На муабет со Меди Белаж Касем: Рајот досега требаше да е веќе тука!

 

Некако набрзина, пред разговорот, се договоривме да не „тераме“ филозофски муабети, па наместо да „филозофираме“, се фрливме директно на човечката страна, на етиката, на поезијата, на преводите на Данте и Петрарка. Сакав да го слушнам одблизу човекот Меди Белаж Касем, инаку познат француски филозоф.

medi 2

Како човек, плени со едноставноста, со искреноста, со праведноста на зборот, со поетичноста. Не беше тешко да се претпостави дека е повторно задлабочен во преводи, овојпат на Петрарка, па цела година живее во Рим.

Кариерата ја започна како романсиер, пред да се посвети на пишувањето на филозофски дела. Во Скопје пак, беше дојден на покана на Францускиот институт, кој по тој повод организираше два настани – Предавање и дебата насловена „Филозофот наспроти актуелните светски случувања. Вовед во филозофијата на Злото“ и прв француски филозофски кафе-клуб, во Магор, кој го носеше насловот „Разговор со Меди Белаж Касем“. Бројна беше публиката и на двата настана, што јасно ја покажа неговата популарност и на овие простори.

Инаку, по десетгодишна заедничка работа со познатиот француски филозоф Бадју, во 2011 год., Касем го издава делото „По Бадју“. Со ова дело, тој официјално раскина со филозофијата на Бадју во која ги гледа грешките на традиционалната филозофија, којашто по Платон изгради доминантна линија на следбеници. Оттогаш, Касем воспостави нов филозофски систем наречен „духот на нихилизмот“, преку кој го поставува заборавеното прашање од страна на традиционалната филозофија (и од Бадју): прашањето за Злото.

Како иницијатор на современиот филозофски правец, Касем врши деконструкција на идејата за нихилизмот. Наспроти сите филозофии, во чиј центар се наоѓаат поимите на Доброто, Идеалното и Вечното, во основата на модерната филозофија се поставува прашањето за местото на Злото, особено таму кадешто се работи за страдањата на човекот, при масовните уништувања, кадешто бројни филозофи гледаа само реализацијата на идејата. Касем ја основа и филозофијата на плеонектика, еден сосем нов филозофски термин, во чија основа се наоѓа желбата за акумулација и поседување повеќе од другиот.

Со ваквите идеи, овој млад француско-туниски интелектуалец, по повлекувањето од јавноста, повторно се врати со длабока мисла.

medi 8

Голема популарност ви донесоа делата „Поп филозофија“ и „Француска психоза“, но потоа одлучивте да се повлечете и да се посветите на преводот на „Новиот живот“ на Данте. Зошто се повлековте од јавниот живот?  

Пред три години сакав да се откажам од се, имав добри причини да престанам да пишувам зашто беше тешко да се занимаваш со филозофија. Веќе десет години не е лесно во Франција, со своите критики не бев многу омилен меѓу новинарите…

Меѓу новинарите кои поставуваат плитки прашања, како што еднаш рековте. Но, не баш омилен и од интелектуалните париски кругови кои ве сметаа за самоук филозоф!

Да, сметаа дека сум претенциозен и мегаломан. Зад тоа имаше и политички причини.

Зошто одлучивте да се вратите?

Одлучив да се вратам затоа што сум одговорна личност, имам одговорност кон филозофијата. Сметам дека за филозофијата да биде препознаена, потребни се години да поминат. А и сега е веќе препознаена, од Универзитетот и од експертите. Решив да се вратам зашто не треба да се чека, зашто има работи кои треба ургентно да се речат. А филозофијата е предизвик. И важните работи треба да се кажат брзо.

Кои се тие ургентни, важни работи?

Екологијата, случувањата на светската сцена, етиката најмногу, тие се предизвик за тоа што треба да правиме ние за да бидеме човечни, за нас самите, и за иднината. Мојата сопруга ми помогна многу во овие три години, верувајќи во мене.

И таа е филозоф?

Не, таа е професорка и пишува поезија.

medi 9

Во еден период бевте и актер. Не мислите ли дека како актер можете полесно да допрете до публиката, пренесувајќи ги вашите пораки, отколку како филозоф?

