Златко Николовски, персонален фитнес тренер: Часовите и диетниот режим се дефинираат според целта на клиентот

„Придобивките од ангажирањето на личен фитнес тренер се големи. Според мене најголема придобивка е тоа што некој друг се грижи за тоа што ќе јадете, што ќе вежбате, и постојано ве мотивира да го постигнете тоа, додека кога вежбаме сами често знаеме да си наоѓаме различни изговори за да прескокнеме тренинг-два, често и повеќе“, објаснува Златко Николовски, персонален фитнес тренер.

fitnes 1

Кога веќе сме решиле да го обликуваме телото по наша желба, вишокот да го отстраниме, а недостатоците да ги корегираме, зошто ни е потребен перосонален фитнес тренер?

Терминот персонален фитнес тренер, или по нашки личен тренер, е сеуште свеж термин бидејќи во Македонија сеуште немаме култура и менталитет за секој од нас, кој има недостаток на мотивација или пак е почетник, да си ангажира таков тренер. Секако, ангажирањето на личен тренер зависи и од финансиската ситуација кај клиентот. Но да бидам искрен, полека но сигурно вежбањето со личен тренер станува популарно и кај нас.

Како изгледа еден час со вас?

Секој час изгледа различно во зависност на физичката издржливост на клиентот, па се до неговата примарна цел. Има најразлични клиенти во однос на тоа што сакаат да постигнат со моја помош. Најчесто тоа се луѓе кои сакаат да го отстранат вишокот на килограми, но има и некои кои веќе се фит и само сакаат да се „затегнат“, да го обликуваат подобро телото, да добијат повеќе мускули. Има и некои кои имаат здравствени проблеми па поради препорака на доктор или физиотерапевт мораат да вежбаат. Значи, часовите се дефинираат според целта на клиентот.

fitnes 2

Што се вклучува „пакетот“?

Пакетот вклучува повеќе опции, најчесто клиентите се одлучуваат за стандардниот, а тоа е четири до пет пати во неделата да тренираат со моја помош, и целосна програма за исхрана за цел месец. Претходно тие треба да ми објаснат дали имаат некаков здравствен проблем и која крвна група се. Подоцна, во консултација со моите соработници кои се професори или пак нутриционисти, ја изработувам личната програма за клиентот. Секако, и јас сум доста упатен во нутриционизмот, но секогаш дополнително се консултирам со лица кои се професионалци во тој дел.

Каде го стекнавте вашето искуство, од кого учевте?

Студент сум на факултетот за физичка култура и моето искуство пред се го стекнав таму, консултирајќи се за совети околу нутриционизмот и фитнесот со професори и професионалци. Подоцна искуството го надградував со постарите тренери во теретаните, најчесто од билдерот Зоки Колевски, единствен професионален билдер во Македонија за кого имам многу високо мислење. Тука е и натпреварувачот Томица Мулусевски, најдобриот во државава, и некои други. Откако почнав и самиот професионално да се занимавам со ова, и искуството дополнително се надградуваше, се среќаваш со различни клиенти и се обидуваш да одговориш на сите специфични барања. Постојано бараш некое решение, слично како во математиката, а треба и да си физички многу подготвен зашто среќаваш најразлични луѓе, со различен карактер и треба да се прилагодуваш.

fitnes 3

На каков тип на вежби давате предност?

Во зависност од физичката подготвеност на клиентот, односно до кој стадиум сме отишле, такви се и вежбите. Најчесто тоа се вежби со малку повисок интензитет поради тоа што како влегуваме во ниво на поголема срцева фрекфенција така и се согоруваат повеќе масти, што секако е наша примарна цел.

Каде вежбате, на затворен, на отворен простор?

Вежбаме во повеќе теретани, и ако клиентот е на пример, од Карпош 4, тогаш ја одбираме најблиската локација до него. Но има клиенти што и дома сакаат да вежбаат кои секако имаат прво создадено примарни услови за вежбање, па со нив вежбаме дома. Има клиенти кои не сакаат теретани, со нив правиме вежби најчесто на кеј, со реквизити кои ги носам и со употреба на сите оние реквизити кои веќе се на кејот.

Според вашите искуства за да стигнеме до целта колку време е потребно?

За да се постигне посакуваната цел треба многу труд, најчесто откако ќе ја постигнеме целта се појавуваат нови цели. Временски не можам да кажам колку е потребно зашто секој човечки организам има различен метаболизам, различна генетика, секако и различна желба, пристап и однос кон тренинзите. Никогаш не велам „ти за толку и толку време ќе си топ“, но она што можам да му го ветам на клиентот дека со заедничка и тимска работа од негова и моја страна, тој/таа ќе стане пред се здрав човек и ќе изгледа многу подобро отколку пред да почнал. Тоа е мојата гаранција.

x

Check Also

Спој на фитнес и забава на Fit Games

На 28 октомври во Скопје ќе се одржи натпревар во функционален фитнес/кросфит ...