Јованка Јанкоска:Филигранот е мојот ракопис за уметноста на создавањето

„Нашата народна традиција, нашето богато македонско културно наследство е големиот извор на инспирации. Тоа е основата, почетокот од кој се движам кон дизајнот што ми е близок, што го градам со години и би сакала да биде мој уметнички израз“, објаснува уметницата Јованка Јанкоска.

Јованка Јанкоска

Јованка Јанкоска

Од кого го учеше занаетот за изработка на филигран?

Филигранот е се уште една од најубавите техники на обработка на металот. Постои со столетија, а сепак и денес ги остава без здив вљубениците во убавото, оригиналното, како единствен спој меѓу традицијата и трендот, уметноста и занаетот. Мојот учител беше  мајсторот Аднан Рамадани, од Старата Скопска чаршија. Половина година трпеливо, со љубов кон сребрените нишки што во неговите раце се претвораа во раскошни обетки, прстени, нараквици, ковчежиња и многу други предмети,  ми ги пренесуваше неговото знаење и умешностa. И денес, кога сум во Чаршијата, наоѓам макар за миг да го посетам во неговата работилница. Таму е се исто: и трпеливиот учител и простор исполнет со нови ученици, но и филигранисти кои одамна ја поминале обуката. Дружбата е онака „од ногa“, но секогаш пријатна, а размената на искуствата – навистина добродојдена.

filigran 1

Колку време е потребно за изработка на едно парче накит?

Филигранот е изработка на воглавно накит од тенка сребрена жица –  од чисто сребро 990 ( чистина на среброто ) а се комбинира со полускапоцени камења, бисери, седеф… Така станува мојот ракопис за уметноста на создавањето, за убавината, неповторливоста… Ме обзема и секогаш ја носи истата порака – не може да се работи доколку не ја обземе и душата и срцето. Веројатно така било со векови, со сребрените нишки одново и одново да се трага по оригинални форми кои во себе го носат печатот на традицијата. Навистина, филигранот е како вонвременски спој – барем јас така го чуствувам  – како единствен и специфичен, исполнет со емоции, со срцето и душата – филигранот едноставно го обзема својот создавач – мислам за секогаш. Јас така го чуствувам, па се случува за еден прстен да спојам едно деноноќие, а на посложените форми да работам и неколку дена..

filigran 6

Кои мотиви најчесто ги користиш во креациите?

Нашата народна традиција, нашето богато македонско културно наследство е големиот извор на инспирации. Тоа е основата, почетокот од кој се движам кон дизајнот што ми е близок, што го градам со години и би сакала да биде мој уметнички израз. Јас филигранот го доживувам како моја уметност.

filigran 7

Кои се можностите да го пласирате накитот надвор од границите на Македонија?

Водена од средношколските амбиции, наоружана со знаење и сега веќе искуство добиено со годините, на мојот филигрански пат не тргнав со цел тоа да биде мое занимање или извор на егзистенција. Едноставно чекорам низ целиот процес за создавање, претставување – ете ме има и на Фејсбук . Oд октомври лани, мојот филигран е ETSY…Каде понатаму – веројатно на резултат на тоа колку мојот филигран ќе го најде патот до оние што го сметаат за оригинален, вреден предмет или подарок, со вонвременска убавина и порака.

filigran 4

Кои се ваши купувачи и каков е интересот на странците за филигранот? 

Оние што ме запознаваат отпрвин се љубопитни, па сликите на Фејсбук често привлекуваат внимание на многумина, од сите страни на светот. Некогаш посакуваат филигран и така стануваат мои купувачи. Но, тоа е понекогаш, најчесто моите пријателки и нивните блиски се тие што го носат мојот филигран. Се надевам – за долго.

 

x

Check Also

Направете сами весели алки за ова лето

Наместо да купувате, направете си сами весели алки за ова лето. Еден ...