3 превкусни рецепти со варени јајца

Ако се двоумите какво јадење да приготвите употребувајќи ги преостанатите велигденски јајца, еве три супер идеи.

Јајца полнети со печурки

Намирници – 4 варени јајца, 1 мала главица кромид ситно исечкана, 2 лажици маслиново масло, 150 грама печурки ситно исечкани, 2 лажици мајонез, 1/4 лажичка ким или кари во прав.

Подготовка

Излупените јајца пресечете ги на половина, жолчките отстранете ги од јајцата и ставете ги во друг сад. Кромидот пропржете го на маслиново масло, 5 минути на средна температура. Потоа додадете го на жолчките од јајцата и испасирајте се заедно со вилушка (или со блендер). Додадете ги сечканите печурки, мајонезот и зачините. Се добро измешајте (или изблендирајте). Потоа наполнете ги белките од јајцата со оваа вкусна смеса.

Пиперки полнети со јајца и пармезан

3 црвени пиперки, 400 грама тврдо сирење (биено или пармезан),  2 – 3 лажици кисела павлака, 1 лажичка мелен рен, сечкан копар, 3 варени јајца.

Подготовка

Ситно изрендајте го сирењето и потоа добро измешајте го со павлаката, додавајќи и рен и копар. Пресечете го долниот дел од пиперката и извадете го семето од неа. Наполнете ја пиперката со дел од смесата со сирење оставајќи простор за јајцето, па додадете го вареното јајца и врз него повторно додадете од смесата со сирење. Ставете ги полнетите пиперки во фрижидер да отстојат два часа, потоа пресечете ги дијагонално пред да ги сервирате.

Месен ролат со јајца

Намирници – 500 гр мелено месо по желба, 1 средна главица кромид, 2 чешниња лук, 1 лажица зачини (вегета), сол и црн пипер по вкус,  2 лажици презли, 1 лажица мелен црвен пипер, 1 јајце, 6 тврдо варени јајца.

Подготовка

Лукот и кромидот ситно се сечкаат па се додаваат на меленото месо. Се додава и јајцето и останатите состојки. Се заедно добро треба да се измеси. Потоа се растегнува на фолија претходно намачкана со масло. На средината на растегнатото месо се редат варените јајца едно до друго, потоа се витка во ролат. Краевите на ролатот добро завиткајте ги за убаво да се залепат и премачкајте го ролатот со масло. Ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени околу половина час. Штом ќе биде готов, оставете да се олади па сечете на кришки.

x

Check Also

Превкусни медитерански лепчиња

Брз рецепт за (не)домаќинки. Ги обожаваме зашто се приготвуваат брзо, се јадат ...