Бојан Чунгурски

Бојан Чунгурски: Успешноста на „Шустер“ е во уникатни дизајни, врвни материјали и пристапни цени

Успешната приказна на македонската модна марка за обувки „Шустер“ датира уште од  далечната 1885 година, со првите почетоци на чевларскиот занает во Македонија. Претставникот на шесттата генерација производители на чевли, Бојан Чунгурски, ни раскажува за интересните почетоци на денес препознатливиот бренд, и за тоа како се градела традицијата на чевлите кои денес се продаваат под оваа марка.

„Нашата традиција почнува од 1885 година , според податоците кои ги имаме добиено од Музејот во Куманово, кога првиот чевлар, што го знаеме ние, Ѓорѓи, во тоа време почнал да носи кожи и да ги прави првите обувки. Нема точни податоци од каде ја носеле кожата, но сигурно целиот процес бил многу потежок во тоа време“, не воведува во семејната  чевларска приказна Бојан Чунгурски.

Следувало отворање на дуќан кој бил меѓу првите чевларски дуќани во Куманово, а се наоѓал на денешниот кумановски плоштад.

Синот на Ѓорѓи е претставник на втората генерација на производители на чевли, а третата генерација ја претставува Славко Георгиевски, кој во 1947 година станал главен мајстор и ја продолжува семејната традиција. Бранко, син на Славко, како претставник на четвртата генерација го модернизирал процесот на производство и создал врвни модели на чевли во тогашна Југославија. Тие се дел од основачите на кумановскиот познат бренд за чевли „ЧИК“ Куманово во 1965 година.

„Чик Куманово всушност настанал како одговор на кокуренцијата која доаѓала од странство. Во тогашно време, на овие простори, веќе влегла марката „Бата“, која претставувала закана за македонските произведувачи на чевли. Па така, занаетчиите од Куманово и околината, за да го спасат својот занает и за да се одбранат од конкуренцијата, одлучиле да се здружат и да оформат силна модна марка. Така настанал чевларскиот индустриски комбинат Чик Куманово, кој подоцна броел околу 3.800 вработени“, објаснува Бојан.

Дедото на Бојан, Бранко, работел како моделар на чевли, а потоа станал и главен технички директор на „Чик“ Куманово. Во 1978 година, тој е награден со „Златна чевла” за извонредна елеганција и квалитет на саемот за чевли во Загреб. Во 1990 година, пред осамостојување, Бранко ја отворил својата мала работилница, која денес е позната како Schuster (Шустер). Него го наследува синот Зоран, како претставник на петтата генерација од семејството и денешен директор и главен дизајнер, додека Бојан Чунгурски е претставник на шестата генерација производители на чевли.

Младиот Бојан, кој исто така израснал со чевларскиот занает, донел нова енергија и свежи идеи во оваа успешна чевларска приказна.Дел од нив е и првата македонска интернационална онлајн страна преку која се продаваат чевли низ целиот свет.

На полиците на „Шустер“ сега се присутни моделите од летната колекција. Сите се трендовски, кожени, квалитетни, а цената им е многу пристапна. Интересно е што секоја недела колекцијата се надополнува со уште најмалку три-четири нови модели.

„Постојано правиме нови модели и ја надополнуваме летната колекција која на почетокот на сезоната беше лансирана со 30-на женски модели и повеќе од 20 машки модели на чевли. Се покажаа како голем хит кожените папучки во впечатливи бои и со интересни принтови, со кожена постава. Всушност, кожената постава е препознатлива за нашата марка, зашто ја воведовме уште пред петнаесеттина години“, додава Бојан.

Според  Бојан, успешноста на марката „Шустер“ е и во изработката на уникатни дизајни, комбинација на врвна кожа и комбинација од различни материјали. Потоа, тука е и соодветниот избор на бои кои дополнително ги разубавуваат моделите, и секако, прифатливата цена на чевлите кои се движат од 2-илјади до 7-илјади денари.

 

x

Check Also

Bershka ни носи неколку модели на популарните „старки“

Во есенската колекција на Bershka се најдоа неколку модели на многу интересни „старки“, ...