Не сум бил некој актер, имав улоги во два мали филма. Размислувам и за таква (филмска, н.з) работа, но мислам дека е премногу рано да ја кажам стратегијата. Размислувам да направам филозофија која ќе биде популарна, но која сепак, ќе биде многу сериозна и невулгаризирана. Една системска филозофија која ќе им помогне на луѓето. Важна цел на филозофијата е етиката.

Филозофијата дава теории, но како да не дава решенија. Ја слушнав вашата теорија за Злото, но не го кажавте решението – како да го надминеме Злото?

Прво, треба добро да се постават проблемите на вистинско место. Кога проблемите не се добро формулирани не можеме ни да ги согледаме, ниту пак, решиме. Не сум од оние кои велат направете го ова вака, направете го она така, итн…Секако дека постојат и решенија, но за мене филозофијата е начин да се формулираат проблемите, а потоа ќе се најдат личности кои ќе одлучат што да се прави. Сметам дека секоја личност е доволно интелигентна за да ги препознае решенијата, доколку има добра претстава за проблемите. Најпосле, филозофите не можат да одлучуваат и решаваат на наше место, наместо нас, тие можат да ги покажат начините на мислење кои ние не ги замислуваме.

Кој треба да го даде решението?

Решението не може колективно да се даде. Секој индивидуално треба да го најде, не може да чекаме некој експерт да ни го даде решението за нас, наместо нас. Филозофијата не е таа која изненадува, филозофијата треба само да расветли, таа прави индиректно влијание. Кога некој ќе го прочита моето дело, на пример, ќе рече, ах, да, веќе знаев за тоа, ама не знаев како тоа да го формулирам. Оттука, јас сум корисен како работник, исто како што еден молер или електричар може да придонесе со својата работа за општеството.

Еднаш рековте дека денешната демократијата е со ниски очекувања, и дека обично гласаме за оние кои нам ни се слични. Вие пак, лично, никогаш не излегувате на гласање. Време ли е да се измисли нов модел на тоа што го нарекуваме демократија?

Имам еден пријател кој многу ја сака мојата филозофија. Тој дава конкретни решенија во врска со еколошките прашања, во врска со демократијата итн. Јас пак, се занимавам повеќе со психолошката страна на проблемот. Сметам дека денес институциите се премногу ригидни, додека технологијата и техниката се развиваат премногу брзо, во споредба со нив, во споредба со институциите кои се застарени и за’рѓани. Ако се размисли за се она што технологијата може да го понуди, и за можноста што таа ја дава на граѓаните како директна интервенција на граѓанскиот живот и општество, тогаш за сега, ние само го имаме правото на глас. Затоа и не одам на избори, затоа што секогаш е присутна истата работа, тоа се секогаш исти луѓе кои припаѓаат или на десницата или на левицата. Тоа се секогаш истите информации, истите политичари, истите личности.

medi 4

Кога сме кај брзата технологија, имате ли ваша Фејсбук-страница?

Не. Не користам Фејсбук. Од една страна, брзата технологија ни овозможи да добиеме една безгранична комуникација, од друга страна пак, и можност да се каже нешто кога немаме што да кажеме. Ми се допаѓа да читам поезија и филозофија, да пишувам. Јас немам милиони работи да кажам одеднаш, јас немам секој ден по нешто да кажам, туку сакам да кажам едно нешто кое ќе ги замисли луѓето. Не влегувам во хистерична и празна комуникација.

Изградивте цел вовед во филозофијата на Злото. Од кога сте преокупирани со Злото?

Од почетокот, уште од младоста. А со филозофија се занимавам од својата 23-та година, почнав да пишувам многу млад.

Злото како влијание од Достоевски?

Добро, и од Достоевски, но тој повеќе влијаеше како литература која ја читав кога бев адолесцент. Преведував многу познати дела кои се многу повеќе од поезија, кои се и филозофија, делата на Данте, на пример.

Ако го реконструирате Пеколот на Данте, на пример, на еден ваш начин кој би се однесувал на денешно време, кого ќе сместите во круговите?  

Тешко е да одговорам набрзина, во една минута. Ако го земеме, пак, в предвид степенот на унапредувањето на продуктивните сили, Земјата до сега не требаше да биде место за Пеколот, туку Рајот веќе ќе беше насекаде, тука.

 

Фотографија – Милан Стрезовски

Ј.К.

x

Check Also

Топ 7 чантички за сите комбинации од Манго и Зара

Ги сакаме практичните чанти со привлечен дизајн зашто се погодни за секакви ...