Емилија Розман: Ги живеам најубавите денови во мојот живот и тоа трае веќе со години

„Девојките на ваков избор за убавина одат со цел тим на дизајнери, фризери, менаџери, шминкери, тренери…јас пак, одам сама со својата енергија, и тоа е единствениот ас кој го имам во ракав. Ми недостига мојот тим, ми фалат луѓето од Мис М за време на целиот престој таму, ми фалат спонзори“, вели Емилија Розман, македонската претставничка на изборот за Мис на светот.

rozman 2

Како се случи да бидеш избрана за претставничка на Македонија за најпрестижниот избор на убавина? Кој, што, како ти кажа, или само те извести, беше ли договорно?

Бев избрана на интерен избор од организацијата на Мис М во соработка со Роберт Граматиков.

Почна ли со подготовките? Од каде прво почна?

Почната сум со подготовките одамна, но некако клучните работи секогаш ми остануваат за крајот. Мислам дека ми е таква ѕвездичката (се смее). Започнав секако со физички подготовки, а потоа следуваше се останато, избор на фустани, подготвување говори, подготовки за настапите и слично.

Што за тебе значи овој избор?

Без разлика како звучи, за мене ова е огромно достигнување. Не е мала работа да се најдете на еден ваков светски избор меѓу најубавите 130 жени во светот. Мис Ворлд е најпознатиот светски избор на сите времиња, така било, така и ќе биде. Со мојот настап влегувам во историјата, моето име ќе биде запишано во историјата на најубавите жени во светот, а тоа ме импонира.

rozman 1

Какви ти се очекувањата?

Очекувања…, не знам што да кажам, а да не згрешам. Секако дека имам, се вели надежта последна умира, но… Не знам дали сте знаеле, ама во Јужна Америка постојат школи за мисици каде девојчињата уште од „мали нозе“ се подготвуваат за можно учество на ваков настан. Значи, некои девојки цел живот се подготвуваат за можно учество на ваков настан.

Известена си, веруваме, со која екипа ќе одиш на натпреварувањето. Кој е во екипата? Ти недостига ли некој?

Девојките на ваков избор за убавина одат со цел тим на дизајнери, фризери, менаџери, шминкери, тренери…Јас одам сама со својата енергија, и тоа е единствениот ас кој го имам во ракав. Да не се разбереме погрешно, не дека не се чувствувам самоуверено и така. Но ми недостига мојот тим, ми фалат луѓето од Мис М за време на целиот престој таму, ми фалат спонзори. Не одам да се претставам само себеси, одам да ја пртставам државата, без разлика за колку мала држава се работи. Во секој случај, ветувам дека ќе го дадам најдоброто од себе, ќе ги бранам боите на една од најпрекрасните земји во светот и мора да биде фантастично.

rozman 3

Како искусна манекенка, на што треба најмногу да се стави акцент, сметајќи дека добар дел е заслуга и на соодветна организација?

Една од работите која се надевам дека ќе биде земена предвид е времетраењето на активностите. Од моите сознанија станува збор за огромен број активности, како и врвно професионална организација на истите, но единствено што ме загрижува е временската рамка. Некој ќе рече, што е толку напорно, си се шеткате, уживате и си се смешкате, но со четири часа сон никој не би можел да функционира повеќе од три -четири дена, камоли цел месец. Секако дека треба да се вложи огромен труд за таква организација, но се надевам дека ќе биде земено в предвид и времето, за комплетно уживање во истата.

Соработуваш ли веќе со креаторот кој ќе се грижи за твојата гардероба? Белким, не е тајна кој е креаторот?

Соработувам со неколку креатори, ама нема да ги откријам имињата се до моето заминување. Но, ќе имате можност да ги видите подоцна фотографиите со сите нивни креации. Очекувајте нешто спектакуларно.

rozman 5

Замисли, влегуваш во топ 10, а ние навиваме за тебе, и ти приоѓа еден водител и инсистира од тебе да ја кажеш најголемата мудрост за разрешување на сите политички кризи и неволји во светот, во рок од 1 секунда. Што ќе му одговориш?

Љубов. Без било какво размислување тоа ќе биде мојот одговор. Љубовта е решение за сите проблеми во светот. Кога сите би давале малку љубов, малку повеќе љубов, би го направиле светот далеку поубаво место за живеење. Како и да е, за целиот концепт што го имам замислено за како сето тоа би функционирало, би ми требало малку повеќе време за објаснување, но првичниот одговор би бил краток и јасен – љубов.

