20 години од смртта на принцезата Дајана: Најнесреќната и најсакана принцеза на 20 век

По 20 години од смртта на принцезата Дајана, Британците и оддаваат почит, а верниците веќе  оставија запалени свеќи пред некогашната нејзината резиденција во Лондон.

На денешен ден, да се потсетиме на животот на најнесреќната и истовремено најсакана принцеза на 20-от век.

Принцезата Дајана од Велс, првата сопруга на принцот Чарлс, е родена на 1 јули 1961 година, како трета ќерка на грофот Спенсер. Нејзините родители се разведуваат кога таа има осум години. Се школува во локалното јавно училиште, но бидејќи не ѝ одело од рака, префрлена е во женското училиште „Вест хет“, каде што учеле главно сиромашни студенти. Со слаби резултати по другите предмети, покажувала таленти кон музиката и танцот, а свирела и пијано. Сакала да биде балерина, еден период и учела за балерина, но и тој сон, како и многу други, не ѝ се остварил, бидејќи била превисока.

Во Лондон се преселува во 1978 година, во станот на својата мајка, зема часови по готвење, но не успева да стане готвачка, наместо тоа работи како инструктор за танц за млади сè додека не ѝ се случува повреда на скијање и ја загубува работата. Потоа работи како бебиситерка за едно американско семејство што живее во Лондон, но и како хостеса на забави.

Со Чарлс, дванаесет години постар од неа, се запознава во 1980 година, преку својата постара сестра Сара, со која тој претходно се забавувал. Поради наводната лоша репутација на Сара Спенсер, но од друга страна и притисокот врз принцот да се ожени за да си го осигури наследството на престолот, Дајана, која била протестантка и со грофовско потекло, ги исполнувала сите критериуми за избор. Тоа што тогаш не се знаело е дека Дајана и Чарлс се виделе само 13 пати пред бракот, а записничарите тврдат дека истовремено принцот се среќавал и со својата поранешна девојка Камила Паркер. Сепак во февруари 1981 година се случува свршувачката, а на 29 јули Дајана и Чарлс се венчаат во катедралата Сент Пол. Свадбата ја следат над 750 милиони луѓе. Набргу, на 21 јуни 1982, принцезата го раѓа првиот син, Вилијам, влегувајќи во депресија по породувањето, која кулминира со обид за самоубиство. Ова нема да биде последниот нејзин обид да си го одземе животот.

Додека медиумите стануваат опседнати со Дајана, Чарлс и понатаму продолжува тајно да се гледа со Камила Паркер, а обидот бракот да се спаси е со второто дете, синот Хари, роден во септември 1985. За да остане витка по породувањето, принцезата овојпат се бори со булимија. Наводно, таа тогаш повеќе не ја дели постелата со Чарлс. Навидум среќниот брак почнува да се распаѓа пред очите на јавноста веќе на крајот на 80-те години. Во почетокот медиумите се внимателни, а потоа почнуваат отворени шпекулации за љубовта меѓу Чарлс и Камила, но и за неверствата на Дајана. Во интервјуто што Дајана му го дава на Питер Сателен во 1992 открива многу тајни за својот љубовен живот. Тогаш признава дека била вљубена во еден член на персоналот, полицаецот Бари Манаки. Кога скандалот бил откриен во кралското семејство, Манаки добил отказ. Во 1987 година Бари Манаки го губи животот во сообраќајна несреќа. Истата, 1992 година излегува и книгата, која набргу станува бестселер „Дајана – нејзината вистинска приказна“ на Ендри Мортон, во која главна тема е врската на Чарлс со Камила, која во тоа време е во брак. Иако во Англија прељубата со жена на кралот или престолонаследник се смета за предавство, кое уште од 1351 се казнувало со смртна казна, кралицата замижува пред неверствата на парот, па дури се прават обиди и да се смират, сè до декември 1995, кога таа бара од нив да се разведат. Една година подоцна тоа и се случува. Во тешките периоди низ кои минувала Дајана, главна утеха и поддршка ѝ биле синовите. Кога тие ја прашале зошто се разведуваат, таа одговорила: „Бевме тројца во бракот, премногу беше гужва“.

Дајана најпосле ја наоѓа својата среќа во љубовта, со Доди Ал Фаед, син на милијардерот Мухамед Ал Фаед, кого го запознава во 1986 година, но нивната романса почнува десет години подоцна, веднаш по разводот. Истовремено почнува и хуманитарно да се ангажира, како член на Црвениот крст. Го придобива повторно вниманието, но и симпатиите на медиумите, кои не само што ја сметаат за напатена, несреќна жена, туку и за жена со многу стил. Чарлс, пак, ја продолжува својата врска со Камила, со која ќе се венча во 2005 година.

На 31 август 1997 година Дајана и Доди по вечерата во хотелот Риц, со нејзиниот мерцедес тргнуваат на своето последно патување. Налетуваат на ѕидот во тунелот Алма во Париз, и на самото место загинуваат возачот Хенри Пол и Доди. Дајана умира четири часа подоцна во болница, од последици на внатрешно крвавење.

20 години смртта на Дајана и Доди е обвиткана со таинствен вел, иако и официјално случајот е затворен како несреќен. Прво беа обвинети папараците, кои постојано ги следеле, а потоа сомнежот падна на возачот, кој наводно бил пијан. Медиумите го објавија и сомнежот во британската известувачка служба, на која наводно не ѝ одговарала врската на принцезата со муслиман.

Лејди Ди останува муза на многу уметници. Не можејќи сè уште да ја преболат својата најсакана принцеза, многумина го препознаваат нејзиниот шарм и стил во новата принцеза, сопругата на Вилијам, Кејт Мидлтон, која ја нарекуваат „втора Дајана“.

x

Check Also

Неделен хороскоп (9. до 15. декември): Топ знаци на неделата – Стрелец, Бик и Лав

Оваа недела планетата Меркур влегува во знакот на Стрeлец, одлични вести ги ...