Балканско-европска турнеја на „Работи за кои не зборуваме“

Македонскиот народен театар и Wonderland Theatre со претставата „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, од 30 ноември до 27 декември патуваат на балканско-европска турнеја.
Гостувањата започнуваат со Р Србија, во Центарот за културна деконтаминација, Белград. Еден од атрибутите на ЦЗКД, е способноста за брзо реагирање на актуелните општествени феномени, при што ги артикулира одговорите на проблемите и прашањата што се појавуваат секојдневно, односно проблемите со кои се занимава и претставата.
По изведбата во Белград „Работи за кои не зборуваме“ ќе гостува во Народниот театар, Битола, а потоа следи патувањето во Р Полска и театарот во Радом (Teatr Powszechny Im. Jana Kochanowskiego). Театарот опфаќа многу широк спектар на оригинални изведби, класични дела изведени во традиционална и помодерна форма, мјузикли, интимни современи претстави, наслови наменети за младата публика како и андерграунд-сцената која е посветена на современата драматургија, како и на оригиналните и експериментални перформанси.
Кон втората половина на декември претставата ќе се одигра на фестивалот Денови на Јурислав Корениќ во Камерен театар 55 Сараево, Босна и Херцеговина, а актерската екипа: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски, патувањето го завршува во нашата земја со гостувањето во Народниот театар „Ацо Шопов“ во Штип.
„Работи за кои не зборуваме“ е креирана според вистински приказни и сведоштва на актерите, како и на интимни животни искуства на разни лица. Изобилува со многу емоции кои произлегуваат од самиот текст, а поединецот слоевито ги препознава стравовите, тагата, болката, траумите и празнините на сопствената душа.
Претставата носи силна порака за сите премолчени животни премрежја, трауми и трага по суровата вистина од која сите ние многу често се плашиме.
Премиерно беше изведена на 16 октомври и за краток период ја освои театарската публика.
x

Check Also

ОУ „Григор Прличев“ од Охрид со поддршка на Халкбанк доби сензорна градина наменета за ученици со попреченост  

Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид, ја доби првата сензорна градина во ...