Колку навистина си во тек со нашата македонска политичка неволја?

Сум во тек и не сакам да молчам, но колку и да зборувам ќе бидам цензурирана затоа што во нашата држава не само што не се почитува, туку вашето мислење едноставно не постои доколку не сте истомисленик на власта, па веднаш ве декларираат како член на опозицијата, соросоид и не знам уште што. Да не беше жално, ќе беше смешно се ова што се случува. Сите одат напред, ние одиме назад. Срамота е ова. Шетам низ светот, ја раскажувам приказната за Македонија, но како што тргнале ќе го уништат сиот добар материјал кој вреди да се каже и покаже на светот. Колку што сакам да го кренам гласот и да се борам за своите права, толку и не ми се ни прави муабет, колку ми е мака. Единствено што можам е да давам поддршка, кога можам морална, кога можам рамо до рамо, со сите оние на кои им е доста и сакаат нешто да се промени, да ја промениме насоката на движење и конечно да тргнеме напред. Ако тоа воопшто е возможно.

Туку, да се вратиме на убавината. Кои топ 5 нешта ќе ги спакуваш во својот куфер?

Па нешто што сигурно нема да заборавам е мечето, го имам од бебе, кај и да одам цел живот е со мене, се обложувам дека нема попрошетано мече на светот од него, Бог знае што се има видено. Ќе си спакувам и две-три чоколади, всушност не смејам да ја кажам вистинската бројка оти менаџментот проблем ќе ми направи колку благо јадам, тоа е нешто ненормално…(се смее). Слушалки секако, животот ми нема смисла без музика, со музика заспивам, со музика се будам. Ќе си спакувам и неколку книги, и чаеви. Никаде не одам без моите чаеви, зелен, чај од коприва и магдонос.

rozman 6

Вежбаш ли? Фитнес, кикбокс, тренинзи некакви….? Гледаме и следиме, манекенките за ревијата на Викторија сикрет, на пример, вежбаат и до 5 часа дневно. Како тебе ти оди?

Вежбам, вежбам. Никогаш не мислев дека тоа ќе го кажам, ама и тоа се случи. Многу кардио, како и разни вежби за истегнување и се она што може да се најде на интернет, а се наоѓа многу. Додека живеевме заедно со брат ми тренирав и кикбокс, иако морам да признаам дека на врвот на листата на омилени вежби ми е качувањето и слегувањето до подрум да земам нова гајба пиво (се смее).

Што е со диетното мени? Воведе ли некој посебен режим? Доби ли „рака“ од некаков соодветен фитнес тренер или нутриционист?

Леле мразам диети. А во последно време се повеќе ги практикувам што не е правопропорционално со мојот гурмански живот, но што да правам кога сум одлучила манекенка да бидам. А што убаво ми вела моите – учи ќерко, може никогаш нема да се вработиш со оглед на политичкава ситуација во земјава, ама бар ќе јадеш колку сакаш (се смее).

rozman 4

Како си Емилија? Толку го чекавме овој миг и се радуваме со тебе, па ред е за крај и едно многу човечко прашање, искрено, кое ретко кој деновине го поставува. Како си ни ти, драга Емилија?

Шега на страна, ви благодарам од сесрце, не можам ни да ви опишам колку ми значи поддршката од сите вас прекрасни луѓе. Не сте свесни колку сакам кога гледам дека некој се радува на туѓата среќа и успеси и затоа ви ја посакувам целата среќа на светот и двојно поголеми успеси од моите. Пресреќна сум. Ги живеам најубавите денови во мојот живот и тоа трае веќе со години. Многу му се радувам на животот. Давам многу љубов и енергија од себе, а двојно повеќе ми се враќа. Не сум сама, го имам најпрекрасното семејство и најдобрите пријатели што некој може да ги посака. Имам максимална поддршка од најдобрите родители во светот. Жива и здрава сум. Имам можност да шетам низ светот, да помагам на луѓето околу себе, да ги правам среќни. Што повеќе може да посака еден човек од животот. Па така, ако ме видите во автомобил на семафори како играм и пејам, немам пиено, јас само му се радувам на животот и тоа многу.

 

Фотографии – Александар Велков

Креации – НАНА

x

Check Also

Пругаста кошула на врзување – нов модел од „Зара“

Кошула со длабок В-израз и на врзување на струкот што имитира свилена ...