Инспиративна трансформација на Борче Ефтимовски: Само напред, никако назад!

 

„ Кога започнав со вежбање имав 146 килограми. На почетокот, многумина ми се потсмеваа, а мојот инает беше поголем од се, и на крајот успеав секој што се потсмеваше на мојата дебелина да дојде да ми честита за успехот“, ја раскажува својата животна приказна Борче Бобо Ефтимовски, познат како Супер Бобо.

bobo 1

И што да се каже навистина за ова момче кое денес е инспирација на многумина кои почнуваат со слабеење, со грижата за телото воопшто и здравата исхрана, освен – браво Бобо, супер си Бобо.

bobo 12

Колку време ти беше потребно за да направиш една фантастична телесна трансфомација?

Започнав на 8 ноември 2013 година кога за првпат се сретнав со физичка активност и како почетник мислев дека се е набрзина. Но не било така. Првите промени секогаш се веднаш видливи, ама сега да почнував ќе беше многу поинаку, нема да сакав нагло да слабеам зашто се си има свои убави и лоши страни. Никогаш не брзајте, секогаш одете постапно, а не како некој друг што прави зашто секој организам е различен и различно реагира на промените. Кога започнав со вежбање имав 146 килограми, а во август 2014 година веќе имав 79 килограми.

Бобо пред да започне со вежбање

Бобо пред да започне со вежбање

Се сеќаваш ли која беше главната причина што толку цврсто се одлучи да почнеш со промени?

Јас сум човек што сакам да менувам. Никогаш не можам да бидам ист, сакам промени, а здодевно ми беше да се гледам себеси ист, а карактер не се менува (се смее). Јарец сум, подзнак Стрелец, со Месечина во Рак, многу лоша комбинација, за секого добар но за себе не (се смее). На почетокот, многумина ми се потсмеваа, а мојот инает беше поголем од се, и на крајот успеав секој што се потсмеваше на мојата дебелина да дојде да ми честита за успехот. Никогаш не треба да ги осудувате луѓето, секој си има своја причина за тоа како изгледа, а не е ни толку битен изгледот туку важно е душата да е голема. Си велев, сакаш да бидеш познат, сакаш да бидеш Супер Бобо, е така Бобо, со таа тежина нема да те збере ни еден телевизиски екран.

Претпоставувам првите денови, првите недели, па и месеци биле најтешки. Како се справуваше со искушенијата?

Да, секој почеток е тежок, но ако имаш цел ништо не може да те спречи. Имав проблем само со едно, а тоа беа макарончињата со сиренце потпечени, но се откажав од се. И денес многу внимавам на исхраната. Знаете, полесно е да се успее, да се стигне, отколку да го зачувате тоа што сте го постигнале, и да го надградувате. Јас сега, на пример, треба да оформувам мускули. Секоја капка пот беше тешка.

Што ти паѓаше најтешко, која стара навика најмногу ти недостигаше?

Да си купам бурекче со спанаќ и јогуртче навечер и да си се налапкам (се смее).

Што ти даваше пак, најголем мотив за да продолжиш? Имаше ли ситуации кога сакаше да се откажеш?

Сакав многу пати да се откажам, и сега сакам, но има нешто од внатре што ми вели – не, никогаш не е доста, секогаш можеш повеќе. А јас сакам да се чувствувам убаво во својата кожа, сакам да бидам забележан. И сега ќе го направам истото, со зголемување на мускулната маса, дури тогаш ќе добијам целосна трансформација на моето тело. Знам дека можам, знам дека ќе истраам.

Почна да вежбаш, што? Какви тренинзи, со каков интензитет?

Почнав со многу кардио тренинзи, со тренинзи во сала, со еден збор војнички вежби, од типот умри машки, доцниш, мора да стигнеш се што си пропуштил…Да не заборавам, мојот тогашен тренер Столе Ристевски, има голема улога во мојот успех. Но не секогаш тренерот сам може да успее, треба взаемно да работите за да се постигне успех.

Бобо денес

Бобо денес

Каква диета практикуваше цело време?

Нема диети, има начин на исхрана. Конзумирав цитрони, пиев многу вода, дневно и до 10 литри, јадев храна печена, без сол и без зејтин, сезонски салати, никогаш не мешав протеини со јагленохидрати. Но ви велам, не правете го тоа што некој друг го прави, сите имаме различен метаболизам и секој треба да знае што му делува најдобро.

Нема диети, има начин на исхрана

Нема диети, има начин на исхрана

Имаш ли денес специфичен режим на исхрана?

Да, денес е подруго, денес во овој период јадам и јаткасти плодови, јадам гриз, ориз варен, телешко…Пијам 6 до 7 литри вода дневно, јадам на три часа по малку, никогаш не седнувам да се изнајадам, не користам сол во јадењето, ниту зејтин, шеќер воопшто, ниту леб, тестенини…Јадам чисто месо, печено во фолија, со печурки и зеленчук на скара, јадам и благо но сам си го подготвувам, протеински палачинки, куглоф, и уште многу други работи кои се прават со протеини.

bobo 11

bobo 10

На луѓето околу тебе им делуваш многу инспиративно. Ти успеа, што би ги советувал оние кои сега почнуваат?

Никогаш не е доцна, секогаш можат доколку вистински сакаат. Верувајте, никогаш не сонував дека човечкиот ум е посилен од се, со јака психа човек може камен со заби да скрши. Само напред, и никако назад, и кога ќе стагнирате, зашто има и таков период, не се откажувајте. Ништо не може да ве сопре, да ве спречи, вие сте тие кои почнувате и вие сте тие кои сопирате. И нема денес ми е роденден, а утре слава…И јас имав и родендени и слави, но дував само свеќички и не јадев торта. И мене ми мирисаа кифличките на мама и бајадерата, но јас ја заменував со чаша вода, со сува слива, кајсија…Едноставно замижете пред се, и речете си – можел Бобо, можам и јас (се смее)

bobo 3

bobo 5

bobo 4

И денес, размислуваш ли да се појавиш на некој фитнес натпревар?

Никој нема да дозволам да ме оценува, никој за тоа какво тело имам, секоја почит за секој кој се натпреварува, секој одлучува што е најдобро за себе, но сепак за тоа какво тело имам и дали е цврсто или меко ќе оставам да се оценува само зад затворени врати, а не јавно (се смее).

Што си велиш кога ќе се погледнеш на твоите стари фотографии?

Дали си тоа ти, стара љубов?

Си се почестил ли некогаш за успехот со, да кажеме, едно големо чоколадо?

Со чоколадо, не. Ама пред два месеци, на пример, во еден од скопските ресторани за првпат се почестив со една голема пица и еден колач со топка сладолед. И ветувам дека од сега натаму следува 14 дневен режим, а секој 15-ти ден ќе си лапнам нешто што душа ми сака. Сепак, не е за џабе речено – рани душа да те слуша.

x

Check Also

8 туники-фустани од Massimo Dutti

Новата колекција од Massimo Dutti ни носи преубави туники-фустани со ролка или пак ...