Мерилин Монро, последен разговор со осамената девојка

Последните интервјуа на Мерилин Монро дадени на новинарот на кој му веруваше, Ричард Меримен, личеа на исповед. Интимна исповед за нејзиното детство, за товарот на славата, за зависта на луѓето, интересите на филмските студија. Серијата исповеди беа објавени во списанието Лајф, под насловот „Последен разговор со осамената девојка“, 12 дена по нејзината смрт, која се случи на 5 август 1962 година.

mm 4 1962

И кога беше отпуштена од „Некој мора да попушти“, Мерилин Монро тоа го помина во речиси незаинтересирана тишина. Кога имаше проблеми со „Твенти сенчури фокс“, таа едноставно рече дека беше премногу болна за да работи, дека не доцнела намерно и не бегала намерно како што сметаше продуцентот. Додека „Твенти сенчури фокс“ и нејзините адвокати преговараа за таа да продолжи да работи на филмот, Мерилин размислуваше за другите аспекти на својата кариера – за наградите и товарот на славата, кој мораше да го носи поради фановите кои, платија 200 милиони долари за да ги видат нејзините филмови, за одеците во нејзиниот сегашен живот од нејзиното детство минато во згрижувачки семејства. Ова гласно го размислуваше во ретката и искрена серија разговори со Ричард Меримен, соработник на списанието Лајф.

Понекогаш со шамија и мантил, без шминка, ќе отидев на шопинг или само ќе излезев да видам како живеат луѓето. Но тогаш, знаете, ќе се појавеа неколку остроумни тинејџери и ќе речеа: „Еј, застани само една минута. Знаеш ли која мислам дека си ти?“ И ќе почнеа да ми раскажуваат за Мерилин Монро. Тоа не ми пречи. Сфаќам дека некои луѓе сакаат да видат дали сум јас тоа навистина. Одеднаш, тинејџерските лица ќе светнеа. Ќе речеа – „Навистина?!“, и не ќе можеа да дочекаат да им кажат на своите пријатели. Ми приоѓаат и стари луѓе и ќе речат – „Чекајте… да ѝ кажам на жена ми“. Сте им го промениле целиот ден. Во утринските часови, ѓубреџиите што одат по 57-та улица, кога ќе излезам на врата ме поздравуваат – „Здраво, Мерилин. Како си утрово?“ За мене тоа е чест и затоа ги сакам. Работниците, кога ќе поминам, ми свиркаат. Прво свиркаат затоа што си мислат „еве една девојка, има руса коса и згодна е“, а потоа ќе викнат – „Боже, па тоа е Мерилин Монро!“ Тоа е така, тие моменти се убави. Луѓето знаат која сте и оставаат чувство дека нешто им значите.

mm10

Секогаш влегуваш во несвесното на луѓето

Не знам точно зошто, но некако чувствувам дека луѓето знаат што правам, без разлика дали сум на филмското платно или кога лично ќе ги сретнам. Секогаш со интерес прашуваат „како си?“. Во својата фантазија веројатно мислат „Тоа може и мене да ми се случи“. Кога сте славни, станувате еден вид бегство на другите луѓе, на еден суров начин. Тоа предизвикува завист. Што мисли дека е таа, Мерилин Монро? Но сакаат да бидат во ваша близина за да се почувствуваат и самите славни. Еднаш барајќи да купам стан, стоев пред една зграда и еден многу пријатен, весел човек ми пријде и ми рече – „Ќе почекате ли само еден миг, сакам да ја викнам жена ми да ве запознае“. Кога се симна таа, ми кажа – „Би ве замолила најљубезно да се тргнете од овие простории.“. Секогаш влегуваш во несвесното на луѓето.

