Анџелика Јорданова: Создавањето е најубавата игра

Накит и облека во црвен спектар, изработени од младата дизајнерка Анџелика Јорданова, беа претставени во „МКЦ клуб“ во Скопје.

andzelika izlozba

Неверојатно чиста енергија зрачат парчињата накит создадени за изложбата „Забранети бои“ на Анџелика Јорданова. Ретко се случува нечие дело да ве освои на прв поглед. Токму тоа многу едноставно се случува со креациите на младата дизајнерка. Минималистичката подготовка, едноставните линии, непосредната релација со природата и силниот импулс на црвената боја се основните карактеристики на колекцијата претставена на петтата самостојна изложба на Јорданова. Инспирацијата од јапонската култура и традиција го дава неопходниот духовен момент. Вкупниот амбиент на поставката е дополнет со низа фотографии од Анита Палческа и избор на јапонска музика, за отворањето на изложбата направен од Ненад Стефановски.

Анџелика, Анита и Ненад

Анџелика, Анита и Ненад

За каков тип/ карактер на девојка/жена во духовна смисла се наменети вашите дизајни (едноставна, скромна, бунтовна, екстравагантна)?

Духовно разбудена… со креативен дух… и со внатрешна естетска потреба.

Со вашата петта самостојна изложба се претставивте со уникатна колекција накит и парчиња облека инспирирани од јапонската култура. Кој беше мотивот што во потрага по инспирација ве однесе на далечниот Исток?

Извесен период несвесно ме влечело да се воодушевувам од музиката, филмот, фотографијата, која доаѓа од Јапонија. Додека, благодарение на мојот татко Роланд, од многу мала паметам дека се воодушевував од мистичноста, културите и уметноста на далечниот Исток. Се’ е рефлексија, сублимат… на луѓето околу мене.

andzelika 4

Зошто „Забранети бои“? Дали сметате дека црвената боја пресилно го доловува карактерот на жената?

Или „Forbidden colours “, по истоимениот текст на Дejвид Силвијан и композиција на Ричи Сакамото. Насловот спонтано се вклопи со емоцијата, чувството кое ме следеше во процесот на креација. Црвената боја е доминантна и симболизира ново раѓање, љубов… и совршено ја отсликува духовната страна на жените кои ги познавам.

andzrlika 6

Како тече креативниот процес на создавање одредено парче облека или накит – што се појавува прво – идејата или материјалот?

Идејата е прва, а потоа следува „потрагата“ по соодветен материјал кој најблиску ќе ја долови замислата. Создавањето е најубавата игра, бидејќи и самата, понекогаш, се изненадувам и спонтано се надоврзуваат уште многу идеи.

andzelika 8

Што за вас претставува поле за експеримент бидејќи дипломиравте археологија, ја сакате природата, не се ограничувате само на накит или само на облека?

Сакам да правам и создавам повеќе убави нешта, не се ограничувам, туку само медиумот за изразување се менува. Ме влече театарот, завршив и театарска сценографија, сакам да декорирам, разубавувам, менувам простори, ентериери. Тоа е прекрасен креативен хаос составен од повеќе интереси.

andzelika 7

На изложбата „Забранети бои“ беа изложени серија фотографии на Анита Палческа кои во концептуална смисла ја доградуваат вашата поставка. Од кога започна вашата соработка?

Нашата соработка започна сосема случајно и спонтано на изложбата на мојата претходна колекција. Потоа соработувавме неколку пати и излезе дека сме компатибилен тим и се надополнуваме.

andzelika 5

Лично, каков повратен импулс добивте со изложбата „Забранети бои“?

Импресиите се уште не ми стивнуваат. Добивам убави зборови и голема поддршка. Разменивме убава енергија со сите луѓе кои ја посетија изложбата. Моите очекувања беа надминати.

Тони Димков

фотографија: Анита Палческа

x

Check Also

Тага во модниот свет: дизајнерот Кензо Такада почина од коронавирус, ќе го паметиме по моќта на цветниот принт

Јапонскиот дизајнер Кензо Такада почина на 81-годишна возраст од компликации на коронавирусот. ...