Во чест на неговиот роденден: Ерих фон Деникен, контроверзен писател со автентичен стил

Дали вонземјаните ја посетија нашата сина планета или не? Дали боговите беа астронаути? Има ли живот на Марс? Кој ги остави цртежите во Наска, во Перу? Контроверзниот писател, уметник и мистериолог, незаморно поставува прашања за сè што нè опкружува. Го истражува минатото, но и иднината. Иако официјалната наука понекогаш го оспорува и секако скептично ги прифаќа неговите учења, тој и понатаму е во потрага за мистериите на светот.

erik 123123

Ерих фон Деникен е роден на 14 април 1935, во Софинген, Швајцарија. Израснал и воспитан е како католик, се школувал во меѓународното католичко училиште Сен Мишел во Швајцарија. Уште во тоа време одбива да ја прифати црковната интерпретација на Библијата и развива интерес за астрономијата. Подоцна тоа искуство од католичкото училиште и догматскиот пристап ќе го обработи во една од своите книги, тврдејќи и докажувајќи како црквата многу нешта сменила во Библијата, па сè до други толкувања.

erik 234234Кога имал 19 години, фатен е како украл пари во училишниот камп каде што работел. Исфрлен е од понатамошното школување и тогаш се вработил како асистент во еден хотел, пред да се пресели во Египет. Додека бил во Египет, бил вмешан во една работа околу некој накит, поради што е осуден на осум месеци затвор. По враќањето во Швајцарија се вработува како менаџер на хотел во Давос, каде што ја пишува и својата прва книга „Сеќавање на иднината“, отпечатена во 1968. Меѓутоа, во исто време Деникен повторно влегува во проблеми со законот, обвинет е за измама и фалсификување на хотелските сметки, на чија основа добива заем што го употребува за своите патувања и истражувања. Две години подоцна Деникен е осуден на три и пол години затвор. Продажбата на првата книга, која излегува во тој период, му овозможила да ги врати сите долгови и да ја напушти хотелската работа. Втората книга ја напишал во затвор.

Неговите текстови го привлекоа вниманието на многу научници, меѓу нив и на Карл Саган, кој тврдел дека исклучителните тврдења на Деникен бараат и исклучителни докази, кои Деникен сепак не ги прикажал. Во секој случај, Деникен ги продолжил своите истражувања на темата вонземјани и стари цивилизации, секој пат нервирајќи ги официјалните научни кругови, кои го сметале за човек што објавува научна фантастика. Точките на критика се засноваат на тврдењето дека на Деникен не му е важна вистината, туку дека нештата може да се објаснуваат на различни начини. Се смета дека нема самокритичност и дека своите тези не ги основа на проверени факти, а неговите истражувања ги нарекуваат псевдоархеологија. Сепак, неговите книги се преведени на 32 јазици и продадени во над 62 милиони примероци.

Пред неколку години во Германија основаше забавен парк, кој по неколку години е затворен поради финансиски проблеми. И понатаму пишува, објавува текстови и книги и секако, и понатаму предизвикува контроверзии каде и да се појави.

С.Спасиќ

x

Check Also

НовоЛото 7/34 збогати тетовчанец за 10 милиони денари

22 –то коло на НовоЛото 7/34 , чие извлекување се одржа на ...