Елио Фјоручи, човекот што го обои светот!

Неговата мисија беше да го обои светот. Неговиот свет беше нешто заразно. Денес пак, овој 78-годишен господин знае мирно да каже – се одљубив од модата!

elio 7

Ми недостасува Фјоручи, секогаш кога поминувам низ Корсо Виторио Емануеле. Таму беше неговата прочуена продавница, и сеуште насекаде се буквите Фјоручи, личи на онаа, ама без него, без онаа страст, без оние фантастични бои, ангели…Се обидувам мирно да ја одминам. Последниот разговор со него го правев во ова време, пред точно десет години. Рече ќе се повлече од продавниците, можеби и од модата. Не беше за верување, зашто тоа го рече со насмевка. Подоцна чув дека ги затворил вратите на најславната продавница во светот. И дека тоа го направил зашто се одљубил од модата.

Пред некоја година, на миланската модна недела го сретнав на едно предавање во Галерија. Дузина посетители, минувачи, туристи се насобраа околу да го слушаат. Цела толпа! Настанот беше „на отворено“, добро озвучен, и тој одговараше на прашања поставени од организаторот на ревиите. Темата, се разбира, беше модата. Но овојпат тој беше во улога на советник, на оној кој ја искусил модата и славата. Во гласот му се чувствуваше доза на резигнираност, некое чудесно спокојство кое доаѓа со искуството и годините, па помислив, Елио навистина се одљубил од модата! Компанијата Фјоручи беше продадена на друга групација, Едвин, која сеуште ги чува линиите Лав терапи, Мис Фјоручи и Фјоручи лавс ју. Во меѓувреме, самиот Фјоручи, креираше и за Ажент провокатор. И вака, како посебен гостин на модните настани, споделуваше по некое мислење, совет. Не ја раскажуваше неговата лична, модна приказна. Не сакаше да зборува за тоа.

elio 6

А неговата приказна е ваква.  Елио ја отвори својата прва продавница во Милано во 1967 година, која стана прозорец на она што се случува на англискиот Карнаби стрит. Три години подоцна за свое лого ги одбра двата ангела, кои и денес се симбол на неговата историја, сликата е викторијанска, а графички е реадаптирана од познатиот архитект Итало Лупи. Фјоручи стана заштитен симбол на младите бунтовници во 70-те години. Во 1974., Елио ја отвора втората продавница во Милано, назначувајќи го за арт-директор Франко Марабели. Славната продавница имаше три ката, а освен гардероба имаше и специфична цветна миризба. Се продаваа и книги и грамафонски плочи. Дури имаше место и за хамбургери направени по њујоршки рецепт. За првпат, тогаш почнаа токму тука да се продаваат и веќе носени, но одбрани парчиња облека, по некоја симболична цена.

elio 5

Следуваше продавницата во Лондон. На Кингс роуд. Следејќи го хипи-правецот, од Авганистан ги донесе јакните од овчо крзно, за набргу да ја започне и еколошката иницијатива „Зошто да ги убиваме?“. Во истиот период се појави марката Фјоручино, наменета за децата.

Елио, Њујорк и Енди Ворхол

Во 1976 година, Елио ја отвора продавницата во Њујорк, на 59-та улица, која станува свртилиште на њујоршките уметници.

Студио 54

Студио 54

Во соработка со Енди Ворхол го лансираат списанието Интервју. Останувајќи им верен на младите уметници, во неговата продавница им дозволува да цртаат. Кога еден шампон чинеше околу 4.000 лири, Фјоручи го прдаваше својот џинс за цена на два шампона. Во 1977 година, во срцето на Менхетен, го отвора Студио 54, кое вклучува и една огромна дискотека. Негови гости се Бјанка Џегер, Марго Хемингвеј, Енди Ворхол и Грејс Џонс.

Фјоручи и Енди Ворхол

Фјоручи и Енди Ворхол

Малку подоцна, Фјоручи ја формираше и својата школа за мода и облека, предводена од Мама Џини. „Бараме глава полна со идеи“, тоа беше името на првиот конкурс. Елио беше првиот моден креатор во светот кој се потпиша на линијата очила за сонце. Истата година и Алфа Ромео за редизајн на својата Џулиета, се повика на Фјоручи. Во САД фамата Фјоручи се прошири од Њујорк и во Лос Анџелес, со новата продавница на Беверли Хилс.

elio 9

Во 1980., Фјоручи и „Риколи“ се продуценти на филмот „Њујорк бит“ (New York beat). Во тој период Мадона се облекуваше само во Фјоручи. Година подоцна, излезе книгата „Елио Фјоручи“ потпишана од славната уредничка Ив Бабиц, а Фјоручи се поврзува со „Волт Дизни“ и ги произведува првите нивни маички. Потоа, со Оливеро Тоскани ја започнува кампањата за борба против ракот, а малку подоцна и „ду понт“ соработува со Фјоручи. И така се појавува ликрата која го освојува светот.

