3 немасни, здрави салати за новогодишната трпеза

Кој рече дека празничните денови не можат да се поминат без тешки салати полни со мајонез, сосови и калории? Ви претставуваме три супер салати, со ниска калорична вредност, а превкусни кои сигурно ќе станат кралици на модерната трпеза.

Салата со туна, моцарела и пиперки

Намирници – 2 пиперки жолти, односно зелени, 2 пиперки црвени, 2-3 феферончиња, 1 поголема главица кромид (црвен), цикорија 100 грама, 5 домати, црни маслинки 80 грама, туна од конзерва 400 грама, мозарела 400 грама, оцет базилико (или јаболков оцет), маслиново масло, сол и црн пипер.

Подготовка – Започнете со миењето на пиперките кои потоа ќе ги ставите во тава за печење обложена со али-фолија и ќе ги испечете во рерна на температура од 250 степени околу половина час. Повремено може да ги завртите за добро да се испечат од двете страни. Потоа, оставете да се изладат и излупете ги пиперките. Исечете ги прво на половина, убаво исчистете ги од семките и дршката, па сечкајте ги на лентички со дебелина од 1 см. Исплакнете ги под млаз вода за да бидете сигурни дека сте ги остраниле сите семки и луспи. Излупете го кромидот , отстранете ги краевите и оставете го да отсои малку во вода. Потоа исечкајте го на ситни парченца (или на половина кругови), измијте ги убаво доматите и исечкајте ги на ситни коцкички, потоа и цикоријата и феферончињата –многу ситно сечкани.

Сите исечкани намирници ставете ги во поголем сад и убаво измешајте ги. Додадете ја туната и маслинките, а на крајот и моцарелата исечкана исто така на поситни коцки. Посолете по вкус, зачинете со црн пипер, наросете од оцетот и маслиновото масло и уште еднаш убаво измешајте.

Салата со брокула, карфиол и тврдо сирење

Намирници – брокула и карфиол 600 грама, 2-3 чешниња лук, 250 грама тврдо сирење исечкано на коцки, маслиново масло, сол и црн пипер, малку магдонос.

Подготовка – Сварете ги карфиолот и брокулата посебно, но внимавајте да не бидат премногу меки. Верете ги десетина до 15 минути во сад со малку вода (околу 2 см висина). Додека се варат, исчистете ги и ситно исечкајте ги лукот и магдоносот. Посолете, наросете црн пипер, додадете го тврдото сирење сечкано на мали коцки, прелијте малку маслиново масло и лесно измешајте.

На оваа салата може да додадете ако сакате да биде побогата и 150- 200 грама печено пилешко месо исечкано на тенки лентички. Некои во салатата додаваат и еден исечкан портокал кој и дава посебен шмек.

Авокадо салата

Намирници – 2 авокада, 150 грама чери домати, 3 чешниња лук, 150 грама зелени пиперки, 150 мил кисела павлака, сок од еден лимон (свежо цеден), малку сол и црн пипер.

Подготовка – Излупете го авокадото, пресечете го на половина, извадете ја коската и порскајте го со лимонов сок за да не ја загуби свежата зелена боја. Лукот исечкајте го на ситно, исто и чери доматите па ставете ги во чинија, потоа додадете го и ситно исечканото авокадо. Зачинете и на крајот додадете ја киселата павлака. Лесно измешајте се заедно.

x

Check Also

Домашен сладолед од банана и путер од кикиритки

Се подготвува брзо, не треба да сте вешти во кујната, а задоволството ...