Разговор со Франц Ботре: Елеганцијата е култура, а екстравагантноста умешност да изберете!

32 години е во уредничките води, а во последните петнаесет овој префинет господин е сопственик на најлуксузните списанија во Италија кои се дистрибуираат и низ Европа, на италијански, француски и англиски јазик. Списанието за мажи, Мисје, кое го уредува Франц Ботре, ги урнува стандардите, поставува нови, ги диктира трендовите, и се тоа го прави на елегантен и екстравагантен начин. franc 3Вели дека целна група на неговото списание Мисје се мажите кои купуваат меѓу два до четири часовници во месецот и еден луксузен автомобил во годината, но и оние кои патуваат квалитетно. Можеби токму оваа „формула“ го прави Мисје најелитно списание посветено на џентлмените во светот.

„Зарем има толку многу такви?“, го прашувам мисје Ботре додека ми раскажува за „неговите мажи“, за оние кои го читаат и оние кои со нетпрение го очекуваат секое издание на Мисје. „Има“, мирно ми одговара, „ има и такви кои својот убав автомобил го мијат со пенливо вино наместо со сјај и вода, има и такви кои своите чевли не ги гланцаат со боја за чевли туку со шампањско и четкичка направена од коњски влакна“, додадава, таа процедура на гланцање се вика сираж. „Има и такви кои патуваат во делукс хотели, по можност со шеста ѕвездичка до симболот, кои имаат големи јахти само за да си ја задоволат страста кон нуркањето, кои го мерат времето со еден добар Картие часовник, на пример“.

franc 7

Господинот Франц Ботре со години ја диктира модата меѓу италијанската највисока класа, во уредништвото е веќе цели 32 години, а меѓу листата на неговите основани списанија се наоѓаат и Брава Каза, Џенте, Пијачере, Оролоџи дал посло…Во работниот дел од денот тој е уредник, и не пишува само воведници, туку и написи. Надвор од работната сфера пак, мисје Ботре ужива во своите три  најголеми страсти – автомобилизмот, нуркањето и часовниците. Има голема колекција на часовници, меѓу нив и оние првите, ретки примероци, но и од оние кои чинат повеќе од добар автомобил. Ако не е во својата канцеларија, веројатно е на Формула еден патеката во Монца, го вози својот автомобил за да се смири од стресниот напорен ден, или заминува со својот брод на партија нуркање зашто, вели, морето знае најдобро да релаксира.

„Часовникот е единствен накит на мажот, и затоа ги оправдувам сите мажи кои ивестираат во овој накит, кои го почитуваат часовникот како накит. Мојата страст пак, кон часовниците, има друга приказна. Таа потекнува од двете мои страсти- страста кон нуркањето и автомобилизмот. Нуркајќи под вода и возејќи автомобил почувствував потреба да го регистрирам времето, да го „застанам“ времето под вода и во брзината. Така почнав да купувам часовници. Еден, два, три…Сега веќе 30 години сум колекционер на овој машки накит“, вели Ботре.

Ако не се лажам, Вие бевте и уредник на списанието Рондо?

Да. Всушност оттогаш и ме следат сите овие страсти.  По оваа работа, се вратив во Милано за да го основам списанието специјализирано само за часовници, кое беше прво во светот, Оролоџи дал полсо. Потоа следуваше Брава Каза, кое се занимаваше со мебел, ентериер и архитектура. Така се специјализирав за таа, да ја наречам, машка сфера, се она што го интересира мажот, од кујната и куќата, преку облеката, до часовниците и автомобилите. Пред 20 години влегов во групацијата Клас, како директор и главен уредник на овие изданија.

franc 4

Но сега сте сосема посветен на Мисје, најлуксузното од сите до сега списанија?

Мисје веќе 20 години е единствен на европскиот пазар и нема конкуренција. Знаете, ова не е списание за широката јавност. Наша таргетна група се токму оние 20.000 екставагантни мажи.

Кога го основавте и со каква идеја?

Во 1997, 1998 година. Сфатив дека светот  почна да се модификува, дека мажот се менува. Ја почувствував и лично потребата од едно списание кое ќе го води мажот кон се она што е убаво во животот. А убавиот стил е ист низ целиот свет. Затоа знаев дека списанието ќе  биде насекаде прифатено. Пронајдов тогаш едно прекрасно истражување направено во Франција, според кое во Италија има околу 200. 000 луѓе кои купуваат по 2,5 часовници во месецот. Од овие 200 илјади, 20 илјади купуваат дури 4,7 часовници во месецот. Не ме интересираат другите, овие се мојата целна група.

Кои се новинари во вашиот тим, зашто сепак за да пишувате за едно вакво списание потребно е да сте специјализирани во конкретните области кои ги третирате, виното, хотелиерството, гастрономијата, автомобилизмот, чевлите, модата, вратоврски, шапки, кетеринг…

За да пишувате во Мисје пред се треба да сте сестрана личност. Треба да бидете една посебна личност која ги сака работите кои претходно ги наброивте. Имаме фантастични новинари. Ако третираме историја, тука е Чеки Паоне, врвен познавач на историјата, ако пишуваме за аеронаутика, го имаме инженерот Андреа Молинари, за мода тука е Олга Берлути, потоа Дарио Џакија кој е експерт за музика, Џанкарло Мареска кој е претседател на Интернационалното друштво за пури. Ете, такви луѓе пишуваат во Мисје. Имаме цел тим на извонредни луѓе, извонредни познавачи на областа со која се занимаваат од кога знаат за себе.

