Pret a city: Елеонора Тупанческа

„Деловниот стил не го исклучува модерниот стил. Да бидете во согласност со деловниот бон-тон не значи да бидете старомодни. Напротив.“, вели Елеонора Тупанческа, генерален кординатор на главниот и извршен директор во Т-Мобиле.

 Photo Eli (1)

Колку ги следиш модните трендови и случувања?

 Умерено. Не инсистирам на некој актуелен моден тренд по секоја цена, ако тоа парче облека не е соодветно на мојот стил и сензибилитет. Важен е дизајнот, креацијата, се разбира квалитетот на изработка и на материјалот, но подеднакво ми е важно во тој модел да се чувствувам „своја“, удобно и сигурно. Со стилот може да експериментираме во младоста, или поточно со имиџот, а кога веќе имате изграден сопствен стил, лесно се снаоѓате во продавница. Прво, знаете точно во која продавница да влезете, а која да ја прескокнете. Второ, знаете точно што да одберете од таа продавница, речиси „од прва“, без да се пресоблечете десеттина пати во гардероберот.

Што се однесува пак, до модните случувања во градот, сакам да ја видам работата на некои од нашите дизајнери, без разлика дали станува збор за нова колекција на облека, накит или мебел, воопшто на дизајнот мислам. И мислам дека модната сцена кај нас тукушто заживува, и треба да се поддржи, макар и со присуство на еден настан. Ги следев некои од ревиите на Модниот викенд Скопје. Бев и на ревијата на „Фешн груп“ која неодамна се случуваше во „Сити мол“, по повод роденденот. И ми се допаднаа конкретни парчиња кои со задоволство би ги облекла.

Што подразбира деловниот стил на облекување кога се во прашање големите институции и компании?

И овој одговор ќе го започнам со зборот умерено, односно умереност. Деловниот стил не трпи нагласена ексцентричност. Значи, смирени нијанси, складни линии и елегантни модели кои се симетрични. Не мора да е тоа класичен костум. Не мора да е тоа ни строга бела кошула во комбинација со здолниште до под колениците. Но, сметам дека е непристојно да претставувате една компанија или институција сеедно, дури и мала приватна фирма, со тоа што на работното место ќе се појавите во мини здолниште и на пример, супервисоки чизми над колениците. Едноставно, не личи да се појавите на работа во тоалетата која сте ја носеле сношти, сосе накитот, дури и ако сте вработени како водител во некоја телевизија. Веројатно, никој од нас не сака да биде дочекан од, да кажеме, еден вработен во банка, кој од шалтерскиот прозорец ни го подава „ливчето“ безмалку забодено на долгите црвени нокти.

Во какви модни комбинации се чувствуваш најпријатно во деловната средина?

Не ми треба многу време за да се подготвам за работа. И сите модни комбинации доаѓаат предвид доколку се во хармонија со деловниот бон-тон. Деловниот стил не го исклучува модерниот стил. Да бидете во согласност со деловниот бон-тон не значи да бидете старомодни. Напротив. Патем, има одлични модни парчиња кои можат да ја освежат деловна гардероба. А чевлите, посебно. На пример, овие чевли од новата колекција на „Бата“.

cevli 2

 

Кое парче облека од колекциите за актуелнава сезона би го одбрала?

Ми се допадна предлогот од „Трендот на неделата“, а и да не го водиме муабетот само по „коритото“ на деловните води. Значи, кожената јакна „Гес“ одлично би ми дошла за неформална варијанта.

Кожена јакна „Гес“

Кожена јакна „Гес“

Без кој моден додаток не излегуваш од дома?

Без парче интересен накит. А и без добра чанта не се може. Позната е поговорката „во женската чанта може да најдете се, освен ред“. Но тоа за мене не важи. Всушност, на втор поглед, можеби не важи само вториот дел од поговорката, она со редот. Понекогаш се чудам дали овие модерни чанти не се направени според формулата на еден цртан филм, Спорт Били. Складни, не преголеми, ниту премали, а сепак со себе го влечкаш цел твој „свет“. Се разбира, и Ајфонот!

x

Check Also

Последни цени во продавниците на Fashion Group!

Од 15-ти до 22-ри февруари во продавниците на Fashion Group започнува кампањата ...