Многу стил во Оријана Фалачи, доброволно осамена до последниот здив

Во своите дискусии беше рамна, честопати и над многу политичари кои ги интервјуираше. Но таа одбиваше да се зближи со било кого од нив, да остане после разговорот, да се сретне во неофицијална пригода. Секогаш избираше да остане доброволно сама.
 orijana 7
Најмаркантната Италијанка на 20.век сакаше да остане сама до последниот ден, до последното патување. Тоа беше нејзината желба кога се врати во родната Фиренца, дома, за да се соочи со смртта. Во целиот свој живот имаше само една љубов и два-тројца пријатели со кои се гледаше ретко, а на својот погреб го побара само него – Франко Ѕефирели, Тосканец како неа.
Не сакаше никој друг да стои крај нејзиниот ковчег, исто како што не сакаше никој да и се приближи премногу блиску во животот. Режисерот Франко Ѕефирели, веројатно беше најблискиот човек кој Оријана го имаше. Се запознаа по војната, во 1946., ги зближи нивната неверојатна сличност, речиси идентичност на нивните карактери. Тие беа двајцата најпознати Италијанци во светот. Години подоцна, во Њујорк, беше дури и организирана една забава во нивна чест. Двајцата пријатели не се гледаа често, обврските ги влечеа на различни страни од светот, но ако се погодеа во ист град, неминовно се наоѓаа. Најчесто, тоа беше Њујорк, најретко – нивната родна Фиренца.
orijana 3Оријана не сакаше да зборува за себе, ништо за својата интимност. Живееше осамено, ја сакаше таа самотија, сакаше да се нурне во хаосот на светот – во центарот на војните, а потоа да се повлече, да го напише тоа без никому ништо да каже, без исповеди, без зближувања.
Таква била и како девојче, се опишува еднаш самата себе во писмото до нејзината сестра Паола. Убава, со длабоки очи, повлечена, очајно но доброволно сама.
„Моите сеќавања беа секогаш поврзани за депресијата, за несреќата, за потиснатата желба за бунт, за побуната која се трансформираше само во соништата. А соништата се преливаа само во една слика: да пишувам книги. Да, отсекогаш знаев дека ќе бидам писателка. Ги замислував своите книги, обвиткани во црвени дебели корици, онакви какви што беа оние публикуваните од „Сонѕоњо“ на нашите полици дома, оние кои никогаш не се уморив да ги гледам. Новинарството, од друга страна, го гледав како извонредна авантура. Благодарение на весниците отпатував за Малезија. Во Индија и Малезија, таму каде што сонував да одам кога имав само шест-седум години. Бев девојче кое не сонуваше како другите за венчавка, зашто секогаш кога ќе помислев на љубов помислував само на Џек Лондон. Помислував на него, но никако за да го омажам, туку сакав да го запознаам за да пишувам за него. Љубовта ја идентификував со таков тип на човек, таков вид на љубов, човек кој може да ми биде партнер во пишувањето, а не маж со кој ќе поминувам мирни денови во некаква убава куќа, гледајќи на светот низ големите прозорци“.
Таков човек во својот живот Оријана најде само еднаш, во Гркот Алексос Панагулис, со кого беше во врска од 1973 година и остана со него до денот на неговата (мистериозна) смрт, во 1976., кога тој несреќно загина во сообраќајка. Есента 1973., тие веќе живееја заедно како да беа венчани. Сепак, на секое патување престојуваа во различни соби, а во јавноста се однесуваа резервирано еден кон друг. Така таа сакаше, велат, а тој го почитуваше се’ тоа што таа го бараше. Многумина мислеа дека чудниот пар Оријана и Алексос се заедно само поради работата. Но, тоа беше најголемата и единствена љубов на Оријана Фалачи. По него, никогаш и никого повторно не засака.
orijana 01„Работата за мене значеше само – пишување. Тоа го сонував од девојче, и само тоа беше се’ што сонував. Сакав да пишувам за весникот „Национале“, но по грешка се симнав на петтиот кат и влегов во „Ла Матина“. – Сакам да бидам репортер, им кажав. – Колку години имаш, ме прашаа. Ги излажав: седумнаесет. – Како се викаш?, ме прашаа. – Оријана Фалачи, им одговорив. – Роднина на Бруно Фалачи? – Тој ми е вујко. (Бруно Фалачи беше најголемото новинарско име во тоа време во Италија, н.з). Ми рекоа да напишам напис за ноќниот живот во Фиренца. Го пишував со пенкало, на еден обичен искинат лист. Ме прашаа: не знаеш ли да чукаш на машина? Им одговорив дека знам, и тогаш за првпат седнав крај машината за пишување. Го пречукав напишаниот текст од листот од 10 часот наутро до 7 вечерта. Но бев пресреќна кога се потпишав под него. Ми платија за текстот, 300 лири. Бев лудо горда. Преплавена од емоции. Повикот од вујко ми пристигна кога веќе наполнив 17 години и почнав да пишувам книга. Тој се јави и ми рече: Што се замислуваш дека си ти, Хемингвеј?!“ (цитат од книгата „Анабела“).

