Најдоброто од 2014: Pret a city со Силвана Жежова

Силвана Жежова новинарството го „трча“ на потпетици, смета дека треба да се направи ќеф на душата честејќи се со парче облека или моден додаток, „паѓа“ на марами, а за топлите шалови на Parfois вели „како да ме гушка и грее некој многу близок“.

silvana 2

Која облека доминира во твојот гардеробер?

Кога ќе застуди ги сакам марамите. Ги имам во различни бои и можам да ги комбинирам со се. Некако го збогатуваат изгледот. И да си наједноставно облечен, овој детаљ секогаш додава елеганција. Оставаат впечаток дека оној што ги носи, знае што прави и што сака да постигне со изгледот. Баш пред некој ден, кај вас прочитав текст „Како да заврзете марама на 20 начини“. Пет да ги совладам, доста е. Доминираат и кошулите.

Колку си фанатично расположена за прифаќање на модните трендови?

Не ги следам слепо, од нив го прифаќам она што сум јас. Сакам да прочитам што е тренд, која боја, кои модели, што се носи. Да прошетам низ продавниците и да ѕирнам низ излозите. Но, веднаш знам дали парчињата кои се во мода за актуелната сезона, ќе ми прилегаат или не.Секоја зима, во тренд се плетените парчиња. Но внимателна сум при изборот со нив, бидејќи го „прошируваат“ изгледот. И затоа одбирам некој плетен детаљ, шал, шапка, ракавици.

Како би го дефинирала сопствениот стил?

Би го дефинирала како „да ми е удобно во сопствената кожа“. А тоа подразбира, кога ќе се погледнам во огледало да личам на себе. За преку ден, изборот паѓа на пантолони или здолниште искомбинирано со кошула. И неизбежната марама. Ретко носам блузи, речиси воопшто. Фармерките, повторно ги комбинирам со кошула. Некоја средина меѓу елегантно и кежуал.Природата на работата е таква што секогаш човек треба да изгледа пристојно и средено. Одиш во институции, се среќаваш со луѓе, не знаеш на кој прес денеска ќе треба да се појавиш. Иако новинарите трчаат по цел ден, никогаш на работа не сум облекла патики. Новинарството го трчам на потпетици.

Како долгогодишен новинар кој се занимава со лајфстајлот вклучувајќи ја и модата и трендовите, што мислиш дека им недостига на нашите телевизиски лица?

Потребни им се професионалци за посериозно да се позанимаваат со нивниот изглед. Барем во светот, речиси секое телевизиско лице има костимограф, стилист, шминкер односно некој кој се грижи како тој ќе се појави на ТВ. Кај нас сами се снаоѓаат, кој како умее. Ако најдат спонзори добро, ако не, ќе облечат што имаат во гардероберот. Па матичните куќи не им даваат компензации, па не им даваат да ги рекламираат тие што се нафатиле колку-толку да ги средат. И, што да прават? Не гледам дека вината е само во нив. Се работи за став и организација на телевизиската куќа, која треба да се погрижи во тој дел.

Која од познатите Македонки според тебе има изграден стил?

Би ги издвоила примабалерината Александра Мијалкова, пејачката Каролина, новинарката Лејла Сабит. Но, има многу модно освестени млади урбани жени кои баш негуваат некој свој препознатлив стил. Ги среќаваме на улица, во кафуле, пријателки ни се лично или на Фејсбук. И исто толку возрасни госпоѓи кои преку облеката знаат да се носат и со годините. Иако прашањето се однесува на Македонките, сакам да истакнам дека се воодушевувам на стилот на Кејт Миделтон.

А познат Македонец?

Бизнисмените Шенол Исмаил, Оливер Димитровски, Божидар Јанковски, потоа актерот Васил Зафирчев, Иво Јанкоски, Срѓан Керим.

Да би пишувала книга за стилот на Македонците, со кое поглавје би започнала,се разбира после воведот.

Во воведот ќе напишам зошто книгата нема прво поглавие.

Ти се случило ли некогаш последните пари да ги „фрлиш“ на некое толку неопходно парче, и тоа да го направиш без размислување?

Да. И тоа никогаш не биле фрлени пари. Иако биле последни. Бидејќи парчињата кои на тој начин сум ги купила и денеска ги носам. Башка во тој момент толку ме направиле среќна и задоволна, што сум била магнет за некои неочекувани финансии. Па парите што сум ги потрошиле, ете не биле последни. И по којзнае кој пат ми потврдиле дека парата се лепи на задоволни луѓе (се смее). Наравоучение: напрај си ќеф на душата, а проблемот со празни џебови остави универзумот да го реши!

Обетки или ѓердани, или можеби нараквици? Или се заедно?

Обетки! Ѓердани ретко, нараквици ич. За обетките, го имам истиот став како за марамите.

Со какво парче облека или моден додаток би се почастила со К-15 пред новогодишните празници од актуелната понуда во продавниците низ Скопје?

Ако чекам од К-15 веројатно со ништо, ама од плата секако. Зимата ја врзувам за брендот Timberland, некои убави чизми, на пример. Или со топлите шалови и марами на Parfois.

silvana 3

Томбој колекција есен 2014, Parfois

Боите и дезените се преубави, но она што е важно тие се меки и топли како душа! Како да ме гушка и грее некој многу близок.

x

Check Also

Вклучете се во овој мал предизвик: Искажете почит и восхит кон својата мајка!

  Инспирирани од тврдењето што ја слави моќта на здравото грло и ...