Дијана Богдановска со серија фотографии со меланхолична атмосфера

Минатогодишниот престој во „Култур контакт“ во Виена на младата уметница Дијана Богдановска ѝ овозможи да се поврзе со повеќе уметници, ценети критичари и австриски куратори од тамошната визуелна сцена. Резултат на соработката е самостојната изложба „Болници“, која од 26 февруари до 3 март 2015 година ќе биде поставена во галеријата „АА Колекција“ во Виена.

slika 2

Уметницата Дијана Богдановска во својот најнов проект – серија фотографии концпирани околу насловот „Болници“, го детектира и естетизира гнилежот во локалното (па и пошироко) секојдневие. Деконструктивизмот и симболиките на гнилост и изветвеност, кои провејуваат речиси во секоја фотографија, ефектно се вклопени во магловита, и речиси, сонлива атмосфера натежната со меланхолија, пишува Јана Колева во информацијата за изложбата.

Среде сета сценографија на старудии, лекови, завои и други симболични експонати, Богдановска го става и сопственото тело како елемент во болничката приказна. Поставувајќи се неретко себеси пред објективот, таа преку своите фотографии испишува една своевидна женска приказна за симболичното болничко лекување од сè она што нè гуши и затвора во прангите на апатијата, и макар краткотрајно, од чувството на безизлезност.

slika 3

Хамлетовото „Нешто е гнило во државата Данска…“ е сосема применлива формулација и за државата Македонија, па можеби и за „секаде и секогаш“ во општеството со сите фалинки и гнилежи кои му се инхерентни. Дијана Богдановска очигледно ги детектира таквите вибрации од својата непосредна околина и вградувајќи ги во својата уметност, ги прави подносливи. На некој начин, дури и го анихилира грдото ставајќи го во служба на уметноста и естетиката, потенцира Колева.

Дијана Богдановска е уметница која преку своите досегашни дела го истражувала интердисциплинарниот пристап на традиционалните и новите медиуми. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности (отсек -сликарство, насока – конзервација и реставрација), образованието го продолжува на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, каде што изучува родови студии. Токму од интересот кон општествените прашања, како феномен ја издвојува појавата на сиромаштија, поттикната од корпоративизмот.

x

Check Also

Пругаста кошула на врзување – нов модел од „Зара“

Кошула со длабок В-израз и на врзување на струкот што имитира свилена ...