Pret a city: Ели Танасковска

„Пред некој ден си правевме план , кога би имале многу, многу пари, каква листа би направиле во „Фешн енд френдс“, вели нашето познато лице од тв-екраните, Ели Танасковска, уредник во МРТ, која се држи до модното правило елеганција секогаш и секаде. Веруваме дека 2015 ќе биде нејзина година, штом во неа зачекорила со чевли од „Бата“.

eli 1414

Која облека доминира во твојот гардеробер?

Спортска гардероба. Сакам да се чувствувам комотно. Во мојот плакар има токму такви парчиња кои ми овозможуваат и дома и кога спортувам да ги чувствувам како втора кожа. Секако дека има и елегантни парчиња. За среќа, доволно патувам и можам да најдам на попуст прекрасни парчиња од Келвин Клајн, Мајкл Корс, Томи Хилфигер. Верувам во модното правило елеганција секогаш и секаде. Елеганцијата многу пати не ја чува она што го носиш на телото , туку како го чувствуваш, како го носиш, како тебе те гледаат во него. Некогаш и најскапиот фустан може да изгледа евтино, а евтиниот скапо. Јас верувам дека во модата нема правила. Модерно е она што вам ви одговара, она што одговара на обликот на телото и личноста на поединецот. Убаво е што кај нас дојдоа многу светски брендови, но ќе биде уште подобро ако ги следат и сезонските попусти. Неколку парчиња од Томи Хилфигер и од Келвин Клајн , што ги купив од Канада , за истата сума овде ќе купев само една чанта.

Колку ги следиш модните настани кај нас и воопшто трендовите?

Јас не сум тип кој сака многу да е дел од јавниот гламур и збиднувања. Повеќе сум за некои поинтимни и тивки дружби. Не сакам многу да се сликам и по секоја цена да бидам во првиот ред. Имам неколку креаторки кои исклучително ги почитувам. Одам на нивните ревии, од почит кон нивниот труд. Не подлегнувам на модни трендови. Не е се за секого.Секогаш треба да го почитувате местото и настанот каде одите. Да се прави разлика меѓу канцеларија и кафеана. Мислам дека модата треба да е во хармонија со годините и да не се прават излети. Менување на стил, одвреме- навреме, да. Ако си често во пантолони и сако, да те видат и во фустан. Ако си класичен тип, добро е некој трендовски детаљ да разбие, но никако да не побегнеш од својата во некоја друга личност.

Трендовско елече Гес

Трендовско елече Гес

Како би го дефинирала сопствениот стил?

Има прилики каде заради настанот мора да бидам елегантна. Најчесто на манифестации, фестивали, емисии. Но во приватниот живот – спортска елеганција. И во мојот плакар најчесто посегнувам по кошули, блузи и здолништа кои се токму такви. Не поднесувам да сум како во оклоп. Скоро и да немам облека со доги  ракави. Сакам комоција и удобност. Кога сум на сцена , често мора да облечам долги и тесни фустани, но навистина креаторките знаат дека тој модел мора да е од природен материјал, удобен и лесен.

Како долгогодишен уредник кој се занимава со културно-забавна програма, вклучувајќи ја и модата и трендовите, што мислиш дека им недостига на нашите телевизиски лица?

На сите ни недостига еден професионален тим од стилисти , костимографи, шминкери , фризери. Но, лица кои знаат што е камера и костимографи кои знаат како треба да се излезе пред камера. Имав голема среќа да соработувам со Лира Грабул. Тоа беше вистинско уживање. Знаете ли вие што значи кога некој ви ја знае и душата и телото. Во гардеробата влегуваш опуштено и се влегува како на калап од Пепелашка. Ете, тогаш си свој и максимално се даваш. Се подготвуваш за соговорниците , а некој друг те подготвил да си како од приказна. Потоа дојде Розе Трајчевска, која беше полна со идеи и енергија. И тука во МТВ заврши се. Се снаоѓаме. Соработував долго време со Антонија Ристовска, па со Елена Лука.  А , најмногу од се ми пречи кога и покрај целото самостојно снаоѓање ќе се појави некој таканаречен моден критичар , кој е критичар зашто отворил дуќан за облека и критикува, небаре завршил моден дизајн во Италија или Франција! Секоја чест на една личност која ја познава Италија и модата во срж, само ете таа нема емисија!

Која од познатите Македонки според тебе има изграден стил?

Минитреката за култура Елизабета Канческа – Милевска. Таа има свои модни правила. Секогаш е префинета, елегантна, женствена. Можеби има некој моден идол , ама никогаш таа не е ничија копија , туку е своја. Оригинална и единствена. Кај неа се е префинето во вкусот. Од изборот на чевли, до облека, чанта, парфем, негувана и секогаш уредна коса. Не знам дали некој се грижи за нејзиниот изглед, но е врв на елеганција.

