Најдоброто од 2014: Многу стил во Мехди Белхај Касем и одговорите на модерниот нихилизам: Љубовта драматично ни е потребна!

„Се повлеков на село во преводите на Новиот живот како спасоносен фрагмент на вечноста. Данте пател барем колку и современиот депресивен романсиер, но не најде во тоа изговор да не создаде убавина и љубов. Во ова постпорнографско, постсексуално време, љубовта драмтично ни е потребна“, вели Мехди Белхај Касем, (француски) филозоф кој „не купи“ од прва. Не, не мислевме на изгледот (само), туку на стилот и на умот.

m2

Освен со книгата Поп филозофија, овој млад француско-туниски интелектуалец ги воодушеви младите генерации, а предизвика гнев во париските интелектуални кругови кои го сметаат за самоук филозоф, подготвен во иста корпа да ги смести Хајдегер, видеоигрите и кризата на западното општество. Откако го обајви делото Француска психоза, Касем одлучи да ги прекине односите со медиумите образложувајќи „дека го затупуваат глупавите прашања од толк-шоуата“. Замина да живее надвор од Париз и да работи на преводот на делото на Данте, Новиот живот.

Се повлековте да го преведувате делото на Данте, дали е тоа скок во минатото во надеж дека ќе ја избегнете сегашноста?

Новиот живот е ѕвезда на небото на западната култура. Нема никаков одреден датум за таа апсолутна идеја за љубовта. На крајот, работата на тоа е индиректно занимавање со политика.

Како?

Со желба да одговорам на денешниот нихилизам, ја претставувам таа книга како фрагмент на вечноста. Сакам да и кажам на јавноста – подобро да го читате Новиот живот отколку оние депримирачките писатели како што се Уелбек и Дантек. Данте пати исто како и современиот депресивен романсиер, но не наоѓа во тоа изговор да не создаде убавина и љубов.

Виртуелното е реално

Дали љубовта е сеуште актуелна?

Во ова постпорнорафско, постсексуално време, љубовта ни е потреба. Верувам дека, од филозофска страна, тоа најинтересното и најзначајно што го правиме во животот е секогаш резултат на некоја средба. Тука Данте е буквален пример со својата физичка субјективност: средбата со Беатриче и физичкото искуство од таа случка биле одлучувачки. Филозофијата е и тоа: на кој начин ќе не погоди некоја средба со некоја поема, со некоја личност, со некоја ситуација, некоја љубов, некое политичко случување.

Но денес интернетот, виртуелноста, не одделува од физичкото искуство?

Не, витртуелното е реално. Тоа е нов инструмент на младите генерации – чисто техничко средство. Тешкотијата е во тоа да се увиди вистинската средба во океанот на денешните размени. Треба трпение. А јас умеам да бидам трпелив.

Сепак, многумина сметаат дека виртуелното искуство не оддалечува од реалноста?

Верувам во субјективниот напредок, односно дека со време можеме да напредуваме и да станеме подобри. Добриот уметник нема да дозволи техниката да управува со него туку напротив, ќе ја подреди техниката на себе. Не мислам дека интернетот е најважната работа која денес треба да се анализира.

Па која е тогаш најважната?

На пример, една од најголемите посебности на денешницата е во тоа дека иконокластиката и иконолатријата се иста работа.

Објаснете?

Мислам на разните програми, на „trash” телевизијата, почнувајќи од емисиите од типот на  Големиот брат до англискиот Поп идол, Икс-фактор…. Имено, тоа е продукција која и вие ја знаете и во која се огледува целиот ужас на Западот.

Но генерациите кои растат со таа „trash” телевизија мислат дека четвртина час слава ги отвора сите врати?

Не верувам. Ете зошто зборувам за иконокластиката и иконолатријата. Младите кои ги гледаат тие емисии не се толку глупави. Обожаваат без обожување, а тоа е нова ситуација. Истовремено гласаат за личностите кои се претставуваат зашто многу лесно можат да се идентификуваат со нив. Во тоа и е перверзијата на системот.

Односно?

Произведуваме форма на демократија која бара малку, која те охрабрува да гласаш за некој за кој сметаш дека е сличен на тебе.

Вие ја критикувате и таа нова контра-демократија, која никогаш не е „за“?

Тоа е беда и перверзија на денешните западни демократии. Значи, како да претворите некое „не“ во некое “да“? И тоа без да паднете во хистерија, трпеливо. И јас се чувствував како бунтовник, како „контраш“. Но со текот на времето научив да се ангажирам за нешто, на пример, да делувам во рамките на Амнести интернешнел. Во секој случај интересна е оваа фрагментација на „контрата“ која, се надевам, ќе се насочи кон нешто позитивно, кон еколошки движења, кон движења за солидарност…

Дали премногу се занимаваме со минатото?

