Изет Цури, моден дизајнер: Праксата е најголемата диплома, и тоа со потписот и печатот на животот!

Од Париз се врати во Скопје за да го сподели своето знаење со младите креативци кои го сакаат модниот дизајн, и несебично се вложи во својот Меѓународен институт за мода, кој функционира како Академија, од каде веќе излезе првата генерација на студенти.

„Учениците избираат што ќе научат од мене, дали ќе земат голем или мал дел од моето искуство. Јас сум овде за нив, но колку ќе научат зависи само и само од нив“, објаснува Изет Цури во разговорот за макомода.ком.

Овој моден гениј кој Скопје си го чувствува како дом, смета дека овој град има многу надежни млади луѓе кои доколку се потрудат ќе достигнат широки хоризонти, и дека рецептот за успех во модниот занает е посветеност, трпение, љубов и многу, многу работа.

А, кој е приватно, Изет Цури, каква личност се крие зад ова звучно име?

„Не се крие некоја мистерија. Секогаш сум ист и приватно и професионално, она што го мислам го кажувам без разлика на тоа на кого се однесува и кого ќе погоди тоа. Знаете како, подобро болна вистина отколку слатка лага. Вистината е една, а лагите се безбројни“, одговара тој.

Изет Цури

Изет Цури

Како сте задоволни од првата генерација на ученици во вашиот Меѓународен институт за мода „Изет Цури“? Препознавте ли меѓу учениците од првата генерација некој иден Изет Цури?

Презадоволен! Сите беа помалку или повеќе талентирани, сите имаат одредени способности и своја визија за тоа како сакаат да продолжат. Кога се сака се се може, потребна е само работа, работа, работа и ништо друго. Има двајца со кои еден ден цела Македонија ќе се гордее, допрва ќе слушнете за нивниот успех, нивното време доаѓа.

Какви се плановите за тековната година, очекувате ли училиштето да прерасне во модна академија?

Ние всушност, што се однесува до образовниот процес функционираме како академија, само што тоа сеуште не е административно ,,исфилувано,, – така да се изразам. Со Господ напред, наскоро планираме да се преселиме во нови простории, имаме доста планови за кои не сакам предвреме да зборувам, дури откако ќе бидам сигурен во нивната реализација ќе бидете информирани. Како и да е, да- имаме голема цел пред нас и  јас сум сигурен дека ќе ја достигнеме.

Велите, познавањето на модниот занает е многу поважно од стекнатата диплома. Со какво познавање излегуваат учениците од вашите „клупи“?

Знаете како, овде во Македонија има некој ,,тренд,, сите да бидат магистри или доктори на науки, и секоја чест! Меѓутоа, не можете вие теоретското образование да го рамните и истоветувате со праксата. Праксата е најголемата диплома, и тоа со потписот и печатот на животот, тоа го тврдам. Да не се разбереме погрешно, ги почитувам луѓето кои имаат диплома, но сметам дека резултатот и делата од работата на еден човек се неговото признание а не парчето хартија. Во нашиот занет секојдневно има нови знаење, нови идеи и нови луѓе. Тоа се учи додека си жив. Никогаш нема доволно време за се, и никогаш не можете да научите се. Најпрво што сакам моите ученици да совладаат тоа е способноста да имаат трпение, да бидат посветени и онаа љубов која ја имаат кон модата да знаат во која насока да ја канализираат. Второ, мора да научат да прават грешки-само така се учи. Рецептот за овој занет е посветеност, трпение,љубов и многу, многу работа. Можете да бидете најголем талент, меѓутоа ако не работите на себе талентот ќе се претвори во незабележителна трага од минатото.

Се одомаќивте ли веќе во Скопје? Што се промени во меѓувреме, во светот на модата, од времето кога го напуштивте и заминавте за Франција?

Скопје секогаш сум го чувствувал како свој дом, без разлика на тоа дали сум често или поретко доаѓал овде. Па,  ако направам една временска паралела  од тогаш кога сум заминал и сега, искрено ништо не се сменило. Времето застанало, големите мајстори од тоа време ги нема, природата си го направила своето и едноставно на сцена се некои помлади генерации кои сакаат да успеат, меѓутоа за жал овде младите сметаат дека со еден модел или колекција се модни креатори, и се повеќе се сведува на следење и набљудување на нешто друго, туѓо  отколку во центарот на вниманието да се најде сопствената креативност. Младоста е време кога треба многу да се работи, за подоцна да можете да го почувствувате успехот. Ако успехот го почувствувате додека сте многу млади, во староста ќе  се соочите со горката вистина дека тоа всушност бил лажниот сјај на успехот. Како и да е, Скопје има многу надежни млади луѓе кои доколку се потрудат и борат, сиигурен сум дека ќе достигнат широки хоризонти.

