Јосипа Лисац – Во слава на љубовта и животот!

Четири децении со Дневникот на една љубов

Josipa Lisac (1)

„Дневникот на една љубов“ на Јосипа Лисац, според мислењето на многу стручњаци и музикофили, без сомнеж е најквалитетниот албум во историјата на СФРЈ. Поради магијата која ја носи може да се каже дека преку ден се слуша за да се ужива, а навечер се „местат“ ушите за подобро да се чуе. Освен прекрасната интерпретација, маестралните ноти, стихови и аранжмани, носи и преубава приказна, што меѓу другото, во светски рамки, може да го смести во најубавите музички разгледници. Времето не го брише, тој е всушност повеќе од романтични песни, сувенири на некогашна земја и обележје на една епоха, а во што е неговата формула, судејќи по многу нешта, уште долго ќе се анализира, полемизира и претпоставува. Можеби токму за се тоа допринесе вистинската љубов на Јосипа Лисац и Карло Метикош од која се роди албумот.

josipa 2

„Многумина велат дека тоа што го работат, го прават од љубов, а љубовта всушност никаде ја нема. Ние живеевме во љубов, а големата страст ни беше музиката. Освен тоа, ништо не не врзуваше, ни брак, ниту некакви интереси“, вели Јосипа Лисац.

Песните од тој албум се создавани на нивната двогодишна турнеја низ Советскиот Сојуз, а објавен е на 28 февруари 1973 година во издание на тогашен Југотон.

Јосипа и Карло

„Тој албум е направен за нас, како што велеше Карло, за да биде подарен на другите. Најмногу на младите кои го пронаоѓаат и освежуваат, па со тоа очигледно и опстанува. На шега велам дека тој албум се одрече од авторот и од мене, интрпретаторот, и „вели“ да го оставиме на мир. Тој е всушност подарок, и една вистина, во која можат да најдат пораки оние кои бараат и сакаат љубов.  Како сите вистински уметнички дела и тој одамна се впушти во сопствена пловидба без своите творци“, вели Јосипа која многу се радува што го слави ова големо дело.

Во последните неколку години на Денот на вљубените одржува солистички концерти во Сава центар во Белград, а годинешниот беше, како што вели, под аурата на Дневникот на една љубов, констатирајќи дека песните на Карло Метикош се чудесни бидејќи можат да се изведуваат во различни аранжмани, а во секој да звучат извонредно. Текстовите за Дневникот ги напиша прочуениот Ивица Крајач, а во творецот на нотите Јосипа се вљуби штом го слушна, а потоа побара нешто да напише за неа. Метикош во тие години беше единствена вистинска рок светска ѕвезда за просторите на СФРЈ. Кариерата ја започна во 1961 година под името Мет Колинс во Париз, потоа пееше во многу земји, во Азија и Африка, пред милијардерите, шеиците, а за неговата големина сведочи и фактот дека со песната на Црниот континент го отвори и ланецот на хотели Хилтон. Беше идол на масите, заводник на планетарните убавици кои ги напуштаа славните љубовници и по него трчаа низ светот. Така поради него првата манекенка на Диор го остави славниот глумец Жак Шарије.

Josipa Lisac i Karlo Metikos. (1)-3

Кога го завршија Дневникот на една љубов, тогашните уредници на Југотон, откако ја преслушаа матрицата прокоментираа со зборовите – „Што е ова?“ и едвај се согласија албумот да се објави. На тоа денес Јосипа со насмевка се присетува, но не заборава дека после таа плоча на многумина не им се допаѓаше како пее.

„Им пеев ужасно, низ нос. Сите весници за тоа пишуваа, дека тоа не е во ред, дека ги уништувам песните на Карло. Со текот на времето тоа се загуби, денес тие нумери се слушаат и луѓето велат дека тоа е фантастично“, вели таа.

Карло во нејзиниот живот се појавил во 1971 година, но за неа слушнал уште за време на престојот во Африка. Му зборувале за една вонсериска пејачка од Југославија, која се вика Јосипа, па посакал да ја запознае. Кога го слушнал нејзиниот глас станал нејзин најголем обожавател, поклоник на тој начин на пеење, а бил воодушевен и од начинот на кој Јосипа се однесувала. Потоа, „до уши“ се вљубил во неа.

Јосипа сакала нов албум, некој сосема различен, но од се што и нуделе ништо не и се допаѓало. Потоа му рекла на Карло – „Зашто ти мене да не ми направиш албум!“. Така се случи песната „Среќа“ која стана драгоцен камен на поп културата. Интересно е дека сите оние кои учествувале на снимањето ги следело чудесно чувство дека создаваат нешто невообичаено, големо.

