Оскар Вајлд, еден сосема необичен и екстравагантен гениј

Негува посебен стил по кој набргу станува препознатлив. Носи долга коса, повремено се занимава со бокс, а својата соба ја украсува со перја од паун, син порцелан, лилјани и останати уметнички детали. До третата година на Оксфорд, Оскар Вајлд веќе успева од себеси да направи мит.

oskar 5

Оскар Фингал О’Флаерти Вилс Вајлд, на светот познат како Оскар Вајлд, е познат пред сѐ по драмските остварувања, но пред неговата литературна фигура е невозможно да се остане рамнодушен. Поради својот единствен роман заврши на суд, а книгата што е прогласена за неморална и вулгарна ги чува во себе најубавите напишани страници за љубовта и уметноста.

Роден е како второ од трите деца на сер Вилјем Вајлд и Џејн Франческа Вајлд. Мајката на Оскар, леди Франсес, според неговите зборови, била голема поетеса на ирскиот национализам, а поезијата ја пишувала под псевдонимот Сперанца. Но младешкиот ентузијазам на поетесата спласнува по венчавката со таткото на Оскар, познат очен лекар, многу посветен на работата, а освен со медицина се занимавал и со археологија. Оскар до 9-та година се школувал дома, каде што меѓу другото учел и германски и француски јазик. Колеџ завршува во Даблин, а во тоа време тој Тринити колеџ бил водечко училиште за класични студии, па Вајлд најмногу посветувал време на проучување на античка Грција. Наскоро станува важен член на Универзитетското филозофско друштво, а се покажал и како одличен студент, кој секоја година бил наградуван. Од Тринити поминува на Оксфорд, а таму студира уште 4 години. Привлечен од мистериозноста и стилот на облекување, Вајлд се пријавува за прием во масонската група Аполо на Оксфорд. Во исто време сериозно се интересира за католицизмот и католичката вера.

oskar 6

Додека студира, негува посебен стил по кој набргу станува препознатлив. Носи долга коса, повремено се занимава со бокс, а својата соба ја украсува со перја од паун, син порцелан, лилјани и останати уметнички детали. До третата година на Оксфорд, Оскар Вајлд веќе успева од себеси да направи мит.

По завршување на студиите, Вајлд се враќа во Даблин, каде повторно се среќава со својата симпатија од младоста Флоренс Болкомб, која е, меѓутоа, пред венчавка. Иако разочаран, Вајлд тоа го поднесува стоички, пишувајќи дека тие две слатки години кои ги поминал со Флоренс се најубавите години од неговата младост и дека ќе се врати во Англија, засекогаш. Тоа и го прави, во 1878, а до крајот на животот само два пати на кратко доаѓа во Ирска. Во следниот период не знаејќи каде и како да се вработи, Вајлд конкурира на разни места, но безуспешно. Добивајќи го и последниот дел од наследството на татковата куќа, Вајлд може да се досели во Лондон каде што почнува да живее со својот пријател Френк Милс, сликар. Следните 6 години ги минува меѓу Лондон и Париз, патувајќи и во САД каде што држи предавања.

oskar 3

Објавува песни во списанијата, а на 27 години ги собира своите стихови во збирка која излегува во првите 750 примероци. Набргу прави и ново, посебно украсено издание, кое го подарува при средбите. Следната година поаѓа на голема турнеја низ Америка, каде во густ распоред држи предавања за естетиката. Во Америка останува повеќе од една година, станувајќи сензација, а неговите реченици се прераскажуваат уште од неговото стапнување на американското тло. („Немам ништо да пријавам освен својата генијалност“). Неговата појава во бајроновски деколтирани кошули, лакирани чевли, со небесносина вратоврска и долга црна коса, станува предмет на обожавање кај едни, а кај други тема за подбивање. Голем број списанија ги следат гостувањата на Вајлд, често пишувајќи и за публиката во која можеле да се видат бледолики млади мажи или понекогаш и нашминкани и со румени образи. Самиот Оскар Вајлд ги потпалува овие тврдења со своите сексуални склоности, кои речиси и не ги крие. Сепак и покрај хомосексуалните врски, Вајлд повторно се сретнува со Констанс Лојд во Даблин, со која по прв пат се сретнал уште во 1881 година, и набргу ја запросува. Констанс и Оскар се венчаваат во мај 1884, а во бракот добиваат и два сина Сирил и Вивијан. Сепак, Вајлд во тој брак не го наоѓа тоа што го сака, па сѐ почесто ја остава Констанс сама, додека тој времето го минува по отмените салони, ама и по евтини бордели и пабови во друштво на своите љубовници и млади момчиња што го маѓепсувале. А кога од се му е доста се повлекува и пишува во својата самотија бајки.

oskar 1

Една година по свадбата Вајлд почнува да работи како уредник во „Свет на дамите“, некогаш популарно списание кога во тие денови веќе пропаѓало. Вајлд успева ова списание да го подигне од мртвите. Во исто време Вајлд влегува во периодот од седум креативни години, кога ги создава речиси сите свои литературни дела. Тогаш го создава и единствениот роман „Сликата на Доријан Греј“, кој блеска од хомосексуални алузии, кои на крајот ќе му се одбијат од глава. Оваа книга го привлекла младиот лорд Алфред Даглас, наречен Боузи, кој маѓепсан од романот, наскоро му станува љубовник на Оскар. Неговиот татко, влијателен лорд, одлучува да го уништи Вајлд, подигнувајќи тужба против него. Викторијанскиот Лондон тогаш му врти грб на дотогаш својот најомилен жител и Вајлд е осуден на две години принудна работа. Преку ноќ станува најпознат викторијански криминалец. Неговото семејство по овој скандал ќе емигрира во Швајцарија, менувајќи го презимето во Холанд. Драмите, до тогаш со задоволство гледани, се симнати од репертоарот на театрите. Во мај 1895 Вајлд станува затвореник во Рединг. Додека бил во затвор, француските писатели се обиделе да му помогнат, но без успех. Отфрлен и заборавен, на Вајлд единствено му пишувал пријателот Роберт Рос, кого подоцна ќе го избере и за извршител на својата литературна оставина. Двете години затвор оставиле неизбришана трага, а ведрината и самоувереноста по која Вајлд сите го познавале, веќе исчезнале. Никој повеќе не го сакал и никој не се интересирал за неговото дело. Вајлд го менува името во Себастијан Мелмот и заминува за Париз. Последната адреса на Оскар Вајлд станува хотелот Алзас во Париз, каде што отфрлен од сите и болен, умира на 30 ноември 1900 година од менингитис. До вечниот дом ќе го испратат неколку познаници и пријатели.

Сузана Спасиќ

 

x

Check Also

Мерилин Монро, последен разговор со осамената девојка

Последните интервјуа на Мерилин Монро дадени на новинарот на кој му веруваше, ...