Неколку занимливости за Свети Трифун, славата на лозарите и гостилниците

Во православниот свет, 14.февруари се слави свети Трифун, за кого се верува дека ги заштитува селата, населбите и градовите од поплави, дека е чувар на лозјата и другите ниви од различни штетници.

Свети Трифун е слава на лозарите и гостилниците, а за овој празник, во зависност од местото каде што се слави, постојат различни верувања и ритуали. Некaдe свети Трифун го нарекуваат Трипун, Тривун, некаде е наречен Зарезојло, Орезач, бидејќи лозарите, со посебна молитва и благослов на свештеникот, за првпат во новата година ги засекуваат лозјата. Се верува дека снегот почнува да се топи токму од овој празник, дека со овој ден започнува пролетта и дека почнува да се буди природата и љубовта кај луѓето. Се верува дека ако врне на Свети Трифун, ќе се родат сливи, а ако изненади некој задоцнет снег, тоа се смета за бериќет. Еден ден по свети Трифун е е денот за кои луѓето веруваат дека се сретнуваат зимата и пролетта.

Свети Трифун го прославува и католичката црква, на 3-ти февруари, а една од најпознатите прослави на Балканот се одржува во Котор, чиј е тој заштитник. Првите спомнувања на Свети Трифун или Трипун во Котор потекнуваат од 9-от век, а во делот на олтарската преграда во катедралата на свети Трифун во Котор постои и датум 13-ти јануари 809 година. Покрај главната прослава во февруари, Котор својот заштитник го слави уште двапати во годината.

Кој бил свети Трифун?

Живеел во 3-от век после Христос, во сиромашно семејство, во Фригија, а како дете за пари ги чувал гуските на богатите мештани. Се верува дека уште од детството имал моќ да лекува болести и кај луѓето и кај стоката. За неговите моќи дознал римскиот цар Гордијан кој имал душевно болна ќерка. Според легендата, лошиот дух во една пригода спомнал дека него никој од неа не може да го избрка освен Трифун. Бидејќи не се знаело за кој Трифун се работи, царот носел во дворецот многу мажи со тоа име, додека на крајот не го пронашле младото момче кое чувало гуски. Трифун ја излекувал царевата ќерка, а царот богато го наградил. Но на патот до дома, Трифун го разделил на сиромашните целото богатство кој го добил од царот и во своето село продолжил да живее како и дотогаш, само во уште поголема побожност. Дознавајќи за него, новиот цар на Дакија, голем противник на христијанството, наредил да се затвори во самица и да се стави на најголеми маки. И покрај страшното мачење, трифуновата вера останала цврста. Отсечена му е главата, а телото после смртта е пренесено во неговото село Кампсада, а оттаму во Цариград, па потоа во Котор.

Денес, 14 февруари се слави и како Денот на вљубените (поради еден друг светец, Свети Валентин) и како ден на Свети Трифун. Секоја година за овој ден се пишуваат милиони честитки. Во викторијанската ера пак, се сметало дека честитката која ќе биде потпишана на тој ден, носи несреќа. Градот Верона, во кој живееле шекспировите Ромео и Јулија, секоја година прима околу илјада писма адресирани на Јулија. Компанијата Холмарк (Hallmark) ја направила првата честитка за Денот на вљубените во 1913.година, за во 2000-та година да понуди дури 1.330 различни честитки за овој ден. Се смета дека само во САД се трошат околу 3 ипол милијарда долари за подароци за Денот на вљубените. Празничните честитки се продаваат исто како и кутиите со чоколатца во форма на срце. Прва таква кутија направил Кадбери (Cadberry) во 19. век, а денес секоја година се продаваат околу 35 милиони вака спакувани чоколади од различни производители.

Стереотипот дека некој не успеал во животот зашто на овој ден од никого не добил честитка се гради во потрошувачкото лудило на модерното време, а до таа мера е изградено што дури 15 отсто од жените во САД сами себе си испраќаат цвеќе и честитка на овој ден.

Било како било, со свети Валентин и свети Трифун се најавува пролетта, а за љубов секако не е доволен само еден ден и неколку кичести црвени срца на украсна хартија.

авантартмагазин.ком

x

Check Also

Како најдобро да го заштитите вашиот дом или деловен простор

Во денешно време се јавува сѐ поголема потреба од обезбедување на домот, ...