Репортажа: Прегратка за Деа Мејџу, божицата на стилот и (денес) на храброста

Кога имала само 4 години, Рашмила Сакиа станала божица. Ја однеле во палатата во центарот на Катманду, ја облекле во свечена облека, ѝ ставиле тика на челото, ја нашминкале, ѝ ставиле накит, ѝ ставиле и црвен кармин на усните. Така Рашмила живеела девет години во палатата на живата божица и пред неа клечеле најголемите, сè до еден ден, кога престанала да биде „божица“, кога ја вратиле назад кај нејзините родители и кога морала да се соочи со тоа дека сепак е смртничка.

dea5

домот на кумари

Кумари не може да биде секое непалско девојче, туку само она од заедницата Невар, девојчето мора да биде во одлична здравствена состојба, никогаш претходно да не се разболело, да нема никакви белези на телото, да има црна коса и очи, да изгледа смирено и да не се плаши од ништо. Треба да поседува 32 божествени карактеристики, оние што ги имала божицата Талеџу, и нејзиниот хороскоп да е во хармонија со оној на кралот. Традицијата Кумари е стара над 300 години, некои велат 500, а други тврдат дека датира од 13 век. Изборот изгледа вака, прво се одбираат неколку девојчиња што би можеле да бидат потенцијални кумари (живи божици), на возраст се меѓу две и четири години, се ставаат во мрачна просторија и потоа пред нив излегуваат лица со страшни маски за да ги преплашат. Единствената што нема да заплаче и што нема да се уплаши може да биде – кумари.

Кога една кумари пак ќе се дисквалификува, а тоа се случува кога ќе ја добие првата менструација или ако се разболи или заплаче, се смета дека божицата Талиџу го напуштила нејзиното тело и таа станува обична девојка, па ја враќаат дома.

Бившата кумари може да се омажи, ама постои верување дека во неа се останати натприродните сили и како резултат на нив мажот што ќе се омажи со неа ќе умре во рани години. Чин Шоба Сакиа била една од поранешните кумари цели 14 години, била избрана кога имала две, а дисквалификувана на 16 години. Откако ја вратиле дома, Чин Шоба се нашла во тешка состојба, не знаела да се справи со самата себе, не можела да се адаптира на новиот живот. Кога дошла дома, ја имала само облеката што на себе ја носела, единственото нешто во нејзина сопственост. Подоцна се омажила, но живеела среќно само неколку години, набргу нејзиниот маж починал од некоја болест (веројатно од рак), а таа се чувствувала мизерно и велела дека од божествено суштество станала обична смртничка што клечи пред сиромаштијата и сопругот, иако години претходно пред неа клечел народот, најважните луѓе и самиот крал. Нејзината внука, Прем Шоба Сакиа, подоцна станува кумари, со ништо поинаква судбина. Дил Кумари Сакиа, пак, која била кумари во 1950, вака се сеќава на тие денови „гледав од прозорецот на палатата како децата надвор си играат и сакав да одам да играм со нив, но не смеев“. Кога ја вратиле дома, откако ја добила првата менструација, не сакала да излезе од собата зашто сè што знаела бил животот во палатата, кој веќе не можела да го има. Како жива божица била навикната да добива подароци и луѓето пред неа да се молат, да ги има сите почести, но кога се омажила, сфатила дека животот е поинаков, дека мора да пере, пегла и да готви… Маж ѝ ќе ја остави затоа што одбива да ги врши секојдневните работи. Дил Кумари Сакиа ќе се венча вторпат, но никогаш нема да се излекува од тагата и носталгијата по палатата.

– Паметам само дека ме облекоа во една убава облека, бела со црвен превез, а во следните девет години носев само црвена облека. Бев избрана за кумари и кралот требаше да ме види. На ништо друго не се сеќавам од тој прв ден… – ми раскажува Рашмила.

во убавите денови на кумари

во убавите денови на кумари

Во палатата секојдневно доаѓале луѓе, се молеле пред неа, многумина доаѓале и да советуваат со неа. Се викала Деа Мејџу и можела само да ги слуша и да молчи. Дури и двајцата родени браќа дошле кај неа, со фотографии од девојките за да ја прашаат дали смеат да се оженат со нив.

– Често мислев на моите сестри, иако бев поблиска со негувателките и со нивните деца, со учителите и со нивните деца… Но нивниот работен ден во палатата ќе завршеше, а јас тропав на прозорецот и им велев – вратете се, не одете предалеку!

Тринаесет пати во годината, за специјалните пригоди, Рашмила носела тешка шминка на лицето, за време на фестивалите, кога излегувала од палатата. Нејзиното детство останува во палатата, а годините минуваат брзо. Но 1990 година беше многу необична година на Рашмила Сакиа. Вели прво се разболела, а потоа видела низ прозорецот дека на плоштадот се собира толпа луѓе и дека се случуваат немири. Луѓето извикувале „да се смени кралот!, Земјата да стане демократска!“.

Дури и моите најблиски од палатата со денови седеа пред телевизорот – ми раскажува Рашмила.

Кога немирите се повториле, уште погласни и побурни, таа стоејќи крај прозорецот на миг заплакала. Имала само 12 години и пуштила една солза, свесна дека на една кумари не ѝ е дозволено да плаче.

– Никогаш немав заплакано, дури ни кога бев мала. На миг помислив дека ќе бидам дисквалификувана, но тоа помина зашто сите беа зафатени со настаните во земјата и по малку исплашени… Но знаев и дека се приближува големиот празник Дасаин и дека ќе бидам заменета со нова кумари, поради мојата возраст. Ми беше многу тешко. Многумина од персоналот плачеа додека се простуваа со мене, а јас сè уште не знаев да плачам. Ѝ ја предадов круната на новата кумари, и накитот, но не заплакав. Моите сестри дома продолжија да ме викаат Деа Мејџу. Но јас не сакав да излезам од собата. На третиот ден поминат дома, а тоа беше 10-ти ден од празникот Десаин, на моите им ставив тика, како што секогаш тоа го правев со најважните луѓе и народот, додека бев кумари. Но не можев веќе да се воздржам… Тогаш првпат плачев.

dea2

Во следните денови и месеци Рашмила морала да се соочи со обичните нешта, кои за неа биле сосема туѓи. На пример, да влезе во автобус, да помине една улица полна со луѓе, да добие непристоен одговор. Да си најде друштво, да си го засака повторно домот, во кој не памети дека некогаш била. Да се разбуди во својот кревет, да оди пеш онаму каде што некогаш ја носеле на раце.

Мојата пријателка, Деа Мејџу

Деа Мејџу, божица на стилот и денес на храброста

Ја прашувам како се чувствува сега, а таа мирно ми одговара: „посилна“. И шмркнува повторно од чајот. Седиме со скрстени нозе, јас и Рашмила Сакиа. Околу нас има безброј фотографии од оние денови… Одеднаш, таа го затвора албумот, воздивнува длабоко и ми вели:

„Види, јас сум само една обична смртничка!“.

– И јас сум една обична смртничка, исто како тебе, и не гледам ништо лошо во тоа, ѝ одговарам на Рашмила Сакиа.

Ми се насмевнува на одговорот со лице на ангел, па се смеам и јас.

Ј. К

x

Check Also

Убавината е минлива категорија. Стил, е тоа е веќе нешто!

Во облекувањето, во однесувањето и воопшто, во животот, велиме дека некој има ...