Може ли некако да се направи паралела меѓу француската мода и оваа која ние тука ја живееме, што ни недостига?

izet 2Модата е живот, а животот е мода. А денес животот или модата се претворија во стил. Значи, денес имате бутици на секој чекор, имате различна понуда и самите можете да го креирате својот изглед, својот стил. Не мора да одите до Париз за да изгледате убаво. Да, Париз е врвот на гламурот и истенченоста за мода, и таму ако нешто не се купува со пари-се купува со многу пари. Тоа е во однос модата кога станува збор за облеката, меѓутоа модата во Париз е сочинета од нешто друго што ни недостига нам. Тоа е начинот на кој се носи облеката, тоа е културата на однесување, тоа се секојдневните минималистички навики кои се минијатурни а многу значат! Па едно пиење на чај во Париз е мода! Тоа е ритуал, не е само облекување на телото за другите да коментираат, што исто така е важно, туку тоа е чувство на природност, опуштеност а истовремено е и прикажување на естетика, грациозност и убавина.

На возраст од 21 година следејќи ја вашата идеја за успех запливавте во француската модна индустрија. Што треба да поседува еден млад моден креатор, освен силната желна и талент, за да успее да се пробие во тој свет на безмилосна конкуренција?

Самодоверба и издржливост, ништо друго!

Како моден стилист работевте за Хермес, Жан Пол Готје, Тери Муглер, Азедин Алаја, Кристијан Лакроа, Шанел. Претпоставувам, од сите стекнавте различно искуство. Сепак, која од овие прочуени модни куќи најмногу влијаеше во дефинирањето на вашиот стил на изразување?

Азедин Алаја!

Вашето име, велите, се слушна кога почнавте да кроите за рокери. Денес пак, би кроеле со задоволство повеќе за?

Не би променил ништо, пак би кроел за рокерите.

Слушате ли рок? Која „плоча“ моментно се врти во вашата глава додека одите од дома, до работното место?

Елвис Присли и пак Елвис Присли. И тогаш и сега.

Модниот дизајн се учи, но стилот е нешто со кое се раѓаме, па или го имаме или вечно ни недостига. Колку личниот стил на еден моден дизајнер е пресуден во да кажеме, прецизно дефинираната и осмислена креација. Попрецизно, стилот пред занаетот, или обратно?

Едното со другото е поврзано. Но не значи дека вашиот стил секогаш треба да влијае на крецијата која ја правите. Може, но и не мора. Ваш е изборот дали сакате и дали ќе дозволите стилот да влијае на изработката и реализацијата на креацијата. Креацијата зависи од моментот на мотивација, од расположението, од одредени искуства. Не постои дефинирано време за осмислување на креацијата. Идејата може да ви се роди додека јадете, додека читате книга, додека водите љубов… Баш на секое место и во секое време! Нема правило за тоа.

Гледајќи со совршено дизајнерско око на македонската политичка и естрадна сцена, би можеле да кажете отворено што им недостига на нашите „ѕвезди“?

Индивидуалност, сопственост, препознатливост… Не можете да го носите сето она што е моментално модерно, доколку вашето тело не одговара позитивно на тоа. Секогаш може да бидете модерни, а услов за тоа е да бидете свои а не нечија копија. Неопходно е да се консултираат со компетентни лица за тоа ако веќе имаат дилема за тоа како да изгледаат, не само тоа што го носат да биде скапо или модерно, неопходно е да биде соодветно за приликата, да бидете ВИЕ во него и да се чувствувате убаво во вашата кожа.

Бараат ли познатите наши личности стручни совети за „дотерување“ лично од вас?

Нашите познати личности сакаат да експериментираат, премногу избрзуваат, секоја чест на исклучоци. Совет може да дадам за одредена прилика, да сугерирам каде и што треба. Најдобриот совет кој и за себе го применувам е дека секогаш треба да се чувствувате убаво во своето тело и истовремено да бидете привлечни и интересни за другите.

Слушнав дека деновиве се подготвува документарен филм кој го отсликува вашиот живот. Што содржи филмот, глумите ли во него, кога може да очекуваме да го видиме?

Да, се подготвува документарен филм за тоа кој сум, како сум почнал, што сум направил. Сеуште се снима, ќе го погледнеме кога ќе биде готов, па ќе ви кажам како ќе бидам задоволен.

Се каете ли за нешто во животот што сте го направиле а не сте требале, или за нешто што не сте го направиле а сте требале да го направите?

Никогаш! Животот е еден, еднаш се умира а секој ден треба да се живее! Секоја прилика е важна и треба да се искористи, а ако се пропушти ништо страшно, ќе дојде некоја подобра.

Може ли да ја дефинирате вашата лична листа на работи, да кажеме 5, по приоритетност на коишто секогаш им останавте верен?

1.љубов

2.здравје

3.семејство

4.професија

5.мојот град

x

Check Also

Што ни носи MANGO за пролет 2017

Популарната шпанска модна марка Манго ја претстави кампањата за колекцијата пролет/лето 2017. ...