А познат Македонец?

Ми се допаѓа стилот на поранешниот министер за надворешни работи, сега дел од Институтот за глобална правда во Хаг, г-нот Никола Димитров. Нема кај него промашување. Секогаш е екстра. Од избор на сако, кошула, вратоврска , парфем. Истото важи и за сегашниот министер за надворешни работи,  г-нот Никола Попоски. Секогаш елегантен, одмерен. Ја истакнува и наметнува својата личност. Човек кој внимава и на детаљите , исто така.

Да би снимила емисија за стилот на Македонците, со која тема би започнала како вовед?

Темата за модата на политичарите. И стручен тим кој мора да води сметка како се облекуваат, како се однесуваат, како говорат. Мора да има една посебна Академија каде ќе работи тим за мода, протокол, говор, однесување, јавен настап и слично. Сите други можеби го знаат секое правило од горе наведените , но не можат да си дозволат гардероба и стил заради материјалните можности, но тие …со нивниот доход, мора да имаат изградено свој стил низ кој говори нивната личност.

Ти се случило ли некогаш последните пари да ги „фрлиш“ на некое толку неопходно парче, и тоа да го направиш без размислување?

Хахаха, многу пати. Слабост ми се парфемите и чантите. Не пушам, не пијам, скоро и да не одам по кафулиња без некоја силна причина, значи штедаџика сум, ама за парфем и чанта…првите пари од хонорар и последните од плата. Пак велам, имам голема среќа што е ќерка ми во Канада. Еднаш во годината одиме ние, еднаш доаѓа таа, па ја знае мојата слабост и ме изненадува со прекрасни модели на Коуч, Мајкл Корс, Келвин Клајн, Томи Хилфигер. А моето одење таму, најчесто го користам на посети на историски знаменитости и дестинации ,но штом видам попуст – си дозволувам повеќе парчиња.

Без каков моден додаток не би излегла од дома?

Очила и чанта и парфем. Тоа се детали кои можат да го изменат севкупниот изглед. Да го скријат заморот, ако го има, и да дадат доза на таинственост. Пред да излезам од дома, прво гледам каде ми е клучот од колата, па парфемот, очилата, мобилниот…

Го прави ли оделото човекот?

Апсолутно да. Сум имала можност да видам и лично како тоа се одразува. Како оди разговорот кога ќе те видат во секојдневна гардероба , а како се фокусираат и забележуваат каков е часовникот, чевлите, чантата, накитот. Статус! Тоа е исто како кога ќе те видат во некоја убава кола и во некоја просечна.  Така и се однесуваат кон тебе. А ти си пак истата личност. Иста си и во „ауди“ и во„ тико“, ама сите други те гледаат поинаку.

А накитот?

Иста приказна. Веднаш те гледаат дали е марка или е копија. Додуша и добра копија може да се толкува како да е оригинал , исто како кога носиш оригинално парче, а сите мислат дека е „фалс“. Но, не е се до толкувањето од другите или дали тоа го носите поради другите. Поради себе првенствено. Ако се има можност, подобро едно вредно парче отколку десет обични. Вредното останува и за генерации . Многу е важно како се чувствуваш ти. Кој е твојот стил, твојата порака, твоето уживање кога се претопуваш во него. Имам неколку убави часовници , најчесто подароци и накит. Едноставно, тоа се подароци од многу драги личности. Ми го погодиле вкусот и јас се чувствувам убаво кога ги носам. Иако да признаам , повеќе сакам кога ми се слободни и прстите и рацете. Патем, мојата ќерка изработува прекрасен накит под името „Дивајн аксесорис“.

Кое парче облека ти се допаѓа и не би штедела на него од новите колекции во продавниците кај нас?

Со помалата ќерка Леона  често шетаме во „Сити Мол“. И колку и да негодувам , секогаш се враќаме со по некоја ќеса. Не за друго, турканиците и мешаниците ми даваат чувство како на аеродром да сум , а јас сакам спокојно да си разгледувам. Не под притисок. Пред некој ден си правевме план , кога би имале многу, многу пари, каква листа би направиле во „Фешн енд френдс“. Таа одбра неколку парчиња од Гес, а јас задолжително си купувам еден паричник и ремен. Многу се радував кога „Бата“ дојде кај нас. Имаат прекрасни и удобни модели. Одбрав едни и бидејќи ништо не добив за Нова Година, во новава ќе зачекорам со еден нивни модел. Го бендисав ептен! Ете и за сопругот едно новогодишно изненадување од „Celio, кошула , а Леона сама се поднови со симпатични „веинбренерки“ од Бата!

„веинбренерки“ од Тимберленд!

„веинбренерки“

 

 

x

Check Also

Моќна реклама на македонската модна марка DIAS Shoes & Bags (ВИДЕО)

Македонскиот бренд DIAS Shoes & Bags, кој е познат по производство на ...