Pret a city: Ирена Крстеска

Сопранот Ирена Крстеска која кариерата ја гради во градот на музиката и уметноста Виена, каде живее веќе подолг период, моментно ужива во животната радост која ја носи празничниот период, и секако во ваквата атмосфера не му одолева и на шопингот.

irena 1

Што во моментов те преокупира?

Животната радост. Декември е месец на радоста, светликавоста и гламурот. Во Виена започнаа баловите на кои настапувам како оперска пејачка. Интересно е што истовремено туристичката посетеност, прекрасно украсениот град и божиќните пазари го прават времето толку исполнето, а чувството толку пријатно. Виена во овој период навистина маѓепсува.

Кој е следниот голем настап на оперската сцена?

За две недели почнуваат подготовките за премиерата на операта „Ла страниера“ во која ќе настапам како дел од ансамблот. На моја голема радост, ѕвездата на оваа опера ќе биде дивата Едита Груберова. Многу ја почитувам Едита, таа е моја инспирација, па затоа не можам да ви го опишам задоволството но и слатката трема која ја чувствувам. Понатму следуваат повеќе рецитали и солистички концерти во Германија, Шпанија и Кина.

irena 4

Марија Калас не воодушевуваше со стилот и сеуште е муза на модните дизајнери. За кој од оперските пејачи денес би рекла дека има многу стил?

Мислам дека стилот на Марија Калас на оперската сцена, и надвор од неа, за сега не е надминат. Треба да се измисли или роди некоја нова Калас. И за мене Калас е неповторлива. Таа ни покажа еден своевиден одраз на сопствената личност низ софистицирана креативност – тоа што го изнесуваше како уметник, тоа и го обликуваше и нејзиниот надворешен изглед. Самата еднаш рече „каде што јас одам, јас ги наметнувам правилата“.

Колку време посветуваш на својот изглед и одбирање на гардероба пред да излезеш од дома?

Екстравагантноста ја сакам најмногу, елегантниот пристап, ги сакам убавите оперски тоалети, па се обидувам да функционирам по овие стандарди и надвор од сцената. За подготовка не трошам повеќе од 45 минути затоа што секое парче во мојот гардеробер соодвествува со друго. Косата ми е најважниот сегмент, можам да кажам дека и посветувам најмногу внимание, но подеднакво важни ми се и чевлите и чантите, како и деталите кои го надополнуваат изгледот.

irena 2

Во каква облека се чувствуваш најмногу своја преку ден?

Во удобна. Во нормални околности, кога немам средби и настапи, мојот стил е лежерен. Тогаш одбирам џинс, маичка или кошула, во комбинација со сако. Но секогаш тука се високите потпетици. Веќе реков дека ја сакам елеганцијата, па често дури кога сум и лежерно облечена луѓето околу мене знаат да ми дофрлат „колку елегантно изгледаш денес“.

Ако направиш паралела на модните трендови во Австрија и оние во Македонија каде е разликата меѓу Австријките и Македонките?

Голема е разликата меѓу нас и Австријките. Изненадена сум колку луѓето тука не се опседнати со својот изгед, дури и сум фасцинирана од тоа. Преку ден ќе ги видите толку едноставно облечени, никако како да излегле од некое модно списание. Сепак, културата која во себе ја носат, начинот на движењето и гестикулацијата, зборот, идејата за животот, ги прави толку свои и исклучителни. Наместо за дневната мода, многу повеќе се грижат за своето здравје, па постојано се на некакви спортски активности. Во вечерните часови на местата каде што јас се движам, а тоа се оперските куќи и прекрасните сали, тие се транформираат во вистински дами. Тешко дека ќе одолеете на елеганцијата и гламурозноста која во тие часови ја носат со себе. Македонките пак, ги следат модните трендови и секогаш се многу дотерани. И преку ден, и навечер. Понекогаш и предотерани за настан кој на пример тоа не го бара од нив, или несоодветно „дотерани“ за настан кој бара специфичен дрескод. Како и да е, Македонките зрачат со специфична топлина, женственост и убавина.

Колку ти лично ги следиш модните трендови?

Да кажеме, доволно. Си имам свои фаворити, но сепак секогаш комбинирам и се трудам да го задржам сопствениот стил. Ги обожавам удобните материјали во сите облици, како и строгиот и стабилен крој што не ја оцртува жената како нежна и секси, туку како стабилна и моќна.

Во кои продавници најчесто навраќаш?

Иако мојата омилена модна куќа е „Прада“ сепак не можам да си дозволам да бидам редовен купувач, па далеку поредовно купувам во „Манго“ каде секогаш наоѓам парчиња соодветни на мојот сензибилитет. Редовно навраќам и во „Geox“ затоа што имаат најудобни обувки.

Mango

Манго, Сити мол, Скопје

Кога ќе те видиме во Македонија?   

Секако во 2015 година, со многу интересни проекти за кои навреме ќе бидете информирани.

 

x

Check Also

Зачекорете смело во пролетта со новата колекција чевли на Bata!

Колекцијата на Bata за оваа сезона изобилува со шармантни модели на чевли ...