Чорба од моркови со лук и ѓумбир

Убавата чорба секогаш го подобрува расположението, а оваа е суперпогодна и здрава за постудените денови и сезоната на грип. И превкусна е!

Потребни намирници – 1 кг моркови, 1 кромид, 3 чешниња лук, 1 см корен од ѓумбир, половина лажичка лута толчена пиперка, половина лажичка мајчина душичка, 800 мл супа, 3 лажици маслиново масло, сол и црн пипер по желба.

Подготовка

Излупете ги морковите и исечкајте ги на мали парченца, кромидот излупете го и поделете го на четвртинки, лукот оставете го во луспата. Заедно ставете ги во огноотпорен сад и прелијте ги со 3 лажици маслиново масло. Печете ги во рерна на 200 степени околу 45 минути, од време на време промешувајќи.

Извадете ги од рерна и оставете зеленчукот малку да се олади. Потоа, ставете го во блендер, лукот претходно излупете го, и блендирајте постепено додавајќи ја супата додека не ја добиете посакуваната густина.

Претурете ја чорбата во лонец, додадете го изренданиот ѓумбир, лутата пиперка и мајчината душичка, па посолете и наросите малку црн пипер. Ставете го лончето малку на рингла додека чорбата не почне да врие.

Послужете со препечен леб и павлака.

x

Check Also

3 поинакви рецепти со спанаќ што ќе ве освојат „од прва“

Го сакате спанаќот, но би сакале да пробате нешто поинакво од познатиот ...