Од Шпанецот до Американецот, преку Македонецот и Африканецот: толку е едноставно да ги препознаете. Доволен е само еден поглед. На нивните чевли.
ШПАНЕЦ
Личи на Салвадор Дали. Можеби, и токму тој е. Нозете му се вити, нервозни. Мислиш, со стапалата не допира на земјата. Сака нови чизми. Исти како старите. Високи, тесни, долж ногата – до колениците. Точно по негова мерка. Сака да ги навлече како што ги облекува чорапите. Не пробува многу за да го добие саканиот ефект: се фаќа за првите кои му се втора кожа. Под панталоните не се гледа моделот. Само тој знае дека носи чизми.
АФРИКАНЕЦ
Не може да не го забележите. Има држење на принц. Величествен е како Секу Туре, а импонира како Меџик Џонсон. Погледот му е продорен. Овој кицош, секогаш облечен во црно, студирал на големите англиски и американски универзитети. Има повеќе манири од баронот од Ланкашир, повеќе е хај-тек од генијот од Силиконската долина. Фасциниран е од историјата на уметноста, а на жените им зборува како никој претходно. Со својата висина, од речиси 2 метра, доминира над светот. Може да се сопне, само на – одврзаните врвци.
АНГЛИЧАНЕЦ
Англичаните измислиле се’. Го измислиле капитализмот, спортот, рокенролот и војводата од Виндзор. Во Лондон ќе налетате на „куп“ банкари кои ви личат на Елтон Џон, сметководители кои имаат панк фризури, високи функционери со тетоважа на телото. Но, во овој супер-забавен свет, најмногу се забавува мистер Биамонти. Банкар, речиси 12 генерации, под својот перфектно испеглан мантил носи совршен костум во три дела. И прекрасна вратоврска. Таму каде што завршува правилната линија на неговите панталони, се наѕираат зелено-бронзените чевли. Тој е навистина човек кој знае како да се забавува. Освен, во луксузната продавница за чевли.
ФРАНЦУЗИН
Пред Пруст, тој се правеше Англичанец. Потоа, стана прустијанец. Џон Галијано ги има и двете карактеристики. Влегува во бутикот, како да напаѓа брод. Под гардеробата, му се отсликува неговата пиратска мускулатура. Секогаш е во движење, но со изненадувачка милост знае да слуша додека некој му зборува. Бара чевли кои се лесни, би сакал да не ги чувствува. Бара нешто што е многу повеќе од чевел: нешто што има фантазија. Излегува од бутикот задоволен. Вели дека одбрал чиста класика, додека од нозете „му цветаат“ цветови.
ИТАЛИЈАНЕЦ
Има поглед на сокол. Подготвен е да заведува. Носи по два часовника на раката, за никогаш да не пропушти некаков состанок. Едноставно, мора да се движи. А кога се движи – сите го гледаат. Императорот е навикнат на боси нозе. Од навика, не облекува чорапи. Ги навлекува бродариците уште штом ќе се разбуди, а тие се најчесто во медова боја. Може и со втиснати иницијали од неговото име.
АМЕРИКАНЕЦ
Овој екс-маринец има градба која „ве погодува“. Се’ му е под нозете, кои инаку, се крупни и силни. Харви Кејтел го сака европскиот класицизам. За него, вистински чевли се само Дерби и Ришеље. Зборува како да е стручњак за нив, знае се’ за рабовите и калапите. Но сепак, на неговата пре-купена англиска облека, мисли дека најдобро му „одат“ сандалите со боја на малина.
ЈАПОНЕЦ
Тој е совршен. Не знаете што е по професија. Личи на голем филозоф, но е премногу млад за тоа. Премногу е комплициран за да биде бизнисмен. Премногу строг за да биде син на некој богаташ. Ова јапонско момче е вистинска мистерија. Бара од моделите со дупчиња. Пробува неколку. Сите му стојат прекрасно, како да се креирани токму за него. „Сакам гравирани чевли“ – зборува на совршен француски јазик. Сега, со „Берлути“-те на нозе, може да шета низ цел Париз. Господинот Шуитсу Танака ќе ви ја остави својата визит картичка. Од неа ќе дознаете дека работи како келнер во Токио.
МАКЕДОНЕЦ
Сака да е сосема различен од претците. Токму затоа се грози од се’ што има форма на опинци. И секој кој е облечен поинаку од него го нарекува „опинок“. Би ја жртвувал целата плата за само еден чифт „Балдинини“. Не прашува колку чинат, туку може ли да плати на рати. Со остатокот, би авансирал за „Левис“, а кусурот го чува само за црвеното „Марлборо“. Стокмен како пијан милијардер, налактен на шанкот на некое кафуле, со часови може да зјапа во убавиците од малиот град. Би сакал да е мешавина од сите претходни мажи: малку Шпанец, малку Африканец, Англичанец, Французин, Италијанец, Американец…, само никако не и Јапонец. Но на неговите нови чевли, малку кал е секогаш присутна.
ДЕТЕ
Детето долго гледа во излогот. Потоа, најпосле, влегува. Прашува. Сака да ги види сите модели, но се фаќа за „ортопедските“. Бара да ја слушне приказната за нив. Сака да дознае зошто така се викаат. Да знае за кого се направени. Му објаснуваат дека еден канадски професор ги направил за еден конкурс на кој сакал да докаже дека стапалата се најважен дел од телото. Професорот верувал дека добрите чевли го чуваат здравјето, срцето и белите дробови, и сметал дека ако ги чуваме стапалата во совршена состојба може да достигнеме старост дури од 120 години. Детето прашува за цената и се заблагодарува. Нама ни полни десеттина години. Веќе следниот ден се враќа во продавницата, заедно со мајка му. Ги зема истите чевли. Сака да ги подари на својот татко, за роденденот. За уште 120 години љубов.
J.K.