Мила Кадриу: граѓаните на Македонија имаат стил и вкус за облекување

Ревиите играат голема улога во развојот на работата на еден дизајнер и неговиот бренд што го гради, значајни се за утврдувањето на стилот и градењето на имиџот на самата марка. Ревиите се патот по кој треба и мора да оди секој дизајнер“, вели познатата креаторка Мила Кадриу во разговорот за макмода.мк.

mila 1Колку во Македонија е променет погледот на модата за разлика од претходната деценија?

Како што се развиваат и еволуираат другите области на нашата економија така и модата се развива и бележи своја еволуција секој ден се повеќе. Секако, свој придонес тука имаат и универзитетите со обучување на нови кадри, Модниот викенд кој преку организација на различни настани и даде друг пристап на модата во Македонија и да не заборавиме, големата потреба за домашни дизајнери од страна на самите клиенти. Јас сепак мислам дека сме на почеток од развивањето на модата кај нас, но сепак се работи доста, постои ентузијазам, желба и позитивна енергија за зацрстување на темелите на ова што го градиме.

Би можеле ли да кажеме дека граѓаните на Македонија, земајќи ја в предвид и уличната мода, генерално гледано, имаат стил?

Ние сме земја со традиција кога се зборува за текстилната индустрија, повеќето од нашите мајки сами ги создавале парчињата облека, младите се доста информирани, сакаат да експериментираат и имаат смелост за тоа, јас се согласувам дека граѓаните на Македонија генерално имаат стил и вкус за облекување.

Би можеле ли да одвоите некои од нашите јавни личности со, според вас, истенчен вкус за мода?

Оваа тема е многу широка и без речиси воопшто дебати за жал, и тие малку позитивни и негативни критики што постојат во однос на облеката или стилот на јавните личности не се издржани, медиумски се многу еднострани, мислам дека имаме создадено комплетно погрешна слика и најмногу патат самите тие личности. Има и подобрување кај дел од нив, но многу сме далеку, а причините според мене се финансиите и нефокусирање на квалитет туку на квантитет.  Има и еден мал парадокс кај нас, политичарите доминираат со својот изглед пред естрадните ѕвезди, но постои надеж за подобрување.

Верица Пандиловска во прекрасна креација на Мила Кадриу на Скопски фестивал 2013

Верица Пандиловска во прекрасна креација на Мила Кадриу на Скопски фестивал 2013

Дали една модна ревија кај нас, ако го исклучиме маркентиншкиот ефект, може да биде во финансиска смисла исплатлива?

Ревиите играат голема улога во развојот на работата на еден дизајнер и неговиот бренд што го гради, пред секоја друга смисла тие се значајни за утврдувањето на стилот и градењето на имиџот на самата марка. Ревиите се патот по кој треба и мора да оди секој дизајнер. А, финансискиот дел доаѓа потоа.

mila 2

За 14 февруари подготвувате ваша ревија во составот на Брајдал фешн шоу. Каков тренд на венчаници форсирате?

Ке бидеме дел од Брајдал фешн шоу (Bridal fashion show) на 14 февруари, тоа е супер прилика за нас како Mkouture за да се издвојат венчалните фустани од другиот дел на нашата работа. Тоа го започнавме минатата година во Струмица со самостојна ревија заедно со Casamento кои се претставници на нашиот бренд во источна Македонија и пошироко. Овојпат ќе бидат претставени венчаници од малку поинаков тип од тие кои ги правиме по мерка на клиентот, побледи во однос на детаљите, поедноставни во однос на формите со додаток на пастелни нијанси. Наменети се за невести кои се модерни, едноставни, раскошни и кои сакаат да бидат различни на својот посебен ден.

Колку време ви е потребно за подготовка на една ревија, колку луѓе се вклучени во вашиот организациски тим и со колку модели ќе се претставите?

При крајот на изработката на една колекција веќе знам како ќе изгледа следната, тоа е почетната точка, следува селекцијата на цртежи која ја правиме паралелно со одбирање на материјалите, одредување на палетата на бои, моделирање и понатаму следува изработката. После идејата процесот трае три добри месеци, 6 члена во тимот се вклучени од самиот почеток, а последниот месец работи тим од 12 члена. Инаку, колекцијата на венчаници за пролет/ лето 2014 година содржи 12 модели.

Што ни носи Мила Кадриу во колекцијата за потоплите денови на годината? Кои материјали и бои ќе доминираат во сезоната пролет/лето?

Во тек е изработката на новата колекција пролет/лето која ќе биде презентирана во составот на Модниот викенд, а тоа ќе биде во април. Колекцијата би ја нарекла романтично – авангардна, посмела за разлика од претходните, но сепак нослива. Ќе доминираат црно-белата боја како комбинација, тегет, крем, пастелните нијанси…

Која од светските модни сцени и кој од светските модни креатори ви се најблиски на вашиот сензибилитет?

Мислам дека нашата модна сцена е најблиска со њујоршката, не можам да се споредм конкретно со некој светски креатор во однос на стилот. Monique Lhuillier е некој спој на европската и американската мода кога станува збор за венчаниците.

Кои се вашите клиенти? На која публика и се обраќате?

Моите клиенти се од различни профили, доминираат жените од бизнис секторот, познати наши личности, имаме доста странци кои се дел од дипломатскиот сектор. Возрасната граница се движи од 25 до 40 години, луѓе кои знаат што сакаат, имаат каде да ги носат нашите креации. Ателјето е отворено за сите жени и девојки кои се пронаоѓаат во нашиот стил.

Гардеробата не го прави човекот, но секако го разубавува. Што е тогаш тоа што ја прави една жена женствана, кога е во прашање облеката?

Женственоста според мене е спој меѓу внатрешното и надворешното, ако не зрачи таа жена со позитивна енергија, доверба во себе, спокој и љубов нема да може да носи една креација така како што треба. Мислам дека се доаѓа од внатре, инаку се би изгледало како на закачалка или на кукла.

Поради обврските речиси секогаш сум во фармерки и кошула, но најмногу своја се чувствувам во фустан.

Поради обврските речиси секогаш сум во фармерки и кошула, но најмногу своја се чувствувам во фустан.

Кој вас ве облекува? И лично, во каква облека се чувствувате најмногу своја?

Секојдневата облека претежно ја купувам во Македонија или надвор, често пати комбинирам со парчиња што ги создаваме во M Kouture без разлика дали се работи за блуза, кошула, палто или капут. Поради обврските речиси секогаш сум во фармерки и кошула, но најмногу своја се чувствувам во фустан. Мислам дека за секоја прилика постои различен тип на фустан и многу малку може да се згреши.

Што најмногу ви пречи на македонската модна сцена?

Лично најмногу ми пречи што не постојат стандарди, допрва се градиме и развиваме, пазарот е мал, а моќта на купувачот уште помала. Има голема надеж да ги исполниме нашите очекувања, дури и да ги надминеме, ни треба многу почит за другите дизајнери и поддршка, сам никој не може да успее, повеќе работа и доверба и помалку суета.

Ј.Кантарџиева

 

x

Check Also

6 фустанчиња со спуштени раменици од Mango

Фустанчињата кои ни ги откриваат рамениците се тренд за сезоната пролет/лето 2017, ...