Рудолф Нуреев, првата поп-икона на балетот

Еден од најзначајните балетски играчи на 20 век, а можеби и најдобар балетан на сите времиња, кој почина од сида на 55-годишна возраст, покрај другото беше и најсензационален азилант на своето време. Со својата таинствена личност стана и прва поп-икона на балетот.

Ридолф пред објективот на Ричард Аведон

Ридолф пред објективот на Ричард Аведон

Нуреев роден е во 1938 во транссибирски воз додека неговата мајка патувала кон Владивосток, каде што бил стациониран татко му, политички комесар на Црвената армија. Растел во малото сибирско место Уфи, каде што по првата посета на балетот, се вљубува во играта. Средината на 50-те години заминува за Ленинград на студии по балет, станува член на балетот Киров, и за само три години одигрува 15 главни улоги. До крајот на 50-те години Нуреев станува советска сензација, но неговиот бунтовен дух и однесување не му даваат мир и кога балетот се подготвува за европска турнеја. Нуреев не е предвиден за ова патување. Сепак, кога во 1961 главниот играч на балетот Киров, Константин Сергеев, се повредил, Нургеев го заменил настапувајќи во Париз. Публиката и критиката го прифаќаат како нов Нижински, но советската влада го обвинува дека недолично се однесува во контактите со странците. КГБ го бара назад. Му пласираат приказна дека мајка му е болна, но Нуреев верувал дека дома може да го чека само затвор. На аеродромот во Париз, со помош на француската полиција и некои пријатели, успева да побегне од чуварите. Бара азил и останува во Париз.

Многу години подоцна тој бара од руската влада да му дозволат да ја посети мајка му, но барањето му се одбива сè до 1987, кога мајка му веќе е на смртна постела. Тогаш Горбачов му дава дозвола да ја посети. Две години подоцна дури е и ангажиран да настапи во балетот Киров, каде што по многу години се среќава со своите познаници, учители и колеги.

rudolf 2

Веќе една недела по драматичното „освојување на слобода“ на парискиот аеродром, Нуреев потпишува договор за улога во балетот „Заспаната убавица“, а само година подоцна добива ангажман и во балетот Ројал во Лондон. Првата улога со примабалерината Марго Фонтејн е во „Жизел“, со што започнува и долгогодишното партнерство на двајцата извонредни играчи сè до последната година, 1988, кога Нуреев има 50, а Марго 69 години.

Нуреев и Марго Фонтејн

Нуреев и Марго Фонтејн

Во текот на кариерата, Нуреев, кого го красеа многу складната мускулеста фигура, сценскиот шарм и блескавата насмевка со кои ја маѓепсуваше публиката дури и при најтешките скокови, играше со многу светски познати имиња. Учествуваше во неколку филма. Сепак, на балетот му останува верен, како играч и како кореограф, а од 1983 година и како директор на париската опера.

rudolf 5

Појавата на сидата, во 1982 во Париз, Нуреев ја дочека рамнодушно, а кога тестот направен во 1984 година покажа дека е ХИВ-позитивен, продолжи да живее со истото темпо одбивајќи да прифати дека нешто се променило, сè до 1992, кога почнува сè повеќе да ја чувствува болеста.

Нуреев, Њујорк, 1967 година

Нуреев, Њујорк, 1967 година

Но дури и тогаш наоѓа сили да настапува, патувајќи во март за Казан, кој и денес во негова слава има фестивал Нуреев. Од Казан се враќа со голема температура и проблеми со срцето, па е опериран во француската болница. Во тоа време на борба против опасната болест го одржува надежта дека ќе диригира на операта „Ромео и Јулија“ на Сергеј Прокофјев, во што и успева во мај таа година, во „Метрополитен опера“ во Њујорк.

Последен пат е виден во јавноста на 8 октомври 1992, во Париз, како продуцент на балетот „Бајадера“, кој со години беше негов неисполнет сон. „Бајадера“ се покажува како една од неговите најуспешни балетски продукции, но фотографиите од Нуреев на премиерата ѝ откриваат на јавноста колку болеста го сменила овој уметник. Дури и тогаш веруваше дека ќе се избори и ќе се врати на сцената. Умре во Париз, на 6 јануари 1993, погребен е во Париз, а неговиот гроб е направен како мозаик во облик на ориентален килим, какви што собираше и кои многу ги сакаше.

rudolf 7

Неговата игра и неговите лесни нозе му донесоа светска слава и богатство. Уживаше во сите бенефиции на својата работа, имаше во сопственост повеќе куќи од двете страни на Атлантикот, се дружеше со ѕвезди и светскиот џет-сет, дури едно време ги поседуваше и островите Ли Гали во Италија, кои се сметаат за најскапи во светот. Кога ги обезбеди своите две сестри, остатокот од богатството им го остави на две фондации што им помагаат на младите балетски играчи, а неговата игра и влијание на прифаќањето на модерниот балет остануваат културно наследство на генерациите што доаѓаат.

Сузана Спасиќ

 

 

 

x

Check Also

Култ Дизајн на Саем за мебел: Уникатни кујни и интересни парчиња мебел

  На овогодинешниот Саем за мебел, посетители ќе имаат можност да го ...