Жан Кокто, „enfant terrible“ на француската литература

Овој писател, драматург, сликар, декоратер, сценограф одново го запознаваме секои десетина години. Во еден наврат ќе станат популарни неговите песни и романи, во друг – сценографијата и костимите за театар и филм, потоа се открива неговата наклонетост кон цртањето и еротските сцени, во сето тоа ќе се вмеша и популарноста за приказната на темпларите…

zan 3

Ексцентричен и интересен и како појава на 20 век, уметник со широки распони, речиси ренесансна личност, по малку контроверзна и по малку денди, Жан Кокто ништо не оставал на случајот, дури ни најобичните сиви костуми во кои се движел низ Париз, но и тие костуми имале дискретни розе риги, високи крагни и манжетни, кои ја истакнувале неговата издолжена појава и убавите долги раце. Можеби најубав впечаток за Жан Кокто ни остава неговиот глас додека ги чита своите песни, на плочата снимена во 1957 година. Тој глас што одѕвонува речиси со мистичен призвук, во повремено повторување на одредени стихови, или со чудесно нагласување и шепотење на другите стихови, покажувајќи ни го Кокто во исто време толку далечен како да е од друга планета и толку близок како да ни седи во аголот на собата.

Жан Морис Ежен Клеман Кокто, е роден на 5 јули 1889, во Мезон Латиф, мало место покрај Париз, како член на истакнато семејство што дало познати банкари и адмирали, и кое во најдобриот француски манир ја комбинирало наклонетоста кон уметноста со склоноста кон конвенционалното однесување. Таткото на Кокто, Жорж, бил адвокат и сликар аматер, кој извршил самоубиство кога Жан имал девет година. Жан останал во семејството сè до својата 15. година, кога почнал да живее во Париз, а веќе со 19 години ја објавил и првата збирка поезија со име „Аладинова ламба“. По првата збирка продолжил да објавува поезија следните неколку години.

Кокто во Кан

Кокто во Кан

Студирал на лицејот во Кондорсе, каде што набргу влегол во контакт со писателите и музичарите на своето време, како што се Марсел Пруст, Ростан, Ана де Ноај и други. Биографите тврдат дека Пруст бил импресиониран од Кокто и неговиот жанр за сè што е уметничко и поетско.

Во војска во почетокот на Првата светска војна не го примиле, прогласувајќи го за неспособен, па Кокто организирал група на цивилни возила за превоз на ранетите од фронтот, а потоа тоа го напуштил и тајно се придружил на една чета маринци. Кога е откриен, префрлен е во службата за маркетинг. Сепак успева да учествува во воените битки, благодарение на пријателот Ролан Гарос, авијатичар, кој понекогаш го носел во воздушни извидувања и напади.

Во тек на овој период и поезијата на Жан Кокто претежно се занимава со визијата за сеприсутната смрт, која подоцна ќе стане печат на цела генерација на писатели од тоа време. Подоцна, пред крајот на војната, Кокто станува уредник на списанието „Збор“, кога интензивно се дружи со уметниците како Брак и Пикасо со кои остварува длабоко пријателство и дури му посветуваат песна. Со Пикасо заминува во Рим и го поставува балетот за Нижински, под името „Парада“, кој предизвикува општ скандал.

zan 1

По војната, Кокто во ист жар ја продолжува својата уметничка активност, повторно скандализирајќи ја публиката на балетот. „Свршеници од Ајфеловата кула“ и „На покривот“ му ги изведувале прочуените комичари браќата Фрателини, а декорот го работел Раул Дифи. Изразувајќи ги своите сфаќања за музиката, овој фантазер, кој се разбирал во сешто, го пишува манифестот „Петел и арлекин“, со кој предизвикува голем гнев.

 

Кокто и Едит Пијаф

Кокто и Едит Пјаф

По толку широк спектар на уметничко создавање, Кокто го пишува и првиот роман, а по него и вториот, потоа се свртува кон драмата пишувајќи под впечаток на смртта на својот пријател Рејмон Радиге. Тогаш настанува прочуениот „Орфеј“, а по него Кокто го објавува и својот дневник со детоксикации „Опиум“ и за цели три недели создава уште едно од своите дела, роман кој се смета за еден од најдобрите негови остварувања „Страшни деца“ (Les enfants terribles).

zan 2

Филмот, кој полека израснува во полноправна уметност почнува да го привлекува. Со Буњуел го снима „Поетска крв“. Во исто време не го запоставува ни театарот, ни критиката, создавајќи некои од своите најдобри дела. Истовремено твори и на ликовно поле, во сценографијата употребува симболика на тајните друштва, окултното, дури и отсликува и една црква во Париз.

zan 4

Втората светска војна ја поминува во Перпињан, каде пишува и се обидува да создава во театарот, каде германските окупаторски власти набргу му го забрануваат делото. По војната продолжува со многуслојната уметност, некои драми ги пренесува и на филмското платно, а во 1956 е избран и за член на Француската академија. Со приближувањето на староста влегува во ексцентричност, се повлекува во луксузниот свет на богатите и славните, се облекувал ексцентрично, пронаоѓал млади љубовници, но секако работел и создавал секојдневно.

Умрел на 11 октомври 1963 година, на 74 години, од срцев удар. Се смета дека ударот настапил кога слушнал за смртта на својата пријателка Едит Пјаф, која умрела истиот ден, и дека пред својата смрт ги изговорил зборовите „Пјаф умре, можам сега и јас да умрам“ . Погребен е во црквата Мила ла Форет, а епитафот на неговиот гроб вели – останувам со вас.

С. Спасиќ

x

Check Also

IKEA лансираше колекција за домашни миленичиња

LURVIG (на шведски значи „влакнесто“) е новата колекција на Икеа дизајнирана за ...