Да земеме за пример некои актери или режисери. Најчесто нема мене да ми кажат во лице што мислат, туку ќе кажат преку весниците, за играта да стане поголема. Знаете, ако ме повредат во лице, тоа нема да ги задоволи зашто сè што ќе им одговорам ќе биде „Никогаш нема да се видиме“. Но ако се објави навредата во весник, за тоа ќе дознае целиот свет. Не знам зошто луѓето не се малку пољубезни еден кон друг. Не сакам тоа да го кажам, но мислам дека има многу злоба во овој бизнис. Еден актер еднаш кажа дека бакнувањето со мене било како да се бакнуваш со Хитлер. Е тоа е проблем. Ако морам да изведам љубовна сцена со некој што навистина има такви чувства кон мене, тогаш морам да ја вклучам мојата фантазија. Со други зборови, да го исклучам него. Да не постои на снимањето.

mm8

Убаво е да се биде дел од фантазиите на луѓето, но исто така е убаво да бидеш прифатен таков каков што си. Мислев дека имам неколку прекрасни пријатели, но наеднаш не беше така. Направија многу нешта. Им зборуваа за мене на новинарите, на своите пријатели, им кажуваа приказни, и знаете, тоа е толку разочарувачко. Понекогаш сум поканета на некоја прекрасна вечера како што се кани музичар што треба да свири на пијано по вечерата и знам дека не сум поканета заради мене самата. Тука сум како орнамент.

mm88

На петгодишна возраст посакав да станам актерка

Многу сакав да глумам. Не го сакав светот околу мене бидејќи беше мрачен, но сакав да правам куќичка во која можев да искреирам ситуација и во која сама ќе се преправам. Другите деца малку беа побавни во таквата имагинација, а јас им велев – „Еј што би било кога ти би бил таков и таков, нели би било позабавно?“. А тие ќе ми одговореа – „Ох, да!“. А потоа јас ќе кажев – „Ова ќе биде коњ, а ова ќе биде…“. Тоа беше игра. Но слушнав дека тоа е глумење. И тогаш реков дека сакам да бидам тоа. Да глумам. Но потоа пораснав и дознав други работи за глумењето, и дека некои глумењето го прават многу тешко за вас. Некои од семејствата што ме чуваа знаеја да ме испратат во кино за да ме извлечат од дома и таму седев цел ден до доцна навечер. Пред мене имаше голем екран, а јас бев мало девојче, само, и тоа го сакав. Не сакав да пропуштам ништо, а немав ниту пуканки.

mm9

Кога имав 11 години, целиот свет ми беше затворен

Милев дека се наоѓам од надворешната страна на светот. Одеднаш, сè се отвори. Дури и девојките почнаа да ми обрнуваат малку внимание. До училиштето имав долг пат, две и пол милји, и две и пол милји назад. Но тоа беше чисто задоволство. Работниците возеа до работа, на патот ќе ми мавнеа и јас им одвраќав со мавтање. Светот стана пријателски. Момчињата што разнесуваа весници доаѓаа да видат каде живеам, а јас имав навика да висам на дрво држејќи се со нозете за гранката. Носев маици затоа што навистина не можев да си дозволам џемпер. Тие ќе ги паркираа своите велосипеди пред влезот, ќе ми дадеа бесплатно весници, додека јас се качував на дрвото како мајмун. Мислам дека бев премногу срамежлива за да се симнам. На семејството му се допаѓаа бесплатните весници. Понекогаш беа загрижени бидејќи прегласно се смеев, мислеа дека тоа е хистерично. Кога еднаш прашав едно момче што носеше весници дали може да го повозам малку неговиот велосипед, одеднаш почувствував слобода. Почнав тоа често да го правам. И тие ќе речеа – секако. Возев смеејќи се гласно, наспроти ветерот, сè до крајот на улицата, додека тие ме чекаа да се вратам. Го сакав ветерот зашто ме милуваше. Но кога светот се отвори, сфатив дека луѓето повеќе земаат отколку што даваат, дека не се сите пријателски расположени, дека некои ќе дадат малку, а очекуваат премногу.

