3, 2, 1, Старт! – Skopje Run 10K е подготвена за одличната атмосфера која ѝ претстои на Скопје

Skopje Run 10K е трка која ќе се одржи трета година по ред и која на сите тркачи и рекреативци им овозможува уште едно поглавје во годината каде што можат да спортуваат и да се натпреваруваат. Во нејзин склоп се трката од 10км и штафетната трка од 5км х 2 кои ќе започнат во 09.00 часот во недела, 06.10.2019, од пред фонтана Лотус во Градски парк во Скопје.

Трката е организирана од Сојуз на спортови на Скопје, Атлетска федерација и Атлетски клуб Работнички кои велат дека се целосно подготвени за одличната атмосфера која ѝ претстои на Скопје.

„Ако во минатото беше реткост да се трча, денес, е сосема нормално, а спортувањето станува култура на живеење во нашата држава, особено во нашиот град. Трката на 10 километри има рекреативен, но и натпреварувачки карактер и дава јасна порака до сите граѓани за потребата од физичка активност.“, истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт. Тој испрати повик до сите граѓани да земат учество во настанот, без разлика дали се натпреварувачи или љубители на трчањето кои со своето присуство ќе дадат свој допринос во промоција на настанот и градот.
„Полека и сигурно Skopje Run 10K прераснува во уште една традиционална трка. Имавме мали промени во последните неколку години за во недела да го добиеме тоа што е најпотребно за сите учесници, совршенство во поглед на трчање на бул. Илинден. Оваа година околу 1.900 учесници се пријавија да излезат на бул. Илинден. Имаме учесници од Кенија што значи дека трката ги надмине очекувањата и има шанси да биде брза и динамична. Почнуваме сите од фонтана Лотус пред Градски парк како минатата година, но оваа година наместо два круга ќе се трча само еден овозможувајќи поголемо и полесно движење за сите.“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

„Skopje Run 10K има натпреварувачки и рекреативен карактер. Таа е уште еден предизвик за сите кои сакаат да се надминат себеси пред претстојниот Виз Ер Скопски маратон кој ќе се одржи на 10. мај 2020. Ние воочивме дека развојот на нашата тркачка заедница заслужува повеќе и затоа пред три години во октомври ја организиравме првата Skopje Run 10K за оваа година да можеме да го понудиме најдоброто. Воедно, во склоп на Skopje Run 10K 2019 организираме и општествено одговорна акција каде со секоја купена маица се донираат 100 денари за садници со цел да поттикнеме да се #ЗасадиВоздух. Ова го правиме со Град Скопје и ќе избереме најпогодна локација за да ја оствари.“, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Град Скопје.

Подигнувањето на стартните пакети е на 4 и 5 октомври во кугланата во Спортскиот центар “Борис Трајковски“. На 4 октомври (петок) подигањето на стартните пакети ќе биде од 12 до 18 часот, а на 5 октомври (сабота) од 10 до 18 часот. Потребно е да се приложи документ за идентификација при подигање на стартниот пакет.

Сите кои што сакаат да помогнат и во акцијата #ЗасадиВоздух може да купат dry-fit маица за времето на подигнување на пакетите и од неа да донираат 100 денари за засадување на дрвја во Скопје. Акција е организирана заедно со Град Скопје.

Главни покровители на Skopje Run 10K се Агенција за млади и спорт на РСМ и Град Скопје, а ко-организатор е МВР на РСМ.

За повеќе информации може да се посетат: http://skopje.run/, https://www.facebook.com/SkopjeRun/

x

Check Also

2.000 тркачи на бул. Илинден како дел од Skopje Run 10K

Ивановски и Поп Арсова срушија 2 државни рекорди на Skopje Run 10K ...