По 15 години Елио го врати на пазарот мини-здолништето, продавајќи 100.000 парчиња во првата недела. По експлозијата на филмот Флешденс, Фјоручи е првиот кој продава хеланки и боди.

Во 1984., потпишува договор со Вранглер, и станува крал на фармерките. Во филмот Пороците на Мајами го облекува Дон Џонсон, а тој „тропикал“ изглед станува светска модна опсесија. Во Токио го повикуваат за консултант за изградба на Италијански саем, а на ревијата во Њујорк наместо модели на сцената се појавија Роберт Редфорд и Келвин Клајн, поддржани од аплаузот на Лејди Ди, Сара Фергусон, Каролина од Монако и кралицата од Шпанија.

Ангели и срциња

Во почетокот на 90-те, линијата Џуниор Готје на Жан Пол Готје, ја произведува Елио Фјоручи, исто како и најновата линија на Вивиен Вествуд. Неговите продавници дневно ги посетуваа 7.000 луѓе, а за време на божиќните празници бројката стануваше двојно, тројно поголема.

elio 4

Во 1995 година Елио почна да го форсира симболот срце.  Година подоцна, се здружи со авторот на Алхемичарот, Пауло Коелјо, со кого продолжи да соработува, а истата година Џозеф Каре, синот на Вивиен Вествуд, преку Фјоручи ја лансираше својата линија Ажент провокатор. Потоа му стана забавно да се одглуми самиот себе во филмот „54“  на Кристофер Марк, на Мирамакс. Во 1999. се поврза со МТВ и во неговите продавници за првпат почнаа да се снимаат младите кои го искажуваа своето воодушевување кон славните пејачи и актери.

Пред да се пензионира, одлучи да направи уште нешто. Да ги насмее луѓето, па го лансираше парфемот за смеење. Неговите Т-маички со ангелчиња и срциња се продаваа во 10 милиони парчиња, додека тој размислуваше „да си оди дома“.

Времето се смени, луѓето се сменија…

„Боите се мојот стил. Боите беа оние кои не направија поразлични од другите. За мене боите значат радост, значат младост и среќа. Тие се нешто што ја разликуваат оваа мода од класичната“, ми рече во последниот разговор. А потоа со насмевка додаде- „ Се сменија многу нешта денес. Времето се смени. Се смени светот! Кога ние почнавме на модата се гледаше поинаку. Сега модата се сфаќа сосема поразлично од тогаш. Луѓето се сменија. Нивното однесување е сменето, се сменија генерациите, всушност се е сосема и драстично сменето! Модата треба да биде опис на една личност. Треба да биде начин на живот. Луѓето одбирајќи си го стилот, си го одбираат и својот начин на живот, си ги одбираат и пријателите. Но денес, не се ни свесни за тоа“.

REGALI X SAN VALENTINO Последниот пат кога го сретнав не се воздржав да го прашам „Зошто денес не сте обоен?“. Повторно се смееше. „Е не сум шарен“, изусти. „Можеби сум само веќе малку стар за на себе да имам многу бои. Ама тоа не важи и за тебе.“

Ми недостасува Фјоручи, секогаш кога поминувам низ Корсо Виторио Емануеле. Ми недостасуваат оние четки со кои го обои целиот свет. Пред неколку дена, така попатно, го прашав мојот пријател од Милано. Негов пријател. „Зарем навистина Елио се пензионираше, зарем навистина до толку се одљуби од модата?“.

„Мислам дека само ужива да го раскажува тоа. Да ја повторува таа реченица. А, искрено, мислам дека не. Мислам дека и на овие години, гледа малку отстрана, но прилично вљубено“, ми одговори.

Јасмина Кантарџиева

x

Check Also

Ивана Лембовска: Со повеќе системи на вежби во една индивидуална програма до совршена форма!

За предностите на индивидуалните тренинзи, за резултатите од нив, за важноста на ...