав ново место за дуќан, некаде подалеку од високи згради од страв повторно да не се случи земјотрес. Пријателите ме наговараа да заминам во некој друг град, зошто сметаа дека Скопје повеќе нема да го биде. Еден ден со синот решив да заминам во Белград каде добрите кројачи добро се котираа, имаше висок стандард. Веднаш ме примија во една шивална, сепак не останав, ме влечеше љубовта кон Скопје“- вели мајстор Благоја. Во 1964-та година веднаш почнал со работа во овој дуќан во кој е до денес“.

Покажуваат ли денес младите интерес за занаетот?

angelkovski 2Ангелковски: За жал младите и пред дваесет-триесет години, и сега многу ретко покажуваат таков интерес. Еве јас толку години имам дуќан, дали сум имал десетина ученици. Сум давал и огласи за да привлечам ученици, на ваков дуќан потребни му се млади деца, да научат занает, но кога ќе видат дека треба да се шие на машина разочарани си заминуваат. Младите мислат дека цел ден ќе седат и ќе цртаат модели, занает не се учи од гледање… Јас имам и син, и ќерка, но ни тие не пројавија интерес. Синот ми е оптичар и си го зема својот син да работи на неговиот занает. Ќерка ми, пак, отиде во сосема друга професија, си заврши музичка школа. Сепак имам наследник, внукот Горјан заврши Текстилно училиште и на моја радост работи со мене во дуќанов.

Колку ја следите модата, од каде ги црпите идеите?

Ангелковски: Порано за да се научи нешто беше атракција да се отиде во Франција или Италија, да се види мода. И јас сум го правел истото, по излозите сум гледал убави работи, но секогаш сум се трудел јас да направам и поубаво. Бев во Монте Карло и во павилјоните во близина на коцкарницата , која нели задолжително се посетува, во излозите гледам модели од “Армани“, Во себе си помислив, без претерување, дека јас можам и малку подобро сако да направам. И во Франција, и секаде има и добри, и најлоши кројачи. Сега многу поретко одам во странство бидејќи имаме и весници, и телевизија каде можеме да видиме модели од сите креатори. Јас имам каталог од “Вог“ кој мене најмногу ми одговара. Тоа ми е доволно, како да сум ја прошетал цела Франција. Шијам машки и женски костуми по идеја на муштеријата, со мои сугестии.

Знаеме дека нашите најдобри текстилни фабрики се затворија, имате ли квалитетни штофови за шиење костуми?

angelkovski 03Ангелковски: Па, се снаоѓам некако, како и сите. Најчесто набавувам од фирмата МТТ комерц, кои се увозници на штофови од Словенија и Италија. И секако работам со материјали кои муштериите сами си ги набавуваат, ако така сакаат. Тоа работа на избор.

Кои се вашите муштерии?

Ангелковски: Многу од нив веќе и сум ги заборавил, но првите не се забораваат никогаш. Се сеќавам дека шиев за учесниците на првиот Скопски фестивал, Мијалковски, Јане Коџобашија, Зоран Георгиев, речиси сите пејачи и композитори. Многумина од постарите актери беа мои муштерии – Петре Прличко, Ристо Шишков… Подоцна дојдоа политичарите и дипломатите, првиот претседател на Македонија г-динот Киро Глигоров, германскиот, холандскиот, бугарскиот, италијанскиот амбасадор, според муштериите чувствувам дека сум се докажал, дека ме ценат, ме знаат дури и во странство. Знаете, странците никогаш не доаѓаат случајно, преку нивните соработници од овде секогаш одлично се информирани кој е најдобар кројач, бербер или автомеханичар во градов.

Пред нас се матурските прослави, има ли доволно интерес кај младите за шиење костуми?

Ангелковски: Има, и задоволен сум што младите знаат да го препознаат квалитетот. Тие што не сакаат конфекциски производ, нешто што ќе го видат на некој околу себе, доаѓаат кај нас. Носат модели од Интернет или од некој каталог и според нив или со некои модификации можат да бидат сигурни дека ќе носат уникатен костум. Од друга страна, пак, тврдам дека шиење на костум чини многу помалку отколку да се купи готов. Костум со мој штоф чини најмногу 9000 денари, а ист таков готов би бил дваесет, па и триесет илјади. Значи се е работа на вкус и личен избор.

Јасмина Силјановска

Еден коментар

Испрати коментар

Вашата е-мејл адресса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>