Креативното во мене ме натера да продолжам да се обидувам да станам актерка. А и имав премногу фантазија во мене за да би можела да бидам домаќинка. Но морав и нешто да јадам. Морав сама да се издржувам. Лос Анџелес беше мојот дом, исто така, а кога ми кажаа „оди си дома“, им одговорив „јас сум веќе дома“. Првпат почувствував дека сум позната кога враќајќи се од аеродромот случајно забележав како на едно филмско студио осветлено стоеше моето име. Помислив – „Боже, некој направил грешка“. Но не беше грешка. Ми беше многу чудно. А во студиото, кога влегов, ми рекоа „Запамти, ти не си ѕвезда!“. Тогаш навистина добив идеја дека морам да станам ѕвезда. Добар дел од новинарите беа мажи и освен ако немаа нешто лично против мене, беа многу пријатни и пријателски расположени и знаеја да ми речат – „Знаеш, ти си единствената ѕвезда“. А јас ќе повторев „Ѕвезда?“, а тие гледаа зачудено во мене. Мислам дека тие ми помогнаа да сфатам дека сум славна.

mm1

Видете, јас сум русокосата…

Се сеќавам кога добив улога во „Мажите повеќе сакаат русокоси“, Џејн Расел, таа беше бринета во филмот, а јас бев русокосата, таа доби хонорар од 200.000 долари, а јас од 500 долари неделно. Но таа беше многу добра со мене. Единствено што јас не добив ни гардероба. Најпосле се изнервирав и реков: „Видете, јас сум русокосата, а ова е филмот Мажите ги сакаат русокосите!“ А бидејќи тие сè уште знаеја да кажат „Запомни, ти не си ѕвезда“, продолжив „Што и да сум, јас сум русокосата!“. И тоа сакав да им го кажам на луѓето, ако сум ѕвезда – луѓето ме направија ѕвезда. Ниту едно студио, ниту една личност, туку луѓето. Имаше реакција што пристигна во студиото, писмо од еден фан, или кога одев на премиера, организаторите сакаа мене да ме сретнат. Не знаев зошто. Кога сите истрчаа кон мене, се исплашив до смрт. Имав чувство, и понекогаш сè уште го имам тоа чувство, дека сум излажала, не знаев кого ни за што, можеби самата себеси.

Актерот не е машина, без разлика колку да те убедуваат дека си. Креативноста е човечка особина, а кога си човек, чувствуваш, патиш. Некогаш си болен, некогаш си нервозен, без разлика, како секое креативно човечко суштество. Беше лесно изводливо за мене кога режисерот ќе ми кажеше „Уште една солза, веднаш!“. Но еднаш испуштив две солзи за инает, зашто помислив „Како се осмелува вакви работи да наредува!“. Гете вели – „Талентот се развива во приватноста“. И тоа е навистина точно. Имам потреба за осамување, што не мислам дека многу луѓе ја поврзуваат со актерот.

Кога си славен, секоја слабост е претерана

Оваа индустрија треба да се однесува кон актерите како мајка кон своето дете што истрчало на улица право пред автомобил. Но наместо да си го спаси детето, тие го казнуваат. Не смееш ни да се разболиш. Како се осмелуваш да се разболиш! Главните во продукциските куќи смеат да се разболат и смеат да седат дома, но актерот кога ќе се разболи е дрскост. А знаете, никој не се чувствува полошо од тогаш кога е болен. Понекогаш посакувам тие да се во состојба да глумат комична сцена со висока температура. Јас не сум од оние актери што доаѓаат во студио заради дисциплина, тоа нема никаква врска со уметноста. Би сакала и јас да сум подисциплинирана во работата. Но во студио одам за да глумам, а не за да ме дисциплинираат! Најпосле, не сум во воена академија. Треба да покажам уметност, а не фабричко производство. Чувствителноста што ми помага во глумата, ме тера и да реагирам. Актерот треба да биде чувствителен инструмент. Исак Стерн многу се грижи за својата виолина. Што би било кога сите би почнале да скокаат врз неа?

mm09

Еден од моите проблеми е воочлив. Доцнам.

Знам дека луѓето мислат дека моето доцнење е ароганција, но тоа е нешто спротивно на ароганцијата. Не сум дел од големата американска трка во која се трча без причина. Главното е што сакам да бидам подготвена кога ќе дојдам во студиото и да дадам добра глума. Многумина стигнуваат на време, ама не прават ништо, седат и зборуваат тривијални работи за својот живот. Гебл за мене рече: „Кога е тука, таа е тука. Таа е целата тука! Тука е за да работи.“

merlin 2

Господе, што ако ме изневери гласот?

