Оттука излегуваат најкомплицираните часовници во светот

Ниту една швајцарска фирма за часовници не се развила за толку кратко време од човек-претпријатие во вистинска империја што ги диктира модните трендови.

frank 7

За разлика од другите славни производители, „Франк Мулер“ не е бренд што стартуваше во 18 век, туку е основан во 1992 година, а денес неговата „Земја на часовниците“ ја посетуваат илјадници туристи и обожаватели на врвно изработениот часовник.

frank 6

Часовниците на Франк Мулер веќе цели две децении претставуваат посакуван статусен симбол. Неговите часовници се препознатливи по компликациите и формата, најчесто имаат правоаголно-елипсоиден облик, или само правоаголна форма наречена „лонг ајланд“, која многу потсетува на „Патек/Тифани“ од 20-те години. Некои дебатираат дека часовниците на Мулер имаат превисока цена. На пример, часовникот „Хронограф“, направен од не’рѓосувачки челик, се продава за пет илјади долари повеќе од некои исклучителни „Ролекс“.

frank 2

Швајцарецот Франк Мулер е пораснат во мултикултурна околина (мајка му била Италијанка, а татко му Швајцарец), од мал развил интерес за сите механички уреди и уште како дете почнува да ги расклопува сите машини во куќата за да го проучи нивното „срце“. Како тинејџер собира антички астролошки инструменти што ги купува по пазарите, опседнат од механиката и времето. Се запишува во познатото училиште за часовници во Женева, и само по четири години добива највисоки признанија. Верен на својата независност го одбира најтешкиот пат – сам да создаде фирма за производство на часовници. Не беше потребно многу време за неговата репутација да се препознае. Надарен со исклучителен технички талент, аукциските куќи и колекционерите од светот, му ги испраќаат на реставрација нивните мали богатства. По неколку години почнува да креира часовници под свое име.

frank 1

Уште во првите години работа, Мулер доаѓа до заклучок дека во светот на часовничарството, уште од 19 век, само малку технички пронајдоци се развиени и применети на рачните часовници. Со желба да ја промени оваа ситуација, одлучува да се посвети на изработка на комплицирани рачни часовници, кои ќе имаат исто ниво на технички карактеристики како кај џебните часовници. По месеци поминати во истражување и микромеханички тестови, во 1983, Мулер ги претставува неговите први рачни часовници, сите со комплицирани механизми целосно креирани од него самиот. Од таа година, до денес, Мулер лансира по една светска премиера годишно. Од своите колеги ќе биде наречен – генијален часовничар, а еден од неговите модели ќе биде прогласен со ексклузивната титула – најкомплицираниот часовник на светот. Тој часовник наречен „Вечен Календар“ засекогаш ќе влезе во историјата на финото часовничарство. Никогаш претходно не е направен толку комплициран часовник со дури 13 компликации.

frank 3

1992 е пресвртна година за амбициозниот бизнисмен, ја основа својата сопствена компанија „Франк Мулер Женева“, сместена во селото Гентод, во околината на Женева. Во оваа магична и поетска околина Франк наоѓа соодветна инспирација преку која ќе ги претстави своите креации. Врвниот мир и баланс на околината ја рефлектираат потрагата по хармонија и перфекција кон која креаторот се стреми.

frank 5

1995 е уште една важна година во историјата на „Франк Мулер“. Останувајќи ѝ верен на желбата да креира во природна околина, во истото село, Гентод, ја гради својата фабрика. Сместена е во еден замок од почетокот на 19 век, реставриран само за неколку месеци со цел да стане возбудлива дирекција на овој брилијантен бренд.

Првата изложба повлече околу 3.000 посетители, а следните што станаа традиционални, двојно го зголемија бројот на гостите.

frank 8

1998 е година означена со големото архитектонско проширување, а компанијата станува „Земја на часовниците“. Така целата област станува туристичка атракција, и првпат во историјата на посетителите им се дозволува да влезат во фабриката и да бидат сведоци на создавање на еден часовник пред нивни очи. Истата година Мулер пласира уште една новина – организира прва светска презентација на врвно часовничарство, а изложбата ја одржува токму во неговиот замок. Првата изложба повлече околу 3.000 посетители, а следните што станаа традиционални, двојно го зголемија бројот на гостите.

Во 2001, Мулер се проширува со уште со две нови градби во неговата Земја на часовниците, која сега се простира на 38.000 квадратни метри со убав поглед кон Лимоновото Езеро и Мон Блан во далечината, во луксузна вегетација и уникатна архитектура. Следната година се случува и официјалната инагурација на Земјата на часовниците. Во 2001, Мулер го проширува и бизнисот со изработка на накит.

frank 9

Следува формирање на два посебни бренда под истата компанија. Првиот, „Пјер Кунц“, Мулер ќе им го довери на еден од неговите вработени – ученици, кому му дава и слобода да ги креира часовниците под свое сопствено име. Вториот бренд е ECW, спортски бренд на трендовски, но висококвалитетни часовници со иновативен и исклучителен дизајн.

Комплицираните часовници под името „Франк Мулер“ се високо ценети од часовничарските коносиери, но и од другите производители. Овие часовници ги носат на рацете многу од славните личности, Деми Мур, Роби Вилијамс, Елтон Џон, Дејвид Боуви…

Земјата на часовниците може да ја посетите со претходно закажување, а ќе ви биде овозможено да ги видите сите чекори во процесот на правење часовник.

Ј. К

x

Check Also

„Бојфренд“ часовник од Шанел

Шанел не му одолеа на „бојфренд“ трендот, модата да се носи „позајмени“ ...