Краток водич низ Гаудиевата Барселона

Антони Гауди животот го помина во градот чие лице засекогаш го измени со своите необични, луцидни градби. Неговите градби воедно се и скулптури, кои привлекуваат милиони посетители секоја година. Поради неговите креации се добива впечаток дека Барселона е повеќе од град, дека е еден жив организам што дише, игра, трепери, лебди понекогаш меѓу копното и морето, потполно единствен по скулптурата, обликот, убавината и шармот.

gauudi 3

Саграда Фамилија

Секако една од најпознатите катедрали на светот – „Саграда Фамилија“ (Свето семејство) буди чувство на стравопочит. Изградбата почна во 1882 година по барање на фондацијата Свети Јосиф, а процената била дека ќе биде завршена за 20-тина години. Гауди стана главен архитект на овој храм во 1883 година и на него работеше сè до својата ненадејна смрт во 1926, кога на улица го удри трамвај. Со благослов на папата, Гауди е погребен во криптата на Светото семејство, делото на кое опсесивно им посвети повеќе од 40 години од својот живот. Катедралата и денес се доработува, а се проценува дека би можела да биде завршена околу 2028 година. УНЕСКО ја смести оваа катедрала во светското културно богатство.

Внатрешноста на Саграда Фамиља

Внатрешноста на Саграда Фамиља

Каза Батло

На авенијата Грација се издигнува ексцентричната градба што во 1907 година Гауди ја работел за аристократското семејство Батло.

 

Класичната зграда Гауди ја реконструирал во објект што никого не го остава рамнодушен. Фасадата како да е направена од скелети и коски, а брановитиот покрив потсетува на грб од змеј. Се верува дека крстот на покривот го претставува мечот на свети Ѓорѓи, кој ја убива аждајата.

gaudi 2

Керамичките плочки ѝ даваат бајковит изглед на зградата. Во оваа куќа се организираат многу културни настани, а нејзината внатрешност исто така ги плени многуте посетители. Жителите на Барселона оваа градба ја нарекуваат и Куќа на коските.

Каза Батло

Каза Батло

Каза Мила

Исто така на авенијата Грација се наоѓа станбена зграда што е позната и под друго име – „Ла педрера“ или каменолом, што многу зборува и за нејзиниот изглед. Брановита, нема ниту една рамна линија, оваа куќа е направена од камени блокови што на самото место ги обликувале најдобрите шпански мајстори.

gaudi kasa mila

Гауди тврдел дека аглите во куќата еден ден ќе ги снема и дека сонцето ќе продира од сите страни. Наместо покрив, Гауди направил тераса со градина применувајќи најразлични материјали и бои, со што бил добиен сликарски ефект. Овој апстрактен објект исто така е под заштита на УНЕСКО. Каза Мила

Гауди

Не се знае точно каде е роден Антони Гауди, на 25 јуни 1852 година, како најмладо од петте деца. Во Барселона студирал архитектура, на Вишата техничка школа, од 1873 до 1877 година. Паралелно работел и како технички цртач, за да се издржува во текот на студиите. Понекогаш дизајнирал и мебел, а работел и како декоратор. Токму една од тие попатни работи го носи до пресврт во деловниот и приватниот живот, кога една витрина што ја дизајнирал е избрана за Универзалната изложба во Париз во 1878. Токму таа витрина и нејзината грациозност Гауди ќе ги донесе до познатиот индустријалец Еусебио Гуељ, кој бил маѓепсан од ова перче мебел и кој станува најголем мецена на Гауди и главен клиент. Многу години подоцна и паркот што Гауди го дизајнирал според желбата на овој свој заштитник, ќе го добие името Гуељ.

gaudi 1

Неразбирањето од околината го следело цел живот, а во исто време и неговата слава растела. По ретроспективната изложба во Париз, која му ја организирал мецената Гуељ, некои американски инвеститори побарале Гауди да им проектира хотел во Њујорк. Тие нацрти се сочувани до денес и во 2003 година кога беше организиран конкурсот за изградба на нов објект во Њујорк на местото на срушените кули-близначки, една група на почитувачи на делото на Антонио Гауди го предложи токму тој нацрт од хотел за нова градба.

Сепак, Антонио Гауди последните 25 години од животот ѝ ги посвети на работата на катедралата „Саграда Фамилија“, a на 7 јуни 1926 на улица го прегази трамвај. Поради запуштениот изглед никој не го препознал славниот архитект и тој е одведен во болница за сиромашни. Кога пријателите го нашле следниот ден, одбил да биде преместен во подобра болница. Починал два дена подоцна, на 9 јуни.

За Гауди жалела цела Барселона, а од тој ден на улиците на овој град веќе не сообраќаат трамваи.

 

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Во мода се враќаат предимензионираните чанти

Огромните, предимензионирани чанти се враќаат на модната сцена и ќе бидат „маст ...