Ги заспиваме масите со реторика за демократијата како помало зло, но бидејќи така се задоволуваме, зашто се помалку бараме и посакуваме, зашто од ден на ден се повеќе сме попустливи пред поредокот кој е воспоставен за „општо добро“, ние денес имаме вакви претседатели на дражави какви што имаме….Мораме да го прифатиме фактот дека човекот не е центар на светот, дека морално не е супериорен, дека не е слика на Бог, туку е најсуровото животно на нашата планета. Значи мораме да создадеме постхуманистичка филозофија.

Како тоа би изгледало?

Одговорот е во реалната политичка пракса: екологијата е постхуманистичка политика и етика. Вегетаријанците се постхуманисти.

Мислите дека ние денес поставуваме погрешни прашања?

Еве ви еден пример, според статистиката секоја година во Франција се случуваат 900 убиства и 130.000 обиди за самоубиство, од кои 30.000 успеваат. Кој беше одговорот на владата за тоа? Зголемување на бројот на полицајци. Таквото однесување го отсликува современиот нихилизам, за кој претходно зборував, и суштинскиот проблем на нашата демократија. Денес сме толку зафатени со потхранување на безбедносната хистерија што ги замаглуваме вистинските проблеми.

Постојат објективни податоци кои го потврдуваат растот на насилствата и агресијата?

Но, не треба поради тоа да се согласуваме на се! Со изговор за помало зло, предавајќи ја власта на насмеаните есктремисти. Да беше оваа демократија здрава, немаше сите да бидеме депресивни, егоисти и исполнети со мачнина.

Значи уплашени?

Бесмислено е да се плашиме од се – од странци, емигранти, муслимани, хомосексуалци, како што денес е случај. Парадоксот на привидно толерантната демократија е да се плаши од се и сешто.

m3

На пример, се плашиме од невработеноста, зашто недостасува работа?

Во Франција невработеноста се смета за темна страна на работата, па тоа е сложено прашање со кое никој не сака да се соочува. Утврдивме дека работникот е политичка категорија. А што правиме со целата оваа генерација на младите од предградијата, сиромашните, невработените, маргинализираните? Мораме ли навистина да прифатиме дека тоа е цената на триумфалниот капитализам?

Мал џиновски зафат

Па што тогаш да правиме? Да измислиме нови форми на солидарност?

Треба да почнеме поинаку да мислиме. Јас сум само мало суштество во морето од милијарди личности, но сигурен сум во една работа – целосен, глобален одговор е невозможен. Ете зашто не се согласувам со алтермондијалистите: не може да се мисли во рамките на една целина, на еден метафизички поим, како што е тоталноста. Мислам дека тоа нема да се случува ни во иднина.

Накусо, ќе се вратиме од глобалисти на локалисти?

Политичките одговори треба да се даваат на локално ниво, зашто локалното ниво е единствено кое постои. Мојот тревник – земја, во смисла на местото на кое се наоѓам, не е поразличен од кинескиот или мексиканскиот тревник. Важно е да го работиш тоа што можеш таму каде што се наоѓаш, зашто немаме право да не правиме се што можеме.

На пример, да гласаме. Зошто вие никогаш не гласате?

Треба да се измислат нови форми на демократија кои нема да одат преку гласачките кутии. Би прифатил да гласам само ако би се работело за вистински пропорционален систем.  Спротивно, ја добиваме онаа ситуација како во Франција, со две главни партии кои претставуваат помалку од 30 отсто од населението, а управуваат со земјата. Тоа не е демократија.

Можно ли е да се смислат нови форми на демократија?

Јас сум само еден од 60-те милиони Французи, но сигурен сум дека ќе биде можно, ако сите почнеме да мислиме дека е можно. Да почнеме токму со тоа прашање-дали е возможно да се осмисли нова демократија? Проблемот е во тоа што никој не го поставува ова прашање. Кога тоа би се поставило, тогаш тоа и би било можно да се смисли.

Веќе е тешко да се преживее, да се работи, да се воспитуваат децата…Сега уште би требале да размислуваме за новата демократија. Не е ли тоа џиновски зафат?

Се разбира, тоа е тешко. А јас немам одговор смислен за медиуми. Првата акција е мислата – да се бориме за работите кои вредат, имаме инструменти за тоа. Подготвувам книга за новите предизвици пред нас. Ако сакате, можеме за тоа да зборуваме за некој месец.

 

Марија Грација Меда

x

Check Also

Зошто мораш да имаш список кога одиш на шопинг!

Традиционалната шопинг листа може да биде многу корисна кога планирате да купите ...