Промовирана Импакт на Елена Лука

Вчеравечер во Даут Пашин Амам во Старата скопска чаршија, дизајнерката Елена Пандева ревијално ја промовираше својата нова колекција есен-зима 2015/16 насловена IMPACT.

el 2

 

IMPACT е резиме на храбриот дизајнерски пристап во ослободувањето на креативната мисла, но и прагматично проследување на потребите на современата жена.

Синхронизираниот спој на контрастите помеѓу остро дефинираните линии и меките, нежни и лелеави форми, создава целина која е реплика на моќната, доминантна и авторитетна жена од една страна, и нејзината кршливост и суптилност од друга.

Основниот крој на дизајнерските парчиња е разработен и облагороден во мулаж техника, што на ликот на целата колекција ѝ дава богата слоевитост и склуптурална форма во која се препознава и влијанието на современата архитектура.

-Презадоволна сум од она што го прикажавме овде во Даут Пашин Амам. Тоа што го имавме во план и го реализиравме. Бевте сведоци на ревија за која сметам дека беше одлично модно шоу. Мислам дека како бренд отидовме чекор понапред, бидејќи сработивме една поинаква конструкција. Направивме спој на две линии – архитектонска, скулптурна конструкција од една страна и лелеава форма од друга. Таква е впрочем и жената, од една страна доминантна, амбициозна, а од друга сензуална, кршлива, нежна… Лично сметам дека зад сцената сработивме доста кројачка работа што нас нè интересира како бренд. Сè надевам дека публиката го препозна трудот што го вложивме во нашата работилница и направивме одличен производ – изјави Елена Пандева, сопственичката на „Елена Лука“

Доминантна е црната боја која е разиграна со присуство на тегетната и златните детали, како што се впечатливите патенти што имаат свое влијание во заокружувањето на целината, исто како и деталите во геометриски форми изработени од плексиглас. Централниот фокус на линијата е авангардна дефиниција на парчиња облека што соодветно може да му дадат печат на имиџот на секоја жена со изразена индивидуалност:  капути во комбинација на еко крзно, палта од брокат, транспарентни мантили, корсети, вечерни тоалети, сакоа, здолништа, како и комбиниција на мрежасти хулахопки  со сандали на платформи – секое парче е посебна целина во комплетната слика.

Во IMPACT  се препознава и јапонска естетика, особено впечатлива преку неконвенционалниот избор на шминка и фризура, повторно во артистичен фазон, со што се заокружува дизајнерската идеја.

x

Check Also

12 модни изгледи од зимската колекција на Манго кои ги обожаваме!

Шпанската популарна модна марка Манго ја отвори вратата на зимската сезона најавувајќи ...