Најсилниот македонски бренд Стоби флипс следната година ќе слави 40 години

Одбележувањето на 40годишниот јубилеј на познатиот Стоби флипс ќе биде главниот фокус на Витаминка за следната година. Покрај тоа, ќе се работи и на збогатување на асортиманот со нови производи и производни програми, како и инвестиции во производните капацитети, со што прилепска Витаминка ќе ја зацврстува својата позиција на лидер на домашниот пазар.

Претстојната година ќе биде година на големиот јубилеј на Стоби флипс, па со самото тоа најголемиот интензитет и фокус на активностите на полето на маркетиншката комуникација, ќе го препуштиме токму на овој наш производ. Во подготовка се и нови вкусови на уште еден од најсилните брендови на компанијата, неодоливиот Атлантис кој несомнено е лидер во сегментот на чоколадните производи на пазарот. Нашите потрошувачи се навикнати Витаминка да им испорачува квалитет, па тоа сознание ја потхранува нашата одговорност и ни претставува дополнителен мотив за постојано следење на потребите на потрошувачите и пуштање на пазарот нови производи со препознатлив квалитет“, изјави Нико Берберу, раководител на одделот за маркетинг на Витаминка.

Како продолжување на зацртаната стратегија и со висока професионалност, иновативност и современи стандарди ќе се одговори на поставените предизвици, на потребите на пазарот и на очекувањата на потрошувачите. Притоа и понатаму потпирајќи се на клучните вредности на компанијата, квалитет, традиција, семејни задоволства и моменти, врз основа на кои најголемиот кондиторски производител во земјата создава свет на вкусови и производи кои поврзуваат и обединуваат повеќе генерации.

„Со цел следење на трендовите во прехранбената индустрија, активно се работеше на диверзификација или проширување на портфолиото од производи. Така, на пазарот беше пласиран новиот Стоби флипс Магнус збогатен со поинтензивен вкус и сега со 30 отсто кикиритки, а деновиве излегува и лутата верзија на Магнус, нешто што беше очекувано во пресрет на 40 годишнината од првото производство на овој регионален бренд. Исто така, во оваа година беа пласирани и новите луксузни пакувања на Чоко Стоби флипс – лешник, бадем, аронија и јадро од портокал, како и повеќе видови кекси Сарита, нови вкусови на Cookies. Претходното претставува потврда на тоа дека само вложувањето во областа на развојот може да биде гаранција за успех и просперитет на компанијата“, изјави Владимир Трпаноски, Комерцијален директор во Витаминка.

Во текот на 2017 година во континуитет се вложуваше во подобрување на техничко-технолошки решенија, зголемување на производните капацитети и модернизирање на процесите. Како најголема инвестиција е изградбата на нов дистрибутивен центар – магацин за готов производ со локација во Прилеп. Витаминка со своите производи настапи на повеќе меѓународни саеми, што резултираше со освојување на нови пазари. Како извозно ориентирана компанија, со голем дел од производниот асортиман наменет за странски пазари, Витаминка со свои производи е присутна во повеќе од 30 земји низ целиот свет.

Витаминка е силен поддржувач на разни настани од јавен интерес во областа на културата, спортот, социјалната заштита и едукацијата. Така, во 2017 година првите четворица стипендисти од Техничко-технолошкиот факултет во Скопје, по завршувањето на студиите, добија вработување во компанијата на работни места согласно нивните квалификации и афинитети.

 

 

 

 

 

 

 

x

Check Also

Што носеа познатите девојки на фестивалот Coachellа

На популарниот музички фестивал Coachellа се појавија голем број на познати лица, а ...