Марина Стоилкова Симеонова: Многу подобро е да се биде фит отколку слаб!

„Килограмите не се важни, една побуцкаста девојка може да изгледа сто пати подобро на плажа само затоа што е фит од некоја друга девојка што се изгладнувала три месеци и сега е „слаба““, објаснува  Марина Стоилкова Симеонова, инструктор по аеробик во Клубот за групни спортски активности за девојки и жени „60 минути“.

Марина Стоилкова Симеонова

Марина Стоилкова Симеонова

Денес светските модни медиуми се повеќе го актуелизираат прашањето да се биде фит. Со други зборови, трендот „да се биде фит е поважно отколку да се биде само слаб“ на голема врата влегува во домовите. Колку кај нас постои свесност за разликата меѓу фит и слаб?

Во последно време Светската здравствена организација да се биде здрав го поистоветува со „да се биде фит“, затоа морам да кажем дека да се биде фит или во добра физичка форма не е баш светски тренд туку е повеќе здравствена состојба. Кај нас, особено девојките, многу повеќе се стремат да ослабнат и да бидат слаби најчесто за сметка на нивното здравје, не земајќи предвид дека многу подобро е да се биде фит отколку слаб. Инаку, не постои вистинска дефиниција за тоа што значи да се биде фит, но тоа според мене би било состојба на телото да ги надмине границите на своите можности без при тоа да претрпи билокакви повреди, односно да е во состојба да може да трча долго (здрав кардиоваскуларен систем), да крева тежина (цврсти мускулни влакна), да има добра флексибилност, координација, рамнотежа.

Да се задржиме тука на фит формата. Како до неа?

Фит состојба се мери според бројот на тренинзи во неделата, поточно се смета дека најбрзо се постигнува со минимум 3 часа аеробни тренинзи неделно, во комбинација со вежби за сила, издржливост, флексибилност, и се тоа во комбинација со здрава, избалансирана исхрана. Затоа да бидеш фит не значи да бидеш слаб.

marina-61

Претпоставуваме слабо тело се постигнува со ригорозни диети, но и слабите имаат проблем, на пример, со целулитот. Дали според вашето мислење, тука помагаат антицелулитните креми?

Проблемот со целулитот е сосема друга тема, не сакам да навлегувам во успешноста на кремите, но ќе напоменам дека нормално со физичка активност се забрзува метаболизмот, се зголемува мускулната маса и тоа доведува до подобрување на циркулацијата со тоа и исфрлување на вишокот отрови, отпадни материи од организмот, а тоа секако е самиот целулит – токсини кои се заработени под поткожните масни клетки.

Што мислите за толку популарните таблетки за слабеење? Кои се позитивните, кои негативни страни кај нив и делуваат ли воопшто?

Таблети за слабеење, вечна тема. Претпоставувам дека имаат ефект доколку некој има цел само да ослабне, но проблемот е друг. Потребата да се остане на посакуваната тежина и во добра физичка форма цел живот ги прави таблетите немоќни. Не може ниедно апче ниту шејк, ниту билошто слично, да те одржи цел живот во форма и да ги замени сите тие часови поминати во сала или во природа, ниту пак може да ги оствари здравствените придобивки од физичката активност.

Да претпоставиме, одлучуваме да станеме фит. Колку навистина труд треба да вложиме за да постигнеме фит форма?

Да се биде фит е состојба на телото, тоа би значело дека таа состојба постојано се менува, секој ден стануваме се повеќе фит. Да се биде фит не е цел туку е дестинација, тоа не се постигнува после одреден број на тренинзи и сме завршиле работа. Тоа е состојба што се обновува и што се одржува одново и одново цел жиот. Но, почнувајќи да се занимаваме со билокаква физичка активност три пати во неделата, тогаш сме на добар пат да станеме фит.

Пролетта се ближи и секако, сакаме да се облечеме малку полесно, малку и попровакативно, малку посекси. Но како вечен проблем да ни е оној „појас за спасување“ околу стомакот или самиот надуен стомак. Кога е вистинско време за диета за да ја фатиме пролетта фит-подготвени и што треба да вклучиме во нашето мени?

Пролетта или периодот на диети е најпроблематичен. Сите се тркаме кој колку ослабнал и колку брзо. „Еј, види една колешка ослабнала 3 килограми за една недела“. Јас пак, би ви советувала едно нешто – придржувајте се на некој не толку ригорозен план, на разновидна и здрава исхрана, фрлете ги вагите и, ајде на вежбање!

marina-2

Искрено, не верувате во никакви напивки за фит изглед? Во ниедна од оние кои ни се сервираат секојдневно? 

Постои само еден волшебен збор. На вежбање.

 

x

Check Also

Која диета е најдобра за вас? Проверете според вашиот биоритам

Со пресметувањето на биоритмот ќе откриете нешто ново за исхраната и така ...