Се зборуваше дека Хенри Кисинџер посакувал да остане долго, лице в лице, со Оријана Фалачи, да дискутира со неа. Во своите дискусии беше рамна, честопати и над многу политичари кои ги интервјуираше. Но таа одбиваше да се зближи со било кого од нив, да остане после разговорот, да се сретне во неофицијална пригода. Секогаш избираше да остане доброволно сама. Напиша десетина книги. Во книгата „Писмо до детето кое никогаш не се роди“ со искреност го шокираше светот. Тоа беше исповед на нејзиното срце. Тоа беше времето кога многу жени ја мразеа поради таа книга, а многумина премисли и воопшто да родат. Периодот во кој јасно се изјасни дека не мора по секоја цена да биде мајка, дека не може секој да биде мајка. Последните книги и беа полни со гнев, објавени после 11 септември, исповеди на личниот бунт. Се сметаше за политички азилант, па затоа живееше во Њујорк. Во родната Фиренца се враќаше премногу ретко. Се врати засекогаш таму само за да умре. Ракот, кој велат, го „стекнала“ во Кувајт, при една бензинска експлозија, секојдневно ја глодаше, но таа одбивала да се лекува.

orijana 5

Оријана преку своите книги го кажа тоа што многумина го мислеа, но не смееја да го напишат. Ја гонеа судиите од левицата, па често шеташе низ родните улици во придружба на полицијата, дури и кога требаше да прими пакет, тоа сакаше да го направи преку полицијата. Но во Америка беше слободна. Нејзините односи со Фиренца беа конфликтни, но не и со луѓето кои живееа во градот. Тие ја сакаа и ја читаа, ја почитуваа и и’ се восхитуваа.

orijana 2

На погребот на Оријана Фалачи немаше ниту еден политичар. Ниту еден фотограф. Ниту еден новинар (освен директорот на „Кориере дела сера“, Паоло Ермини, весник за кој таа со децении пишуваше). На својот последен пат со себе понесе само еден примерок од весникот „Кориере“ и три жолти рози. И една монета која никогаш не и’ беше доделена – жителка на градот Фиренца, која и ја донесе и за која се избори непосредно пред нејзината смрт нејзиниот најблизок пријател, режисерот на филмот „Исус“, Франко Ѕефирели. А пред него стоеше уште една „режија“, поодговорна од сите претходни: да излезе на плоштадот заедно со граѓаните на Фиренца, оние кои ја сакаа, за да ја испратат нивната сограѓанка. Да покажат колкумина се.
Беа многумина.

 

М.Б & Ј.К.

x

Check Also

Краток водич низ Гаудиевата Барселона

Антони Гауди животот го помина во градот чие лице засекогаш го измени ...