3 рецепти за колачиња во форма на срца за Денот на вљубените

Три супер идеи да подготвите симболичен и вкусен десерт за Денот на вљубените, и така да ја покажете вашата љубов.

Чоколадни срца

Потребни намирници – 2 јајца, 4 лажици шеќер, 6 лажици млеко, 6 лажици масло, 1 ванилин шеќер, половина ќесичка прашок за пециво, 10 лажици брашно, џем од вишни.

Чоколадна глазура – 100 гр чоколада,  2 лажици масло и 1 лажица млеко.

Подготовка

Измиксајте ги јајцата со шеќерот, потоа додадете ги останатите состојки, освен џемот. Смесата претурете ја во модели со облик на срце и неколку минути печете ги во претходно загреана рерна. Изладените срца поделете ги на половина и премачкајте ги со џем, а потоа повторно споите ги. Истопете ја чоколадата, потоа додадете го маслото и прелијте ги срцата со глазурата.

Срца со марципан и ореви

Полнетите срца со ореви не само што се вкусни туку и го развеселуваат домот благодарение на срце-обликот кој го имаат. Децата едноставно ги обожаваат, па може да ги вклучите и во подготовката (или во декорацијата) на овие прекрасни празнични колачиња.

Потребни состојки

350 грама брашно

200 грама шеќер

1 јајце

200 грама путер

50 грама марципан

100 грама мармалад од кајсии

50 грама сечкани ореви

250 грама чоколаден прелив

Половинки јатки од ореви

Подготовка

Брашното, шеќерот, јајцата и путерот месете ги додека не добиете мазно тесто. Направете топка, завиткајте ја во фолија и оставете ја да се лади 60-на минути.

Размесете го тестото и на набрашнета површина со сукалка развлечете кора со дебелина од 3 мм. Со калап извадете срца и наредете ги во тава обложена со хартија.

Печете 10 минути на температура од 175 степени.

Марципанот изматете го со мармаладот и додадете ги исечканите ореви. Со оваа смеса лепете по две срца.

Готовите колачи премачкајте ги со чоколада и украсете ги со половинка јатка од орев.

Ванилици-срца

Намирници – 200 грама путер или маргарин на собна температура (не смее да биде премек), 2 жолчки од јајца, 100 грама шеќер, 2 ванилин шеќер и 300 грама брашно, калап во форма на срце

Подготовка

Измиксајте го путерот, жолчките и шеќерите, потоа додадете го брашното па рачно замесете го тестото. Не треба да додавате млеко ниту вода. Доколку тестото ви изгледа меко, оставете го во фрижидер 30-на минути, тоа зависи колку путерот ви бил мек. Тестото развелкувајте го тенко на добро набрашнета подлога, а тестото набрашнете го и одозгора пред развлекувањето. Рерната вклучете ја на 180 степени и оставете ја да се грее. Тавчето од рерата прекријте го со мрсна хартија за печење. Со помош на калапчето исечете срца. Калапчето секогаш пред сечење натопувајте го во брашно. На половина од бисквитите издлабете им дупче на средината.

Густо наредете ги бисквитите во тава за печење. Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 10 до 15 минути. Додека едни кекси се печат направете други.

Печените срца премачкајте ги со полнење по желба. Полнењето, кремот или мармаладот, одберете го во црвена боја. Бисквитите кои имаат дупче посипете ги со шеќер во прав, па такви попрашени залепете ги врз полнењето.

 

x

Check Also

Палачинки со домашно костен пире

Уживајте во сите благодети на есента вклучувајќи го и овој фантастичен рецепт ...