Постојано ја спомнувате екстравагантноста и елеганцијата во текстовите. Која е разликата меѓу нив, според Вас?

Елеганцијата е култура, чувство за убаво кое доаѓа одвнатре, од душата на човекот. Значи, за таа да се види однадвор мора да доаѓа одвнатре. Зрелиот маж кој држи до некои правила во својот живот, секако и дека сака да го подобри квалитетот на својот живот. Тој бара естетика насекаде. Есктравагантноста пак е сосема друга работа. Екстра доаѓа од латинскиот јазик, што значи умеење да изберете. Да кажеме дека немате многу пари и дека не можете да си дозволите да купите скап часовник, на пример. Но тоа не значи дека не можете да си дозволите да изберете квалитетен живот. Културата да знаете да изберете е токму во ова – да купите поевтин часовник кој го има истиот квалитет на оној кој чини премногу.

Сепак, и во двата случаи ви требаат пари. Без пари не можете да бидете ни екстравагантен, па макар и да сте мајстор за избирање. Барем, тоа е моето мислење. Ќе ме негирате?

Не би се согласил.  Ако ја имате таа внатрешна култура во себе, ако сте навистина екстравагантен човек и таа екстравагантност не е лажна кај вас, би можеле да излезете и од еден магацин облечен како принц. Значи парите не се пресудни,  туку културата.

Каде Вие се облекувате?

Ми се допаѓаат вратоврските и костумите на Еди Монети, на Ѕења, често посетувам и приватен кројач, еден од најдобрите во Италија.

franc 6 Што е со чевлите? Знам дека се организираат посебни настани каде што ја изведувате техниката сираж, онаа на гланцање на чевли со шампањ.

Да, и со помош на малата четкичка направена од коњски влакна. Сиражот не е некој нов изум. Во Франција се применува од памтивек. Оној кој ги почитува своите чевли може да ја испроба оваа техника. Јас го почитувам времето, го почитувам денот. Сакам во тоа мое време да се појавам пристојно, да изгледам пристојно, да се чувствувам убаво. Во текот на еден ден неколку пати ги менувам чевлите, парфемот и часовникот. И тоа го нарекувам почитување на денот.

franc 5

Да позборуваме малку за вашите спортски страсти, на пример за нуркањето.

Нуркам веќе цели 40 години. Речиси толкав период возам и автомобил. Тоа ме релаксира. Цели пет години бев спортски директор на Формула 1 патеката – Монца, сега немам баш толку време за професионално возење. Но возам од забава. Одам под вода секогаш кога имам време за тоа. Морето особено ме релаксира.

Во Мисје се пишува доста и за врвните вина. Имате ли страст и кон виното?

Тоа за мене не е една обична страст. Виното е дел од мојата култура на живеење.  Уште како дете моите родители ме учеа што е добро, а кое е лошо вино. Оттогаш го дегустирам и препознавам.

franc 2

Па кое е најдобро, според Вас, вино?

Ми се допаѓа што во Италија постои таа изградена култура за виното. Ако некогаш француските вина беа најдобри во светот, сега се појавија италијанските како одличен одговор.  Гаја е одлично вино. Можеби и најдобро во светот.

Ги преферирате белите или црвените вина?

Црвените. Иако никогаш не се раководам според етикетата. Постојат голем број на производители на вино кои имаат одлична етикета, а слаб квалитет.

Па како го препознавате доброто вино?

Се гледа веднаш по бојата. Потоа и по миризбата. Треба да имате непце и нос за тоа. Ако ви изгледа навистина добро, отворете го еден час пред ручекот или вечерата. Ако после тој час ја има истата миризба и арома, тогаш навистина имате добро вино.

Колку и да третирате машки теми,  низ страниците на Мисје се провлекува и жената. Редовно. Кои жени ја инспирираат редакцијата за да се напише за нив?

Ние во Мисје ја претставуваме жената како нешто посебно. Како најубав накит на мажот.  Никогаш кај нас нема да ја видите соблечена. Нејзината убавина ја бараме во нејзината душа и квалитетите кои ги поседува.

franc 1

Постојано се занимавате со оние луксузни работи. Што е за Вас луксуз?

Единствен луксуз е времето! А да знаете да инвестирате во него е вистинска уметност.

За крај, би сакала да прашам за Вашето име. Не е воопшто италијанско, или грешам?

Презимето Ботре ми е швајцарско. Мојот татко беше од Лозана, таму израснав. А името Франц ми е измислено од децата од училиштето. Во детството играв фудбал, а во тоа време имаше еден познат фудбалер, се викаше Франц Бекенбауер. Мене децата ме викаа Франц Ботребауер. Оттогаш ми остана она Франц.

Ј. К

 

 

x

Check Also

Да се направи нешто за среќата на другите

Подарувањето добрина е благослов и за оној што дава, но и за ...