8-мартовски речник на цвеќето

Сакате да подарите цвеќе, но сакате да ја знаете и неговата симболика. Цвеќето, на прво место, може да ја истакне својата симболичност во однос на бојата. Воопшто гледано, без разлика на видот на цвеќето, лилаковата боја симболизира нежност, сината – верност, а портокаловата – гордост и животна енергија. Белата е симбол на чистина и невиност, црвена е симбол на љубов и страст, зелена на разбирање и сочувство, а жолтата на љубомора, но и на радост. Секако, за секој вид на цвеќе посебно, во комбинација со бојата, симболиката дава подателна определба.

Лалето во Европа дошло од Персија, и набрзо станува симбол на богатство, раскош, убавина, но и вообразеност. Во својата татковина, Персија, лалето симболизира убавина, вљубеност и чезнеење. На почетокот на 20-от век во Европа му придаваат и љубовна содржина. Поточно, црвеното лале се поврзува со љубов, а жолтото со безнадежна љубов. Розовото лале означува грижа, лилаковото – достоинство, а белото лале – збогување.

Розата е најпродаваното и најподаруваното цвеќе, па во многу култури се вика и кралица на цветовите. Во цел свет е позната како симбол на љубов, страст и убавина. Во стариот Рим и Грчка розите биле украс на куртизаните, па оттука христијанството на почетокот ги отфрла. Сепак, подоцна розата добива углед и во христијанството, но овојпат како симбол на духовна љубов.

Нарцисот е симбол на самовљубеноста, но може да биде и симбол на раѓањето, повторното будење, нов почеток, со оглед на тоа дека овој цвет расцутува меѓу првите. Жолтиот нарцис може да означува и презир.

Мимозата е знак на сигурност и доверба. Мимозата со златножолти цветови симболизира моќ и раскош. Таа е истотака и симбол на љубезност.

Ирисот е симбол на достоинство, слава и храброст. Синиот ирис го поттикнува сонувањето и фантазијата, додека жолтиот означува страст.

Орхидејата е симбол на посебноста. Овој нежен цвет, во согласност со својот изглед, може да симболизира и љубов, рафинирана убавина, романса, еротика и желба за интимност. Може да го подарите на некој кој сака успех во кариерата. Истражувањата тврдат дека постојат од 25.000 до 30.000 видови на орхидеи.

x

Check Also

Започна продажбата на HUAWEI MateBook 14s на македонскиот пазар

Потрошувачите кои ќе го купат уредот до 31 јануари 2022 година добиваат ...