Фотографирање, Морнарица САД via Flickr

Дали навистина го видовме тоа што го фотографиравме?

Просечниот патник на 21. век, отуѓен од себе и другите, не умее веќе да се релаксира и да ужива во своето патување. Кога всушност и да се релаксира кога од двонеделното патување просечно се носат околу илјада фотографии? Останатото време се проведува во разгледување на она што е фотографирано и задолжително споделување на Фејсбук.

Да не се испушти ни секунда фото  Dan Nguyen, via Flickr

Да не се испушти ни секунда фото Dan Nguyen, via Flickr

Не така одамна, кога група од неколку пријатели заминуваа на патување, се сметаше за среќна околност ако еден од нив носи фотоапарат и во него има филм од 36 снимки. Фотографирањето претставуваше случка, настан, се чекаше никој да не изостане, сите да се подготват за фотографирање и тие фотографии и денес имаат во себе еден посебен шарм и романтичност. Денес, на пример, двајца поаѓаат на одмор и носат два фотоапарати, плус најмалку два „паметни“ телефони. Во секој од овие апарати наместо филм се наоѓаат мемориски картички со толкав капацитет што можеме на нив да складираме цел фонд на една просечна општинска библиотека…И оттука почнува една нова опсесија. Се што ќе видиме и што ни изгледа интересно го фотографираме по неколку пати. Па, гледаме во минијатурното екранче, па повторуваме, па пак гледаме, па пет секунди подоцна повторно фотографираме од друг агол и така во недоглед.

Главно, масовното фотографирање на глетки, пејсажи, детали, особено на патувањата, во нашите сопствени очи не прави ненадминливи светски патници, авантуристи, а при тоа и уметнички души кои трагаат по уште незабележени природи и други убавини. Убедени дека никој пред нас не ја „уловил“ баш таа глетка, баш тој цвет или таков залез на сонцето, ги стегаме своите „гаџети“ во раката и светот го набљудуваме преку екранот на фотоапаратот, таблетот, телефонот.

Запрашајте се, кога последен пат само онака сте седеле и уживале во руменилото на заминувањето на сонцето загледани некаде во далечината, а да не сте се фатиле за некоја направа со која истиот миг тоа би го „овековечиле“, а потоа, многу брзо и споделите на социјалните мрежи. Зашто ако нешто не е забележано на фотографија и потоа поставено на Интернет, како и да не се случило. Не ни било.

Просечниот патник на 21. век, отуѓен од себе и другите, не умее веќе да се релаксира и да ужива во своето патување. Кога всушност и да се релаксира кога од двонеделното патување просечно се носат околу илјада фотографии? Останатото време се проведува во разгледување на она што е фотографирано и задолжително споделување на Фејсбук. Достапноста на различните „паметни“ направи и Интернетот на крајот навистина овој свет го претворија во глобално село, а сите нас во пасионирани фоторепортери. Знаеме дека Ајфеловата кула е поубава на разгледница, но сепак на Трокадеро се буткаме до оградата за и самите да ја забележиме. Дури ни во музеите не гледаме веќе со „голо око“, туку исклучително со окото на камерата, зашто многу е важно да се види дека тоа сме навистина ние, ние и никој друг, дека ние сме биле, виделе и „чкрапнале“ со апаратот. И секако, уште поважно е и сами да се најдеме на фотографијата, па позираме пред Ван Гог, Мона Лиза, Ворхол, античките скулптури, стануваме експонати на нашиот сопствен виртуелен музеј.

Лувр, толпа пред сликата Мона Лиза фото- Charlie Phillips, via Flickr

Лувр, толпа пред сликата Мона Лиза фото- Charlie Phillips, via Flickr

Дали некој, не така одамна, само онака стоел пред Мона Лиза и се запрашал што е тоа во неа толку фантастично, толку волшебно? И да посакал, не би можел, зашто цела толпа се турка околу она јаже што несреќната Џаконда ја одвојува (заедно со непробивното стакло) од денешниот свет, толпата се турка често и со грб завртена кон сликата, загледана повторно во некој објектив кој од позадината го забележува токму тој момент. Кога работата успешно ќе се сврши и екранот ќе ја покаже сликата која задоволува (можеби и профилна) се продолжува понатаму низ музејот, а Мона Лиза останува на тој свој ѕид, зад тоа свое непробивно стакло и црвеното јаже, да ја дочека новата група туристи.

И да се разбереме, не ви „попувам“ јас вам поради вашите фотографии повеќе отколку на себеси поради стотината гигабајти заземени на компјутерот од моите патувања, туку само се прашувам дали навистина го видовме се она што го фотографиравме, дали навистина уживавме во тие илјадници залези на сонцето кои ги споделивме на социјалните мрежи? И колку од тие спомени, после објавувањето на Фејсбук, воопшто повторно сме ги погледнале?

И уште едно потсетување : новите истражувања потврдуваат дека ако премногу фотографии поставуваме на својот ѕид на Фејсбук тоа прави пријателите помалку да ги „лајкуваат“. Нервозата на виртуелниот свет се огледува во тоа дека ни оди на нерви кога ќе видиме 150 фотографии од летувањето на пријателите, но сепак во прва пригода, и самите истото го правиме – поставуваме свои 150 фотографии. Уште поголема нервоза создава онаа ситуација кога ќе дојдете кај некој на гости, а тој го отвора целиот свој албум од летувањето, сите 1.200 „парчиња“ и со ред почнува до детали да ви ја објаснува една по една фотографија…Има ли крај?

Албуми за фотографии и понатаму постојат. Фотографски работилници и понатаму постојат. Одберете од милионите свои „фајлови“ нешто што навистина било незаборавно и направете албум со вистински фотографии, оние светликавите, на мрсна хартија. Ќе се изненадите што се има тука…

Сузана Спасиќ

 

 

x

Check Also

Убавината е минлива категорија. Стил, е тоа е веќе нешто!

Во облекувањето, во однесувањето и воопшто, во животот, велиме дека некој има ...