Марија Манева: Важно е да сме сончогледи свртени кон сонцето

„Новогодишната колекција нуди многу радост. Таа е составена од радоста која ја споделував во текот на целата година, а годината беше навистина креативна и продуктивна, со четири колекции и многу убави соработки. Цените се намалени затоа што радоста треба да биде поголема“, вели дизајнерката на накит Марија Манева од Windmillshop.

Марија Манева

Марија Манева

Кога почнавте да се бавите со рачна изработка на накити, каде го „печевте“ занаетот?

Со изработка на накит почнав да се занимавам кога сватив дека сакам да работам нешто што ќе ми даде апсолутна слобода да се изразам себеси во секоја смисла: емотивно, духовно и физички.

Сакав таа работа да биде инспиративна, да растам преку неа, а растењето не е можно ако не се соочите со сопствените слабости. Правењето накит е навистина медитативен процес, сами сте во сопствениот свет во кој ви е дадена можност да градите и развивате нешто, да згрешите и самите да си бидете коректор на сопствените грешки и така повторно и одново, секогаш различно и секогаш возбудливо.

Светот денес е сосема отворен, интернетот ти дава можност да се конектираш на секоја фреквенција која ти е пријатна, така дојдов до оваа техника која денес ја работам. Учев од луѓе кои живеат во Америка, Канада, Франција кои лично не ги познавам, но кои несебично го делат тоа што го знаат.

marija 3

marija 4

 

Од кои материјали ги изработувате обетките, прстените и ѓерданите?

Основниот материјал е епоксидна смола или позната како течно стакло. Како подлога користам полимерна глина која лесно се обликува и се пече. Дизајните се печатени на фотографска хартија и кога овие три елементи ќе се спојат се добива одличен ефект. Техниката е ретка кај нас, а основната причина е тоа што епоксидната смола не е достапна на македонскиот пазар. Можеби токму затоа што се работи за ретка техника интересот да се научи беше голем. Многу често добивав барања за одржување на работилници на кои ќе може да се научи техниката.

marija 5

На крајот од ноември се одржа првата работилница за накит од епоксидна смола, а формирани се групи и за следни работилници, така што од јануари продолжуваме со оваа активност. Работилниците ги организирам со поддршка на Центарот за занаети АРТиЗАН кои се едни од ретките организации кои се трудат да создадат оптимални услови за развој на занаетчиството и креативните индустрии.

marija 6

Очигледно е, инспирирани сте од големите уметници од типот на Пикасо, Фрида Кало, Климт…, и нивните најпознати дела.

Пикасо, Фрида Кало, Климт и Ван Гог беа дел од мојата колекција наречена “ARTivity”. Колекцијата имаше за цел да ги стави големите уметнички дела во поинаков контекст. Мислам дека основната функција на уметноста е да вдахновува, да го разбуди чувството на возвишеност кое те носи од другата страна на еднодимензионалноста и ти открива нови светови.

Без никаква претенциозност, ARTivity беше креативна игра која сакаше да покаже дека состојбата „возвишено” не мора нужно да се доживува во галерии, концертни сали и раскошни салони.

marija 8

marija 7

 

Од што друго се инпирирате?

Важно е да сме отворени да примаме, сетилата да ни се будни, да сме сончогледи свртени кон сонцето. Кога си отворен кон светот околу себе кој е толку чудесен и навидум тривијалниот разговор помеѓу продавачот и купувачот во маалското дуќанче може да биде инспиративен.

marija 11

Популарните пораки се присутни и на вашиот накит. Што најчесто порачувате?

Инспиративните пораки беа дел од мојата колекција „Just switch ON” која беше проследена и со една кампања реализирана на социјалните мрежи. Идејата беше секој ден во текот на еден месец да бидат објавени фотографии со девојки кои го носат накитот од колекцијата и во исто време ги споделуваат своите мотивирачки пораки. Колекцијата имаше цел да ги повика сите, особено дамите да почнат да го прават тоа што отсекогаш го посакувале, да го разбудат детето во себе, да го фатат за раче и да го прашаат кои се твоите најголеми желби? И да почнат со нивна реализација.

Сите сме имале желби, ги имаме и сега, сакаме работи кои никогаш не сме ги направиле, затоа што сме ги заборавиле, затоа што ги оставаме за некогаш, за подобри времиња. Нема подобри и полоши времиња, всушност нема време, има сега и овде.

marija 13

Колекцијата беше повик да го стиснеш копчето „ON” веднаш, да ги реализираш своите желби, да ги тргнеш на страна оние кои нeма да се покажат како успешни, не заради тоа што ти не си успеал во тоа, туку само заради тоа што не биле вистински твои и така одејќи го тој пат да стигнеш до себе,  тоа што си ти, до сопствената суштина и цел.

marija 12

На која публика купувачи се обраќате?

Немам специфична таргет група, јас се обраќам кон сите, а голем дел го препознаваат тоа обраќање како блиску до нив и така започнуваат нашите пријатни разговори во Инбокс.

marija 9

marija 10

 

 

Каде може да го купиме накитот?

Продажбата вообичаено е најголемиот предизвик за оние кои работат накит. За многумина оваа фаза наместо во триумфален финиш завршува со заморен маратон. Не е така секаде, на светско ниво постои една убава веб платформа која го обединува „крафтингот” од цел свет. Се работи за etsy.com кој функционира на база на виртуелни продавници, Windmillshop има тука свое виртуелно местенце.

Социјалните мрежи се секогаш супер форма за визуелна комуникација која е многу важна за нашата работа. За следната година со моја блиска пријателка сакаме да покренеме слична платфрома која ќе биде наменета исклучиво за Македонија.Тоа е една од моите новогодишни желби, а за тоа не треба многу, треба само го стиснам копчето “ON”.

x

Check Also

12 модни изгледи од зимската колекција на Манго кои ги обожаваме!

Шпанската популарна модна марка Манго ја отвори вратата на зимската сезона најавувајќи ...