Ребека Вест: Македонците се прекрасни луѓе, знаат да се однесуваат и имаат стил!

„ Ако од тука до Кина има 20 луѓе кои личат на оваа жена (скопјанката Милица) цивилизацијата ќе биде спасена“.

vest 1

Непоткупливата новинарка, писателка, публицист, учесничка во жестоките полемики на своето време, патописец, мајката на бунтовниот критичар Ентони Вест, денес е се повеќе актуелна меѓу нејзините Англичани. Во текстот кој следува (второ продолжение) селективно ги објавуваме нејзините писма кои се однесуваат за Македонија.

…Во третото село видовме нешто повеќе од танц. На нашиот автомобил се виореше државното знаме кое Константин го позајми од кметот на таа област. А се случи и овдешните жители да не се само фанатично просрпски расположени, туку да поставуваат и одредени барања на властите. Затоа, кога излеговме од автомобилот бурно не поздравија. Константин сепак, беше владин службеник и нив тоа им беше доволно. Откако младите одиграа едно оро за нас, отидовме во една куќа која припаѓаше на тројца браќа, очигледно најугледни во селото. Луѓето изнесоа долга маса со две клупи прекриени со черга на балконот. Ни пријода уште неколку угледни луѓе во селото, а потоа почнавме сите да пиеме некакво блуткаво црвено вино и да јадеме овчо сирење и тврдо варени јајца. Жената на најстариот брат, која имаше над 40 години, во раце го држеше своето најмладо, здраво и добро воспитано дете. Другите жени, ми се чини, прислушкуваа и шепотеа зад подотворената врата Кога завршивме со јадењето и пиењето, луѓето со горд и одлучен став почнаа да му објаснуваат на Константин тоа што треба да го пренесе на властите. Зборуваа смирено и логично. Да, точно е дека беа на голема мака со соседното село, на тешка мака. Точно е дека тројца беа убиени и еден ранет. Но, нема никаква полза од испраќање на полиција која треба да го одржува редот бидејќи таа мака не беше без причина, па нема ни да престане се додека не се отстрани. Работата не е само во тоа што селото е пробугарски настроено-во прашање е конфликтот на интереси кои се однесуваа на правата за водата. Константин кажа дека ќе ја пренесе пораката до властите и навистина тоа го направи. А потоа, тие луѓе од Скопска црна гора, продолжија да зборуваат за други работи. „А што е со вас?“, не прашаа. „Ние можеме да ја донесеме нашата куќа во ред, ако и вие таму горе, во Белград, си ја средите својата. А дали вие тоа го правите? Понекогаш, чисто се сомневаме!“.

Рекоа дека ја сфаќаат економската нужност на пактот со Италија, но дека не веруваат во неговото значење. Пактот со Бугарија уште повеќе ги вознемири. „Невозможно е, рекоа, да склопиме мир со Бугарин, тие се наши небраќа“. Тогаш проговори жената со детето во прегратка и сите луѓе замолчеа. „Со свои очи видов како Бугарите ги убија мојот брат и неговиот син“, рече таа, а таква изјава овде значеше многу повеќе отколку на Запад. „Ги убија како да беа Турци, а не христијани“. Замолче, стегнувајќи ги усните, а луѓето повторно почнаа да зборуваат за непомирливоста на нивните непријатели која трае од памтивек…Тоа што го видов не беше мрак во срцата на овие црномурести луѓе, како што би можел да помисли некој непријателски настроен патник, туку одбрана на нивната легитимна подготвеност да ги бранат масите и клупите на кои седевме, блуткавото вино, тврдо варените јајца и овчото сирење, жената и нејзиното дете, здивот во своите гради…Се тоа да го бранат од криминалните намери на „умните луѓе“ од големите градови кои замислуваа дека ќе си обезбедат нешто повеќе за себе, ако тоа го земат од другите.

Кога се враќавме маж ми му рече на Константин – „Ова се прекрасни луѓе. Знаат да се однесуваат и имаат стил. Не беа ништо посебно фасцинирани затоа што вие доаѓате од голем град, а тоа не им е важно бидејќи тие знаат дека и во градот и во селото е најважно јасно да мислат и тие јасни мисли да ги искажат со јасни зборови. Навистина се прекрасни луѓе, сметајќи на тоа дека се одржале петстотини години во овие ридови чувајќи ги своите вредности. Турците никогаш не можеле овде да се населат, иако тоа им беше многу важно, зашто нив природата многу им значи, а овде природата е извонредна! Но кога доаѓале овде можеле да се одржат најмногу неколку денови пред да настрадаат.  Нема таков освојувач кој би можел да ги покори овие луѓе“.

vest 3

…За ништо на светот не би пропуштила да ги видам Милица и Мехмед. Еднаш му го покажав на Денис Сор, најмудриот човек на светот, писмото кое го добив од Милица. – „Ете, гледам дека ти пишува од Скопје“, тој рече. „Навистина ние сме во многу подобра положба отколку што претпоставуваме. Ако од тука до Кина има 20 луѓе кои личат на оваа жена, цивилизацијата ќе биде спасена“.

Милица и Мехмед за мене беа посебно драгоцени луѓе, не само заради тоа какви беа тие, туку и заради тоа каде живееја. Два пати минував низ Скопје пред да застанам во овој град. По првото минување им реков на некои луѓе во Атина – „од возот видов едно место кое се вика Скопје, кое има прекрасна тврдина. Дали вреди да го посетам?“. Тие беа антисловенски настроени, па ми одговорија – „Да го посетиш Скопје? Што ти паѓа на памет?! Па тоа е една обична здодевна провинција во која нема ништо, и тука нема да најдеш ниту еден паметен човек!“. Така, враќајќи се повторно назад кон Белград, гледав низ возот кон Скопје и мислев како е тоа само место исполнето со празнина. Ги набљудував покривите и мислев како во здодевните соби под нив живеат здодевни луѓе кои само јадат, пијат и спијат и кои само со помош на најмонотоните активности успеваат некако да го состават денот. А за цело тоа време, крај кејот на Вардар, постоеше еден стан со стар мебел донесен од Нови Сад и во најдобро светло ја претставуваше австроунгарската империја, потсетувајќи на Моцартовата и Шубертовата Виена. Во тој стан живееја Милица и Мехмед, секогаш во движење, а сепак секогаш постојани. Милица иташе од соба во соба, од библиотеката во кујната, од кујната во спалната, да пронајде што Шели рекол за Четертон, да види дали се појавиле меурчиња во теглата со џем од праски кој го сварила годинава, да го проба шеширот кој го купила од полската креаторка на Хај стрит. Мехмед за тоа време седеше со група сериозни и стари муслимански свештеници, потоа би истрчал во градината да си поигра со своите ловечки кучиња и за час би се вратил давајќи концизни совети за студентите кои навратиле да поразговараат со него за демонстрациите. И двајцата беа постојани како столбови. Тие беа столбови на онаа невидлива куќа која мора да ја имаме како засолниште, ако не сакаме да не оддуваат ветровите на природата.

Оттогаш секогаш кога поминувам низ некој град за кој не знам ништо, град кој може да изгледа како пустош со недолични и неинтересни улици, очекувам и се надевам дека во него живеат некои Милица и Мехмед.

(продолжува)

превод на писма- Ј.Кантарџиева

x

Check Also

MANGO Committed – нови дизајни од Манго направени од рециклирани материјали

Шпанскиот моден бренд MANGO вклучи еколошки практики во својата нова колекција. Линијата ...