Андреј Папаз Ѓоргиевски, моден дизајнер: Претпочитам да бидам испровоциран од нетипичниот пристап на инспирирање

 

По самата премиера претставата „Тирамису“ изведена на големата сцена на Театар „Џинот“ Велес, Макмода разговараше со костимографот и моден дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски.

Андреј Папаз Ѓоргиевски

Макмода: Кои ти се предизвиците како релативно млад креатор да подготвуваш костими за театарски претстави?

Папаз: Kако моден дизајнер, а воедно и костимограф на успешни претстави до сега, можам  да кажам дека правам спој помеѓу модата и театарот. Секогаш претпочитам да бидам испровоциран од нетипичниот пристап на инспирирање. Предизвик ми е кога пред мене имам проект кој дава можност за истражување,  кога  станува збор за извонредно напишан драмски текст, комплексен, и соработувам сo компактна екипа која има јасна визија. Создавањето на костим не е само парче облека, секогаш повеќе се занимавам со внатрешноста на ликовите, а целокупната слика да биде впечатлива.

Тирамису

Макмода: Од каде ја црпеше инспирацијата за Тирамису? Освен таа имаше и за Интрига и Љубов, ќе можеш ли компарација да направиш?

Папаз: Самата претстава Тирамису укажува во каков свет денес живееме, судирот со баналностите на живеењето наспроти суштината, нашите најмрани тајни и стравови, наспроти она што се прикажуваме. Преку ликовите се изразени карактери кои секојдневно ги среќаваме и сфаќаме дека всушност  се претворивме во машинерија диригирана од луѓе кои заборавиле на вистинските вредности.

Костимографијата има современ израз, каде целата слика е сместена во чисти кроеви на парчиња облека обоени во неколку впечатливи бои, а акцентот е ставен во деталите карактеристичен за секој лик. Тука ќе ги споменам и моите две омилени сцени кои ги обоив во црна и бела боја кои претставуваат едно прекршување во текот на целата приказна.

Компарација не би правел помеѓу овие две претстави бидејќи се работи за различен контекст на самите дела. Но, ете сепак би ги споил со тоа што и во двете претстави преовладува чистината на кројот и елеганција, внимателно воспоставен колорит и суптилната модернизација.

Макмода: Колку се важни костимите во денешно време за да се пренесе пораката од претставата?

Папаз: Ако облеката претставува едно моќно средство за визуелна комуникација, тогаш можеме да замислиме колку пати повеќе ја поседува таа моќ костимот во една претстава или филм. За да се создаде едно добро и комплетно авторско дело потребно е целосно изграден мозаик, тука ќе кажам добра режија, костимографија, сценографија. За мене исклучително важно е да на публиката целосно и биде овозможено уживање и разбирање на претставата. Претставата не би била целосна кога барем еден од овие сегменти би бил пропуштен.

Макмода: Потребна ли е таканаречена магија во создавање на парче облека?

Папаз: Сметам дека задачата на уметникот е да ја искористи својата моќ да воспостави комуникација со широката маса луѓе преку она што го создава, па ако тоа е искрено и оригинално, ќе биде препознаено и признаено. Па би кажал дека магијата на создавањето претставува еден затворен круг, кој започнува од мене, па стигнува до гледачите и повторно се враќа кај мене во вид на впечаток. Всушност театарот сам по себе е магија, така што мило ми е што сум дел од тоа.

 

 

x

Check Also

Стартува есенската WOW распродажба со попусти до 80% во Веро центар

Почнува најголемата есенска распродажба во продавниците во Веро центар во Скопје со ...