Бев почестена кога ме прашаа дали би се појавила на роденденот на претседателот во Медисон сквер гарден. Како да се случи востание кога се појавив таму и почнав да ја пеам „Среќен роденден“, како да бев излегла гола. А јас помислував: „Господе, што ако ме изневери гласот?“. Потоа си реков, има да ја испеам песната, па нека е и последното нешто што ќе го правам, ќе ја испеам за сите луѓе. Се сеќавам дека кога се завртев зад микрофонот, погледнав во патеката наназад и потоа нанапред, и помислив морам да стигнам до оние дрвени скелиња во близина на таванот каде што еднаш платив два долари за да седам. Исадор Милер, мојот законски татко, беше со мене. Кога го сретнав претседателот, наместо да му кажам „Мило ми е што ве запознав“, јас реков – „Ова е мојот законски татко, Исадор Милер“. Тој беше емигрант во Америка и помислив дека ова ќе биде едно од најголемите нешта во неговиот живот. Имаше околу 75-80 години, и помислив дека ова ќе биде нешто што ќе им го раскажува на своите внуци.

Славата има посебен товар, не ми пречи да сум натоварена со гламур или сексапилност. Мислам дека убавината и женственоста не стареат и не може да бидат измислени, исто како и гламурот, иако „производителите“ сакаат да ги произведуваат. Вистинскиот гламур се базира на женственоста, а сексапилот привлекува само ако е природен и спонтан. Тука многумина се сопнуваат. Ние сите сме родени со сексапил, штета што многу луѓе го презираат или уништуваат нивниот природен дар. Вистинската уметност доаѓа од него, сè доаѓа од него.

Никогаш не разбрав што е тоа „секс-симбол“

Отсекогаш мислев дека симболите се некои важни предмети. Проблем е кога секс-симболот станува предмет. Мразам да бидам предмет. Но ако веќе морам да симболизирам нешто, добро е што тоа сепак е сексот. Девојката што се обидува да биде јас е втурната во тоа, од страна на студиото.

Не бев навикната да бидам среќна, па ништо не земав здраво за готово. Бев израсната поинаку од просечното американско дете, а просечното дете беше воспитувано да очекува среќа од животот. Да биде успешен, среќен и навреме. Сепак благодарение на славата имав прилика да запознаам и да се омажам со двајцата најдобри мажи што ги бев сретнала дотогаш.

Не мислам дека луѓето ќе се завртат против мене, барем не по нивна волја. Ги сакам луѓето. „Публиката“ ме плаши, но на луѓето им верувам. Можеби ќе бидат импресионирани од печатот или од студиото што ќе пласираат различни приказни. Но мислам дека кога луѓето ќе отидат да го видат филмот, самите ќе судат. Ние, човечките суштества, сме чудни креации и сè уште го имаме правото да размислуваме со своја глава.

merlin 7

Еднаш требаше да бидам готова, да биде крај со мене

Кога господинот Милер беше на судење поради непочитување на конгресот, еден директор на голема корпорација рече – „Ова е крај со тебе!“. Му одговорив – „Горда сум со сопругот и со него сум во секој случај“. „Готово, никогаш веќе нема да се спомне твоето име“, ми рекоа од судот.

Веројатно е некакво ослободување кога си готов. Треба одново да почнуваш од почеток. Но верувам дека си добар онолку колку што се добри твоите потенцијали. Сега живеам за работата и имам неколку пријатели на кои навистина можам да сметам. Славата ќе си замине, но најпосле јас бев славна. Ако си замине, барем ќе знам дека тоа е минливо нешто. Но нешто е што го искусив и во кое никогаш не живеев добро.

 

x

Check Also

Колоритна и весела кампања на Долче и Габана за пролет 2017

Во духот на претходните кампањи во последниве две години, Долче и Габана ...