Josipa Lisac (5)

„Успеавме да направиме точно таков албум каков што имавме замислено, и потоа го испративме на патување. И денес на концертите повторно го сретнувам, тоа е зрел господин кој ги надживеа политичките уредувања, државите, државниците, кризите и девизите“, раскажува Јосипа. Промоцијата на Дневникот на една љубов почна во „Клуб књижевника“, а концертниот дел се одржа во театарот Комедија во Загреб. И тоа беше првиот концерт во Југославија кој беше отпеан на плејбек, како што пишуваа весниците, а всушност таа пееше во живо, но со матрица.

„Навистина се беше посебно, неповторливо. Се работеше во тешки технички услови, но истовремено беше преубаво. Сета таа енергија. Секој ритам се славеше. Ќе се направеше половина песна, па ќе се прославеше. Ќе се направеше цела песна, па ќе се славеше. А се пееше само на еден канал. Ако требаше нешто да се поправи или да се сними подобра верзија, онаа претходната мораше да се брише“, се присетува Јосипа.

Интересно е дека Јосипа и Карло се запознале во февруари, тој роден на 8-ми, таа на 14-ти февруари, а Дневникот на една љубов е објавен на 28 февруари. Иако за Денот на вљубените секогаш имала концерт, со својот сопатник не ги планирала ни одбележувала јубилеите ниту пак одредените датуми, но секогаш ја славеле љубовта и животот.

Јосипа со Карло поминала речиси две децении, но не во брак, бидејќи сметале дека венчаниот пар ништо не значи, а тој ја подржувал нејзината одлука да се посвети на кариерата, не на мајчинството. Неговата смрт во 1991 година, на 51-годишна возраст, беше нејзина најголема загуба и болка, но продолжи понатаму. И денес подеднакво го сака и вели дека чувствува љубов. На Карло го посветуваше секој концерт кој до неодамна го започнуваше со „Аве Марија“.

„Важно е како јас се чувствувам. Не може смртта да однесе нешто што сум го чувствувала толку години. Повторувам, чувства, зашто, зарем луѓето можат да се сакаат само кога се гледаат и допираат?! Зарем чувствата можат да исчезнат ако се случи нешто непредвидливо на тој пат? Зарем чувствата, сликите, настаните и зборовите изговорени умираат и си заминуваат? Не, тие ми се мене изговорени, нив сум ги слушнала и доживеала и сеуште ги доживувам“, објаснува Јосипа. Истакнува дека кога ќе излезе на сцена сите емоции и чувства ги носи со себе и потполно се предава.

„Често слушам дека концертите на другите изведувачи ги карактеризираат како концерти на љубовта, а тука љубов воопшто нема. Јас се исклучувам од масовното и се обидувам со својата музика на публиката да и пренесам искрени емоции“, вели Јосипа Лисац.

Деценија ипол по смртта на Карло му напишала писмо, како е светот, како се нивните пријатели, дали се разделиле, како игра голф, како ги доживеала миговите по неговата смрт, како се соочила…И тоа се наоѓа на двд-то Писмо, од концертот во ХНК во Загреб одржан на 3.12. 2006 година.

„Среќна сум зашто сите не го доживеаа тоа како нешто патетично, туку ги допре во срце. Не плачев на концертот, зашто не смеам. Деновите на солзи ги преживеав пред концертот за да можам да бидам подготвена. Мислам дека Карло ме слуша, чува, следи, води…Јас сум сама, но и вака сама сум исполнета, не сум осамена. Не барам друштво од другите за мене да ми биде поубаво и полесно“, раскажува Јосипа, која секогаш целата своја сила и енергија ги насочува кон она што доаѓа. Се свртува, вели, често за она што било, бидејќи од тоа црпи енергија за да може и понатаму да постои.

На 3-ти декември 2011 година, на денот на смртта на Карло, на нејзина иницијатива е објавена „Приказна“, ексклузивно издание кое ги содржи неговите мемоари под наслов „За два ковчега слава“ (кои првпат беа објавени во 1971 година во тогашниот „Плав Вјесник“), потоа компилацијата со 40 оригинални хитови и „Књига пјесама“. Станува збор за нотни записи на 27 нумери меѓу кои и оние од првата рок опера, но и некои од најпознатите песни на кои Јосипа им вдахна посебен живот – Магла, Данас сам луда, Ја болујем, Хир…

До смртта на Карло издаде 10 албуми, и уште толку до сега, претежно компилации но и од концерти во живо. Доволно песни и остави во наследство, па редовно ги изведуваше и од време на време ги снимаше. На секој албум, освен на последниот „Живим по своме“, се наоѓаат неговите песни, а секоја е приказна како Дневникот на една љубов.

 

Владимир Џуричиќ

x

Check Also

Пругаста кошула на врзување – нов модел од „Зара“

Кошула со длабок В-израз и на врзување на струкот што имитира свилена ...