Ирина Тошева: Елен Камен и Струга се чувства кои ги пренесувам со новата колекција

В сабота (4-ти април) со почеток во 21 часот во Катната гаража „Солунски конгрес„, во рамките на Моден викенд Скопје, модната дизајнерка Ирина Тошева ќе ја претстави новата колекција насловена „Енхалон“.

struga 2

Колекцијата го носи името според стариот град Енхалон, кој се наоѓал во близина на Струга, веројатно основан од македонското племе Десарети. Земајќи го предвид насловот на колекцијата која ќе ја претставиш на Моден викенд Скопје, претпоставуваме античка Струга е овојпат твоја инпирација. Неслучаен избор?

Енхалон е старото име на Струга, град од кој немам никакво потекло, но емотивно сум поврзана. Колекцијата е посветена нему.

Често летните денови знаеш да ги поминеш во Елен Камен, тивка викенд-населба во непосредна близина на Струга, вгнездена меѓу двете живописни села Калишта и Радожда. Колку во овој Елен Камен го наоѓаш спокојството за творење и во што најмногу?

Елен Камен е моето место, далеку од градскиот метеж, врева, обврски и нервози. Омилено за одмор, релаксација и задоволство. Чувства кои сакам да ги пренесам со новата колекција и затоа и фотосесијата беше снимена таму. Луксузниот хотел „Изгрев“ како совршено место ширум ги отвори своите врати , а дел од моделите беа фотографирани и на неколку мои драги струшки локации. Токму таму каде црпам инспирација.

struga 3

Колку често влегуваш во вода, во Охридското Езеро?

Пречесто. Водолија 

Да се вратиме на Модниот викенд, на ревиите, поточно на твојата ревија. Втор пат поддршката ја добиваш од „Мај Тајм“. Во што е вашата иста линија, иста бранова должина за соработка?

Взаемна почит, разбирање и истата визија за тоа како се гради еден успешен македонски бренд. Пред се’ целта на соработките е да бидат долгорочни.

Каков часовник би избрала за себе од широката палета на колекциите за пролет/лето 2015? 

Со сигурност некој од La Passion линијата на Jacques Lemans. Минималистички и чисти дизајни.

Кое е твоето „мое време“? Време кое ти е најнеопходно во денот, и на што обично го „трошиш“?

Утрото. Првото кафе и прелистување на модните вести. Некогаш подолго, обично се пократко, но време за себе.

Секако дека не можеш да носиш само облека креирана од себе самата. Каде заминуваш на модна авантура, по ново неопходно парче?

Обврските не ми дозволуваат многу шетање, само „блиц“ поглед на модните излози на пат кон моето ателје. Но, благодарение на онлајн продавниците секогаш ги следам новите колекции на поголемите брендови. Модните авантури најчесто ги оставам за патувањата надвор од земјава.

Ги проценуваш ли веднаш „од старт“ квалитетот на тоа што се нуди во продавниците (според материјалот и изработката) версус цената?

Искуството го „тренира“ окото. Доволен е само еден поглед. Но, особено важна е и приказната зад тоа парче, која сите ја занемаруваме. Искористениот, најчесто детски труд, канцерогените ефтини материјали и текстилни бои, лошите услови во кои е чувано и транспортирано, начинот на изработка и слично, за тоа парче да биде 200, 2 000 или 20 000 денари.

Кое парче од актуелните колекции кое се нуди во нашите продавници е твојот избор за пролетната сезона?

Рамните чевли во весели бои. Ги сакам сите.

За крај, кој е бенефитот од учеството на Модниот викенд Скопје?

Модниот Викенд е единствената платформа кај нас каде што дизајнерите на едно место можат да ги претстават своите нови колекции. Контактите и медумската видливост пред се’ се најголемиот бенефит.

фото: Миладин Паповиќ

x

Check Also

Моден викенд Скопје: #Stopthetraffik (програма)

На 22 октомври во „Скопје Мериот Хотел“ ќе започне шеснаесеттиот Моден викенд ...