Женска еманципација: До кога ќе се кокодака?

Во Скопје само треба да излезеш на мала ноќна прошетка и да го видиш овој феномен на еманципираната, независна женска. Но колку може да биде еманципирана некоја што постојано се наоѓа во кокошарник без петли?

 

Што се подразбира под терминот „пропорционалност“? Дали тоа значи дека за секоја жена на оваа планета мора да постои маж и дали за секој маж постои жена? И дали тоа се сведува на по еден примерок од секој за секого или за некого ќе има и по нешто плус? Или, дали за секоја жена има уште пет други женски што излегуваат со неа? Е тоа е прашањето.

Девојки меѓу 25 и 35 години, собрани во многу тренди кафуле, пијат вино и мезат сирење. Фрчат комплименти за тоа која што има облечено, колку ѝ е добра чизмата, дезенот на чорапите. Навраќања на факултетските денови, што сме правеле во гимназија, која каков успех имала со некого, и најстрашно, што се случува на работа (по којзнае кој пат). Шминка целосна, деколте надвор, штикли – се подразбира. Во градов треба само да излезеш на мала ноќна прошетка и да го видиш овој феномен на еманципираната, независна женска. Но колку може да биде еманципирана некоја што постојано се наоѓа во кокошарник без петли? До кога ќе се кокодака?

Едно е сигурно – женските дружења се интензивни. А под интензивни се подразбира и по малку задушувачки. Дали сте се нашле во ситуација кога вашата пријателка речиси еден час зборува на тема што е веќе апсолвирана, ама изгледа сè уште не е од нејзина страна? Уште полошо е кога ќе ви се налутат зашто не обрнувате внимание. Еј, па немаат сите еднаква способност за емпатија! А што е најинтересно, оваа слика би изгледала многу поинаку ако сме со машки. Е во ваква, за многумина хипотетичка ситуација, ситните проблемчиња за кои со саати може да се зборува би биле глупости, наеднаш би станало интересно да се скрати дијалогот и да се биде духовит. И јас викам „благодарам“ за тоа! Митот за сексот и градот сепак е само убава телевизиска бајка што изгледа сите забораваме колку среќно заврши со заеднички ручек на сите пријателки со своите партнери.

s 1

Понекогаш и се согласувам дека за ова може да се слушнат разни оправдувања од типот „нема машки“, „аман веќе од нив“, „сакаме да си се видиме ние на само“, впечатокот е тој – негирање на напредокот од веселите 60-ти и 70-ти за повторна изолација, како и да се нарекува. Сами наместо измешани, моносексуални наместо унисексуални, една тема наместо повеќе теми. Ах, колку сме среќни ние што другарките толку нè почитуваат, па секогаш се толку дотерани за нас!

Се разбира дека никој не го негира убавото женско кафе за размена на последниот трач или некој добар совет, ама зошто целото дружење да се сведува само на тоа? Зарем не треба да ја слушнеме и машката перспектива, нивниот муабет, и од тоа да го извлечеме најдоброто за проширување на свеста, разбирањето, душата? Забораваме на големите филозофи, кои нè учеа дека треба да најдеме средна мера во сè, па и во дружењето.

Да не се разбереме погрешно, сепак би било грешка да се бара мешана придружба за на партија зјај-пазар по чевли. Не верувам дека храброста при купување едно парче луда чевла би можела да произлезе од мешан брак. Па баш би било досадно да се претвориме во еден класичен Мери Џејн чевел со средновисока потпетица.

А можеби од целава оваа приказна останува да им симнеме капа на нашите машки еквиваленти. Да живее нивната еманципираност што ја разбираат оваа потреба од ексклузивно женско дружење и што го оставаат тоа недопрено!

Лина Данова

x

Check Also

Натни ги тие штикли и, шетај!

Момци, крајно време е да се прегрупираме, да ги збиеме редовите и ...