Најдоброто од 2014: Од Балет директно на пат околу светот (со сите превозни и непревозни средства)

Ниту е Икар, ниту е Марко Поло. Со отисок од прст потврдено е дека овој екстремен спортист, или ако сакате авантурист, се „води“ под името Александар Ѓорѓевиќ. За толкувачите на кодови (не мислевме на оние од типот „Да Винчи“), а и за неговите пријатели, се одзива на прекарот Џока. По професија, пак нешто со тоа одзивите и звуците. По вокација, ем слободен уметник ем адвенчр рајдер.

slika 3

Немаше ништо против во овој разговор да ја прескокнеме неговата професија. И филмската индустрија. Всушност, не ни проговоревме за филмот, ниту пак, за звукот (за филмот). И онака, неговото хоби, или страст, изгледа како сцена од филм. А по природа е, вели, молчелив. Веројатно такви се оние кои по цели денови слушаат звукови.  Како и да се нарекува таа професија.

Како да те претставам?, го прашувам.

Како Џока, одговара.

– Сепак, добро би било да напишеме и некакваси „функција“, мислам професија.

– Не мора.

Значи Џока, (сопственик на името, според податоците во личната карта, Александар Ѓорѓевиќ) е еден необичен, екстремен спортист. Велосипедист. Мотоциклист. Бордер. Кајакар. Скијач. Маунтбајкер. Планинар. Авантурист. Практикува и рафтинг и драјвинг. Понекогаш е и магионичар, на пистата, ако се мора. А знае и да лета. Како оној, галебот Џонатан Ливингстон. Би полетал од секаде, па и од врвот на светот.

slika 4

„Најспектакуларно полетување е она во Рио. Се полетува од 300 метри вертикална карпа, на мал простор, колку да го собере глајдерот, и толку е стрмно што се додаваат песочни вреќички на рабовите на глајдерот за да не се лизга надолу. Место за трчање нема, бидејќи се стои на самиот раб од амбисот. А за да не биде се толку едноставно, полетувањето се случува под рампа, од каде пилотите на змејови полетуваат на секои 2-3 минути. Мора да легнеш на земја кога ќе го чуеш свирчето за полетување, инаку би можеле да те удрат или турнат во амбисот. Летањето е преубаво. Се лета над градот, а слетувањето е на плажа“, раскажува Џока.

slika 5

Предизвици и патешествија, значи, цел куп. На пример, мотоциклистичко патешествие Канада-Америка. Патот до Алјаска, и назад по западниот брег.

„Организацијата на ова патување главно падна на грбот на мојот пријател Марко Георгиев кој подобро од мене го познава тој дел од светот. Што се однесува до целта, на секое мое патување или тура, не е да се дојде до крајот туку да се дојде до почетокот. И еден чекор понапред, до нова тура, до ново патување“, објаснува.

А да, Џока и едри. Често го посетува Пампур со својата екипа „Вертиго Вејв“ (Vertigo Wave) за дружење и забава, а се дружи и со хрватски и словенечки екипи за посериозни едрилистички потфати.

slika 2

Не сака да жали за ништо, ниту утре ниту за дваесет години. А и како би жалел со онаа девиза која секаде си ја носи со себе, во малиот џеб, до компасот. Или можеби таа е неговиот компас. Онаа, од Марк Твен. „За 20 години од сега ќе бидеш уште повеќе разочаран со нештата кои не си успеал да ги направиш отколку со оние нешта што си ги направил. Затоа фрли го јажето, отплови од безбедното пристаниште. Фати го вистинскиот ветар во едрата. Истражувај. Сонувај. Откривај.“

И така малку „запловивме“ без компас во литературата. На пример, јунакот на Жил Верн, Филијас Фог, тргнал на пат околу светот за 80 дена и се обложил во целото свое богатство дека може да го направи тоа. И тргнува од Лондон, преку Египет, Индија, Хонг-Конг, Јапонија …Понатаму ја знаете приказната. А Џока вели дека би тргнал од билокаде:

„Обично тргам од Балет, па одам до дома да се истуширам, да ги земам куферите и тргам на пат.“

Има пријатели во сите земји во светот, па затоа би ги посетил сите до една, без исклучок. Се разбира, во секоја земја би ја дегустирал локалната храна.

„Италијанците велат – за да ја запознаеш секоја земја мора да го пробаш локалното јадење, локалното вино, локалното кафе, и локалните жени како десерт. Не би го пропуштил десертот.“

А на што би се обложил за тој пат околу светот? Е ај, погодете.

Всушност, само прочитајте:

„Патувам затоа што тоа ме прави среќен и ми го збогатува и исполнува животот. Се што имам е животот, и иако обично не се обложувам, би можел само на него да се обложам. Што би рекол режисерот Столе Попов во неговиот најнов филм „До Балчак“ – Да ти е..м животот ако не си спремен да умреш за него“.

slika 6

Арно си рекол Столе. А она што го прави овој ем слободен уметник ем адвенчр рајдер (и што ли уште не), е супер инспирација за сите да пробаме барем една ваква авантура. Или да полетаме. Или да запловиме. Во секој случај, да го фрлиме јажето од она, само навидум, безбедно пристаниште.

 

x

Check Also

15 омилени модни парчиња од есенските колекции на популарните модни марки

Модната есен е пред нас, а судејќи според есенските колекции на популарните ...