Неапол, љубов моја!

Добар дел од италијанската аристократија потекнува токму од Неапол. Во овој град, и денес, речиси нема дете кое не учи да свири на клавир, речиси нема господин кој не оди во берберница да си ја среди брадата, и речиси нема дама која оди на ниски потпетици. Екстремната екстраваганција тука не се живее, туку се вдишува.

napoli 1

Неапол е место каде што ви изгледа дека животот ви е даден од Бога, одѕвонуваат зборовите полни со љубов на Жан Луи Дума, претседателот на „Хермес“ од 1978. година, изговорени на отворањето на новиот бутик на оваа куќа, на улицата „Филанџиери“ број 54.

Но, „Хермес“ не е единствен кој го реоткри Неапол. И не се работи за никаква случајност што токму во овој град, гигантот Дајмлер Крајслер го промовираше својот луксузен автомобил „Мајбах“. „Неапол отсекогаш бил симбол на стилот и на културата, град кој сеуште живее за својата уметност“, тогаш рече директорот на компанијата Мерцедес, Џан Леонардо Феа. И еве уште една коинциденција: славниот наполитански тенор, Енрико Карузо, беше сопственик на еден автомобил „Мајбах“, марка која од 1919 до 1941 година претставуваше цвет во автомобилската индустрија, со име на духовниот татко на првиот „Мерцедес“, Вилхелм Мајбах, кој го проектираше автомобилот во 1901. година.

napoli 2

Неапол е еднаков на вкус за елеганција. Елеганција која има корени далеку во минатото, уште од почетокот на 1900. година, кога во овој град се појавија првите италијански кројачници, воедно и први јавни кројачници во светот. Сега добар дел од нив, со сочувана традиција, го преплавија светот како ексклузивни и луксузни салони во кои нема да најдете само шешири како некогаш пред многу години, туку и перфектно скроени кошули, костуми и капути.

Неапол отсекогаш бил главен град на убавото. Поаѓајќи од хотелите, преку прекрасните острови во неговата близина, па се’ до храната. Елеганцијата во Неапол не е резервирана само за богатите. Таков е духот на градот. Тука мажите отсекогаш па до ден-денес одат во берберница за да си ги средат брадите, бидејќи тоа за нив е еден вид на ритуал. Тука луѓето внимаваат на своите чевли, дали се тие добро изгланцани пред да излезат од дома. Всушност, Неапол не е град, туку дефиле на личности и костуми. Како еден голем театар во кој сцената е сместена надвор. Неапол е театрален како ниеден друг град во светот.

Хедонистички сеанси

Недела е денот кога неаполците и придаваат на гастрономијата култен статус: во состојба се со часови да јадат убава храна и да пијат добри вина. Неретки се семејствата каде овој неделен ритуал знае да трае и по шест часа. Старите неаполци тоа го објаснуваат традиционално: дека семејствата им се толку големи што се потребни шест часа за да заврши со хедонистичката сеанса и последниот член , додека сите други мораат да останат на масата.

napoli 3

Без климата која ја има, Неапол би доживеал вистински колапс. Овде температурата ни зиме не паѓа под 15-тиот степен, па оттука се и добрите домашни вина. Неаполците уживаат да зборуваат за храната. Исто како што уживаат и добро да јадат, иако по нив не се познава дека се големи гурмани. Но, при самото спомнување на зборот „манџаре“ жителите на овој град добиваат нескротлива страст да ви понудат добар дел од нивните уникатни специјалитети, кои нема да ги најдете токму вакви, оригинални, во ниту еден друг град во Италија, камоли во светот. Неаполската пица, на пример, за разлика од класичната италијанска, има тесто дебело барем два – три прста. Паста со свеж домат ( и ништо повеќе на неа) како главен специјалитет, потоа: шпагети со школки, канелони со сирење, салата од морски плодови… И секако, се тоа се залева со добро вино.

Како да се преживее Неапол?

Сообраќајот во Неапол мора да се преживее, особено ако сте пристигнати токму со вашиот автомобил. Мотоциклистите колку и да ви пречат што се движат пред и зад вас, толку и го олеснуваат сообраќајот особено во оние делови на градот каде што улиците се претесни. Свесни дека одат по жица, возачите во Неапол, во атмосфера на потполно сообраќајно лудило каде што семафорите се сфаќаат повеќе како сугестија отколку како наредба, успеваат да го контролираат својот надалеку познат јужњачки бурен темперамент.

napoli 4

Посетителите најмногу се разнежнуваат во стариот град. Тесните улици над кои мештаните ги простираат своите алишта (па тие така тазе испрани се цедат врз главите на минувачите) шарената и богата понуда на пазарите ( на кои се тргува со надвикување), кафулињата во кои еспресото се пие „од нога“. Сосема спротивно на првиот впечаток на овој дел, ќе наидете на перфектно средени улици од кои блескаат имињата на славните фирми.

Капри насликан од Антонио Јаничели

Капри насликан од Антонио Јаничели

Иако љубезни, неаполците не покажуваат намера за било-кого, да си го „скршат“ јазикот зборувајќи англиски. Напротив, тие ќе продолжат да ви одговараат на нивниот брз и мешан италијански јазик, се додека другиот не попушти. А, кога ќе попушти, ќе му возвратат со таква голема насмевка што и нјголемиот намќор ќе престане да се лути.

Капри, свртилиште на џет сетот

Малиот остров Капри се наоѓа на половина час со брод од Неапол. Капри, велат прв го открил Цар Октавијан Август и од него направил омилено свртилиште на римската господа. Традицијата ја продолжиле силните европски кралски семејства, особено династијата Бурбони, која на Неапол му остави декадентен печат од тоа време. Нивната склоност кон раскалашноста е видлива до денес и во самиот град преку изградените објекти издигнати во време на нивното владеење. Денес, Капри и понатаму останува центар на светскиот џет сет, па тоа ги оправдува превисоките цени за сместување на малото островче, како и тројно повисоките цени во рестораните во споредба со оние во Неапол. Но, ден минат на Капри, зошто да не. И со вечерта, повторно враќање на старата љубов, Неапол.

 

Ј.К.

x

Check Also

Тобоган од соништата: Висок е како 14-катница, а „летате“ со брзина од 100 километри на час

Водните паркови се вистинско решение за освежување и забава во жешките денови. ...