Ребека Вест, писателка која ги сакаше Македонците: Невозможно е да се убие само добрината!

„ Јас ја знаев добро таа карпа. Целиот живот го поминав во нејзината сенка. Целата наша западна мисла се темелеше на таа одвратна измислица дека болот е вистинска цена за се што е добро“

 

rebeka 1Во текстот што следува, селективно ги објавуваме писмата на Ребека Вест кои се однесуваат за Македонија.

…Бидејќи сакавме да видиме една церемонија која се одвива на еден камен насред Овче поле, станавме во 5 ипол и се истиснавме во сивото утро…Беше тоа една карпа со неправилен облик, на врвот зарамнета, издигната околу шест стапки над земјата. Беше црвенкасто кафена и светликава бидејќи беше потполно облиена со крв од животни жртвувани преку ноќта. Неколку луѓе седеа или лежеа во подножјето на карпата. Додека се приближувавме моравме да го одбираме патот помеѓу бројните крвави глави на убиените петли. Таа глетка беше крајно одвратна. Добро би било да се заврти грбот на се тоа, и да се вратиме во автомобилот, и да се одвеземе што побрзо можеме. Тоа би било добро, само ако ова цело место не издишуваше со неизмерна важност. Тоа беше тело на нашата смрт, семе на гревот кој е во нас, ковачница во која се коваше мечот со кој смртта ќе не пресече.

Забележав дека човекот кој го ставаше детето на простирката сега одеше околу карпата со црно јагне кое пак бегаше од неговата прегратка. Беше тоа еден млад Циганин, со црти и држење на англиски принц. Три пати одеше наоколу, а потоа застана и ја бакна измрсената од крв карпа. Потоа го подигна јагнето, а човекот кој стоеше на карпата го прифати јагнето кое изгледаше како да е опиено, па повеќе не се бореше туку мирно лежеше пред неговите нозе, без глас, без да мрдне. Сега Циганинот отиде по детето на простирката и го донесе на карпата. Беше тоа девојче на околу 18 месеци, облечено во потполно чиста бела облека. Нејзиниот татко ја додаде на другиот човек кој стоеше над карпата, а потоа и самиот тој се качи над карпата и ја стави да седне на едно чисто место, колку што беше возможно да се најде во таа прљавштина. Тогаш човекот кој го држеше јагнето го однесе до работ на карпата и со нож му го пресече вратот. Шикна млаз крв и сјајно црвенило ја обли потемната крв која беше пролеана порано. Циганинот зема малку крв во рака и со прст направи круг на челото на детето. Потоа се симна и повторно ја заобиколи карпата, три пати, носејќи во прегратка едно друго црно јагне.

„Тој тоа го прави бидејќи неговата жена го доби тоа дете откако овде жртвуваше едно јагне, а секое дете на чие раѓање и кумувала карпата мора тука да се донесе за да му се стави белег.“

Циганинот повторно ја бакна карпата, го додаде јагнето, се качи на жртвената платформа и чинот на жртва е повторен. Но овојпат, Циганинот не направи само знак на круг на челото на детето, туку и малку крв претури во едно стаклено шишенце. Потоа го однесе девојчето до простирката, а телото на јагнето човекот го положи на тревата. Под величественото светло на утрото здивот од карпата се издигнуваше уште посилно и стануваше неподнослив. Човекот со ножот почна да ни објаснува за светоста на ова место. Многу жени добиле деца затоа што принеле како жртва јагне или петел. Една жена дошла дури од Прилеп и добила дете по 15 години неплоден брак.

Луѓето кои ни зборуваа за карпата беа интелигентни. Нивните тврдења за карпата се базираа на недоволно информации, но беа доволно логични. Кога почнаа да зборуваат за работите помалку мистериозни од плодноста, како за доживувањата од минатата војна, се покажа дека имаат и здрав разум и огромна моќ на забележување. Јас ја знаев добро таа карпа. Целиот живот го поминав во нејзината сенка. Целата наша западна мисла се темелеше на таа одвратна измислица дека болот е вистинска цена за се што е добро. По тоа може да се види како вистинското Распетие било скриено од нас, иако е напишано така јасно. Постои нешто божествено во универзумот што е дел во нас, а дел – во светот надвор од нас. И тоа е она што луѓето го убиле кога го распнуваа Исус. Нашата срамност би била бескрајна кога злочинот, кој сме наумиле да го извршиме, не би бил невозможен. Невозможно е да се убие добрината. Таа секогаш се шири и никогаш не ја напушта нашата проклета земја. Таа од нас постојано бара да го земеме од неа тоа што ни е потребно.

(крај)

превод на писма- Ј.Кантарџиева

x

Check Also

Нови модни изгледи од Зара за егзотично лето

Шпанската модна марка неодамна го објави летниот трендовски моден водич фокусирајќи се ...